Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Станарите на зградите од „Водовод“ до „Нико“, синојка уште еднаш потврдија дека се против воведување на Б зоната во нивната населба, бидејќи сметаат дека тоа нема да го реши проблемот со паркирањето.
Тие не прифаќаат да плаќаат повластена цена од 1800 денари годишно без да им се гарантира сигурно паркинг место, предлог кој им бил понуден на претставниците на станарите на состанокот со првите луѓе на ЈП „Куманово-паркинг“ и Општина Куманово.
„Одлуката ја донесоа граѓаните и ние за исходот ќе го известиме градоначалникот . Ни беше кажано дека ќе се послуша гласот на народот и ни ветија дека ќе ја повлечат точката од Советот, во спротивно ќе организираме протести. Ние побаравме да биде воведена Б зона, меѓутоа резидентите да бидат ослободени од плаќање, како што е случај во скопските општини Карпош, Центар, Аеродром и др. Ни беше кажано дека тоа е невозможно и дека ако не прифатиме платен паркинг друга опција е да ни остане, како што тие велат, хаосот како што ни е сега“, изјави Борис Тасевски, од одборот на станари.
На состанокот било кажано дека во новата зона Б ќе се исцртаат 440 паркинг места, а на тој простор има 630 станови и над 700 возила.
„Значи нема доволно место ни за нас станарите, а не за другите коишто доаѓаат од страна. Не е решение ние да плаќаме, а некој од страна да паркира и да ги зафаќа нашите места. Доколку оваа зона биде поевтина од другите, тогаш ќе се стимулира и другите да доѓаат овде да паркираат. Ние бараме да си остане како досега и да си живееме во „хаосот“ како што било кажано на состанокот. Овде има место за сите и ние никогаш не сме барале Б зона, ниту да плаќаме паркинг. Кога ќе го средат центарот на градот и селективното плаќање паркинг во другите делови на градот, тогаш нека дојдат кај нас ние нема да се буниме“, порача кумановката Милка Б.
Станарите се револтирани што надлежните ништо не преземаат да го подобрат квалитетот на живеење во нивната населба, како што е уредување на зелените површини, хигиената, бучавата, загадувањето, а единствено што прават е наметнување на нови давачки. Над 70 отсто од нив веќе потпишале петиција со која потврдуваат дека не го прифаќаат новото сообраќајно решение.
„Целта на нашата петиција не е на Општината да и покажеме дека сме против воведување на паркингот, туку дека ние станарите од „Октомвриска револуција“ сакаме заеднички да донесуваме одлуки. Не сакаме да ни се наметнат решенија преку ноќ, туку да се слушнат и нашите предлози, заедничко да го креираме урбаното живеење, кое ќе биде прилагодено на нашите потреби“, вели Стефан Насковски.
На состанокот било предложено Општината пред да го воведе новото сообраќајно решение да ги прошири паркиралиштата и да изгради нови подземни или катни гаражи на неколку локациите како што се: зад гостилница Жмара, Табакана, нивите кај Ореов лад и кај Житомел, но било речено дека тие места се за друга намена.
Додека станарите уште преговаараат, точката за воведување на Б зоната веќе е ставена на дневен ред на седница на Совет која ќе се одржи во четврток. Тие добиле ветување од неколку политичките партии дека ќе ја поддржат нивната иницијатива и ќе гласаат против предлогот на Општината да се прошири зоната за паркирање, во спротивно најавуваат ќе ја блокираат улицата „Октомвриска револуција“.
Жителите се револтирани што надлежните сакаат нивната граѓанска инцијатива и борба за нивните права да ја претстават како политички мотивирана.