Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Две змии се заловени оваа пролет во Куманово, едната од багажник на автомобил, втората во влез на стамбена зграда на булеварот Октомвриска револуција. Змиите ги заловиле од приватна фирма „Плант медика“, која е и единствена во државата која ја пружа ваква услуга на граѓаните.
Во просек, на годишно ниво се заловуваат од три до пет змии во Куманово, но ова бројка некогаш може да биде и двојно поголема, зависно од временските услови, и изнесува до 10 интервенции во сезона. Оваа година има наплив на змии повеќе од вообичаено поради топлото време и бујната вегетација.
„Најчесто добиваме повици од приватни куќи, многу поретко во колективни стамбени згради. Се пријавува дека се видени во дворовите, подрумите, гаражните простори, генерално онаму каде што можат да се скријат, во што се особено вешти. По пријавата, додека да дојдам до локацијата се губат и по неколку часа, змијата во 70 посто од случаите веќе е скриена, па некогаш и покрај напорите не можам да ја најдеме. Затоа се поставуваат механички стапици, лепкови“, објаснува Владимир Димковски, сопственик на фирмата и единствениот кој го спроведува заловувањето, и додава дека заловените змии ги пуштаат во природа.
Toj вели дека змиите доаѓаат таму каде што наоѓаат храна, затоа е потребно да се изврши дератизација против глувци, со што би се пресекол ланецот на исхрана. Влекачите доаѓаат само кога бара засолниште и во најголем број од случаите храна. Кога веќе е чист просторот постои можност за поставување на репелнти кои ги одбиваат да се завлекуваат на места каде живеат и работат луѓето.
Димовски поседува сертификат за заловување на животни од Ветеринарниот факултет во Скопје, а конкретно за змиите и останатите влекачи поминал обука во САД, затоа што во Македонија не постои институција која врши обука и издава такви уверенија. Неговата опрема се состои во соодветни чизми, ракавици кои змијата не може да ги пробие со забите и стапови- фаталки.
Нивниот број е регистриран и во Центарот за управување со кризи, па и службите од таму упатуваат граѓаните да се јават без да објаснат дека таа услуга ќе мора и приватно да ја платат.
„Трошиме свои ресурси, опрема и време за да пружиме услуга која на крајот ќе мора да ја наплатиме. Ние сме приватна фирма, исплатливоста е императив во работењето. Можеби би требало да почне да се мисли како заловувањето на змии да биде ставено во формален договор, како на пример за заловување на улични кучиња. Или пак во ДДД ( дезинфекција, дезинсекција, дератизација) договорите кои се склучуваат меѓу институциите и нас, даватели на одредени услуги“, истакнува Димковски.
Во јавноста се јавуваат дилеми каде да се обратат граѓаните во такви случаи, но во државата не постои инстиуција или служба за заловување на влекачи. Ветеринарно- сточарскиот центар „Тодор Велков“ во своето делување никогаш немал таква служба, иако работат со сите други животни.
Често загрижените и испаничени граѓани се јавуваат и во противпожарната служба.
„Територијалната противпожарна единица не одговара на такви повици, ниту пак има законска можност и обврска за тоа. Нашите луѓе немаат опрема и не се обучени за такви интервенции, не знаеме ни да распознаеме која змија е отровница, а која не. Тоа се причините поради кои не се испраќаат на терен во такви ситуации, не можам да ја загрозам безбедноста и животите на колегите со нешто за што немаат соодветно познавање и обука. По тоа прашање се исти како и било кое цивилно лице“, одговори Деан Илевски, командир на ТППЕ Куманово.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) апелираат до граѓаните да внимаваат при прошетки во природа, поради присуство на змии.
Оттаму велат дека змиите најчесто бегаат од луѓето, но доколку бидат вознемирувани или случајно нагазени или наседнати тогаш може да нападнат и да каснат.
Во такви ситуации да се побара помош на бројот за итни случаи 112, по што ќе бидат поврзани со Итната медицинска помош.
(Фото: Плант медика)