Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Жителите на 10-тина куќи на крак на улица Биљановска, во населба „Јане Сандански“ бараат да се поправи улицата.
Тие велат дека пред 4 години за изборите добиле ветување дека на улицата ќе се постават бекатон плочки, па уште чекаат.
„Градоначалникот пред изборите вети дека ќе се направат сите или ниедна улица, а сега гледаме дека се прават селективно. Неофицијално дознаваме дека нашата улица нема да се прави затоа што е во приватна сопственост. Но, ние имаме сознание дека други улици кои имаат проблеми со сопственоста се направени“, вели Раде Ристиќ, жител на улицата.
Токму селективноста е она што ги револтира жителите на ова улица, бодејќи следната уличка до нив веќе е покриена со ризла, а се мести бекатон на улицата отспротива. Неколку пати барале средба со надлежните, но не наишле на прием кај некој од одговорните лица.
Проблемот е во тоа што во најголем дел патот е во сопственост на нивен сосед, па затоа им е потребна помош од Општината. Тие се сложни да потпишат нотарски договори и да се откажат од својот дел од имот за да се најде заедничко решение.
„И неговото семејство ги има истите проблеми како сите ние, ама не сака да се откаже од сопственоста. Тој има оставено само 2 метри ширина, а потребни се 4 метри широчина. Тоа би било доволна површина за разменување на два автомобили“, објаснува Зоран Илиевски.
Жителите велат дека не им е јасен игнорантскиот однос на Општината, затоа што со поставена електрична, водоводна и канализациска мрежа, локалните власти немаат дополнителна работа и инвестиција освен подготовка на теренот и местење на плочките.
Неодамна во посета на населбата била претседателката на советот Ивана Ѓорѓиевска, која немала охрабрувачки пораки за ова група на граѓани, иако признала дека не е сигурна дали таа уличка ја има во програмата.
Се работи за уличка со должина од 100 метри, што практично значи дека во прашање се 400 м2 бекатон. Адресата е улица Биљановска, но куќите се уште не се нумерирани. На улицата се изградени нови куќи, со средени и поплочени дворови и зеленило. Ги имаат сите услови, но само до влезовите. Понатаму газат кал, дишат прав и никако не смеат да ги пуштат децата да се играат на улица.
Во текот на зимата, кога е дождливо време или има снег екипите на ЈП „Чистота и зеленило“ не го изнесуваат сметот од пред куќите, иако плаќаат цела година. Сите куќи се легализирани, си плаќаат комуналии и даноци, но немаат услови за урбано живеење. Неколку пати годишно во сопствена режија фрлаат ризла и чакал на улицата, но тоа е само привремено решение кое исчезнува по првиот дожд.