Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Со сослушување на двајца сведоци на одбраната, денеска во Основниот суд Куманово продолжи судењето на Вангелица Илиевска (36) од Кратово, обвинета за двојно убиство со умисла на сопругот и свекорот, во нивната куќа во Кратово.
Според обвинението, Илиевска на 13 јуни лани, во 21.30 часот, во семејната куќа во Кратово при трпење семејно насилство со умисла ги убила сопругот Јован и свекорот Стојан. Пред судот, Илиевска кажа дека не го прифаќа обвинението за убиство со умисла, туку кажа дека дејствувала во самоодбрана.
На денешното рочиште сведочеше таткото на обвинетата и поранешна сосетка на семејството Илиевски во Кратово. И двајцата потврдија дека Вангелица била жртва на семејно насилство, но останала со сопругот поради децата.
„Бев сведок на еден немил настан. Бев на терасата и видов кога Јован ја ритна Вале и таа падна, а потоа ја удираше со раце. Кога ме виде мене на балконот ја грабна и ја внесе во собата. Еднаш ја видов целата со модринки по лицето, ја прашав што не си замине од бракот, но таа кажа дека не ѝ ги даваат децата. Десетина пати сум слушала расправии и караници од нивната куќа“, кажа сосетката Лидија Г., која ја опиша обвинетата како посветена мајка, грижлива и педантна жена, која си го гледала семејството.
Таа кажа дека кога го видела насилството врз Вангелица, влегла во куќата потресена и на партнерот му кажала што се случува и предложила да пријават во полиција, но тој ѝ рекол да си ја гледа својата работа и да не се меша и интересира што прават комшиите.
Таткото на обвинетата, Димче Караиманов, рече дека тој од почетокот бил против брак на ќерка му со Јован затоа што бил настабилен, пиел, а потоа почнал и да ја малтретира. Кога се земале, 4 години живееле во неговата куќа во Бутел, а потоа се преселиле кај неговите родители во Кратово. Вангелица постојано се жалеле на Јован, ама не сакала да го остави заради децата.
„Пеколно беше за неа во Кратово, тоа не беше живот. Постојано ја малтретираше физички и психички. Тепање, мавање цело време. Еднаш премногу ја претепал, па таа го пријавила и полицијата со кола ја донесе кај нас дома. Седеше 3 дена и тој се јави и ја молеше да се врати, немало кој да ги чува децата. И таа се врати. Иако јас ја охрабрував да го остави. Не ме слушаше, само заради децата остана во бракот. Ни душман не му посакувам да има таков брак“, кажа таткото пред судот и се расплака, потоа додаде дека кога го прашувал зетот зошто ја малтретира ќерка му, тој му кажал дека жената е за тепање.
Вечерта кога се случили двојното убиство, Вангелица била на горниот кат на куќата, во дневната соба дошол нејзиниот сопруг и започнале вербална расправија, а потоа физички ја нападнал удирајќи ја со тупаници по главата и телото. Во моментот кога со рацета ја фатил за вратот, таа пружила рака и од кујната зела нож, со кој му нанела два убода во пределот на градите и стомакот. Додека нејзиниот сопруг сè уште стоел на нозе и се борел со неа, во собата влегол нејзиниот свекор и обвинетата со истиот нож двапати го пробола во пределот на градите и срцето. По добивање на втората убодна рана, тој се одалечил неколку чекори и паднал мртов. Вангелица продолжила да се бори со сопругот во ходникот, успеала да се отргне од него и се вратила во кујната и зела друг нож, го пробола во грбот, по што тој починал. Поради тоа се товари дека извршила кривично дело двојно убиство со умисла.
Нејзиниот адвокат Кристијан Георгиевски од Куманово вели дека ќе докаже оти Илиевска делото го сторила во нужна одбрана, бидејќи повеќе од 10 години била жртва на семејно насилство, а теророт на физичко и психичко малтретирање од сите членови на семејството го трпела само поради децата. Тој наведе дека во целиот случај затаиле и институциите, бидејќи иако повеќепати барала помош од полицијата и Центарот за социјални работи, никој не ѝ помогнал.
На обвинетата ѝ е продолжен куќниот притвор. Следното рочиште е во април.