Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
ЗСПК „Козјак“ од Куманово, денеска прославува 40-годишен јубилеј од континуираниот развој на планинарството, голем број спроведени акции, планинарски дружења и стекнати признанија, што ќе го одбележи со свеченост во Клубот на воени старешини, со почеток во 19 часот.
Основањето на ЗСПК „Козјак“ датира од 26.11.1967 година, кога за прв претседател е избран Александар Ралиќ, и функционира се до крајот на 1968 година, по што бил ставен во мирување.
На 7 април 1982 година, 10-тина ентузијасти-љубители на природата и планинари го обновуваат планинарскиот клуб на состанок на Претседателството, на кој за претседател е избран Јовица Поповски, за секретар Виолета Крстевска, а за благајник Бранко Ивановски. На овој состанок се формираат и работните тела на клубот, а се носи и програма за работа со календар за организирање на планинарски акции и маршеви.
Првата акција на „Козјак“ била изведена веднаш по консолидирањето, односно на 17 април 1982 година, на релација Пелинце-Прохор Пчињски, а на маршот учествувале 6 планинари.
„Од тогаш па се до денес, ПК „Козјак“ функционира плански и по програма на спортски и рекреативен план. Низ годините клубот брои се повеќе членови, реализирани планинарски маршути и искачување на врвови. Во 1984 година добива и прв планинарски дом во селото Малотино, чиј домар е Момчило Јакимовски, а кој работи секој викенд се до 13.09.2011 година, кога беше опожарен и изгоре до темел“, велат од ЗСПК „Козјак“.
Во духот на времето, во својот растеж Клубот се соочува со нови предизвици, реализира бројни работни акции, пошумување, спортска ориентација итн. Во 1996 година добива нов планинарски дом во село Дејловце, кој го носи името на почесниот претседател Појак Калман и кој функционира се до 2010 година кога државата го презема во нејзино владеење. Но, во 2002 година, „Козјак“ се стекнува со трет по ред планинарски дом во селото Длабочица, кој работи и функционира веќе 10 години.
Во својот 40-годишен развој, ова планинарско друштво има добиено бројни дипломи и благодарници за учество во акции, маршеви, маратони и спортски натпреварувања во ориентација. Во 2000 година ја добива Ноемвриската награда на Општина Куманово, а во 2002 година е прогласен за најмасовен планинарски клуб, кој располага со лиценцирани водачи на планина и лиценциран маркацист.
По повод јубилејот, на вечерашната свеченост ќе биде презентиран 40-годишното опстојување и функционирање на ЗСПК „Козјак“, а ќе им бидат доделени и благодарници и признанија на заслужни и истакнати членови. На 10 април, пак, за првпат ќе се спроведе рекреативна планинарска акција на новата маркирана патека Биљановце-Борови-Студена Вода и обратно.