×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Змии шетаат по запуштените јавни површини нa „Октомвриска“

    29.06.2022 14:38 | Сузана Николиќ

    Змија долга повеќе од еден метар синојка ги исплаши станарите од зградата бр. 21 на булеварот „Октомвриска револуција“ во Куманово. Околу 19.30 часот додека група деца се играле во дворот, од една од грмушките излегла змијата и се сокрила под автомобилите. Испаничените деца ги повикале родителите, кои се организирале да ја најдат.

    Змии шетаат по запуштените јавни површини нa „Октомвриска“

    „Змијата се сокрила во бандажот на задното тркало на автомобилот. Морале да ја извадат раткапната за да ја најдат. Се работи за змија шарка и беше поприлично долга“, раскажуваат соседите.

    Ова не е првпат во овој дел на градот да шетаат змии, бидејќи јавните зелени површини околу зградите се запуштени и обраснати во висока трева.

    „Овде е џунгла, нема што нема. И минатата година овде најдовме змија, а имаше и преку улица кај зградата на Стокомак. Кога ќе почнат високите температури тие излегуваат од тревата и шетаат во бетонот. Се сомневаме дека има гнездо и ќе полегнат јајца, па нема да можеме да излеземе од дома. Тука има грмушки и жбунови, високи дрвја со гнезда од птици и гулаби, од кои се хранат. Се плашиме дека ќе ни влезат и во подрумите и во становите. Не знаме дали се отровни ама стрес е само што ќе ги видиш“, раскажува нашата соговорничка Г.Н. 

    Околу зградите од потегот на „Жмара“ од „Мај маркет“ има повеќе јавни површини, но ниту една не е уредена. Пред две години токму жителите од зградата 21 направија барање и петиција до Општина Куманово да се уредат парковите меѓу нивната и соседните згради, и да се пошуми запуштениот простор покрај реката. Со тоа ќе се оплемени крајбрежјето со зеленило за почист воздух, ќе се направи заштита од дрвја од поплави, и ќе се добие простор за рекреација и одмор на сите жители и децата. Општина Куманово никогаш не одговори на тоа барање, ниту пак се сретна со иницијаторите, иако имаше неофицијални најави дека предлогот ќе  се стави во годишната програма.

    „Плаќаме комуналии и очекуваме да имаме пристојни услови за живот. Не сме во планина од змии да се браниме. Нека се освестат вработените во Општината и во наделжните јавни претпријатија за кого постојат и кој ги плаќа. Не се зелени површини во градот само градскиот плоштад и кружниот тек со кои се фалат. Нека споделат слики од другите јавни површини да видат луѓето на што личат. Се сеќаваат ли што ни ветуваа за избори, или заборавија, каде се сега да ги реализираат“, вели револтирано М.Б.