×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Дали погрешно го читате вашиот дневен хороскоп?

    06.07.2021 05:31 | KumanovoNews

    Мунданата астрологија зазема се` посериозен замав во секојдневието на луѓето. Зошто е тоа така?

    Дали погрешно го читате вашиот дневен хороскоп?

    Модернизирањето на апстрактната, древна наука го условува нејзиното банализирање и поедноставување. Комплексните астрофизички феномени се заменуваат со полесно разбирливи симболички толкувања и тоа поедноставување трае со години, додека конечно не дојде до степен кога најголем број од луѓето го знаат својот “хороскопски знак“, но во суштина не знаат што тоа значи.

    Хороскопскиот знак навлезен како тема за разонода во поп-културата, во астролошки рамки ја означува позицијата на Сонцето на вашиот ден на раѓање. Созвездијата од нашата перспектива на Земјата стануваат “домаќини“на Сонцето.

    На пример, доколку вашиот роденден го славите на Први мај, освен што државата ви подарува слободен, неработен ден, вие како подарок од универзумот го добивате Сонцето во соѕвездието Бик.

    Што значи тоа? Античките цивилизации на различните соѕвездија им давале име и симболичност според формата на поврзаните ѕвезди, но и според актуелните случувања во тој период од годината. Во периодот кога Сонцето го изминува соѕвездието Бик, на Земјата започнува вистинското пролетно затоплување. Луѓето имаат повеќе енергија, повесели се и аналогно на тоа – поубави, похаризматични, потопли. Затоа, карактеристиките, кои Бикот како астролошки архетип ги развил, се природен шарм, топлина, добродушност и неверојатна привлечност, меѓу останатото.

    Од друга страна, подзнакот, или со коректниот астролошки термин – асцендент, многу неславно ја доби улогата на “второ лице“ во поп-културата.

    Во суштина, подзнакот го означува соѕвездието кое “изгревало“ на источната страна од хоризонтот во моментот на раѓање, а математички ја означува првата астролошка куќа во наталната карта. Симболички, карактеристиките на тоа соѕвездие стануваат карактеристики на вашата личност, бидејќи вашата прва куќа во наталната карта ве претставува лично вас.

    Третата важна астролошка компонента, која зеде замав во модерно време, е позицијата на Месечината, која што,исто така, доби нецелосно толкување. Месечината не е огледало на вашите чувства, просто речено, туку го претставува целиот ваш ментален, внатрешен свет, како и врската со вашата мајка. Како небесно тело што ги минува сите соѕвездија најбрзо, Месечината е најсоодветен претставник на комплексната психолошка природа на луѓето, вклучувајќи ги и инстинктите, процесирањето на чувствата, нивото на ментална хигиена, нивото на емпатија или отстуство од истата итн.

    Сите внатрешни планети ја проектираат својата космичка енергија директно врз личноста и затоа сите се подеднакво важни, но асцендентот или подзнакот е најважен за толкувањето на наталната карта, како и за најправилната слика од мини-хороскопите достапни онлајн.

    Моментот кога сте се родиле ја прави вашата натална карта подиум на кој ќе ја играте играта на животот. Некаде подиумот е мазен и лесно се движи, некаде има дупки и мора да внимавате како газите – така во вашата натална карта имате прекрасно позиционирани планети кои ви праќаат позитивна енергија и елан, како што и имате астролошки полиња кои содржат негативни аспекти, кои ја блокираат позитивната енергија.

    Вашето Сонце, односно знакот во кој што се наоѓа вашето сонце е во одредено поле од наталната карта и не е претставник на вашето живеење како единка, туку е претставник на вашето его, вашата креативност, вашето срце.

    Некогаш планетите кои транзитираат ќе го допрат или ќе направат одреден агол со вашето натално Сонце, но тоа не се случува секогаш. Затоа е важно при читање на вашите хороскопи да го правите тоа водејќи се, најпрвин, според подзнакот кој дава јасен приказ за транзитирањето низ различните животни полиња и нивното активирање. Потоа можете да го проверите и хороскопот за Месечината, доколку сакате да знаете како претстојниот период психолошки ќе ви се одрази на вас, па и за Сонцето доколку сакате да знаете како да ја искористите или заштитите вашата виталност.

    Астрологијата е стара наука и како таква, претставува бесконечен извор на податоци, симболизми, поврзувања, нови шеми и толкувања, но како добри Учители, ние, засега, ќе ве оставиме во добро расположение и ќе чекаме знак од ѕвездите за да повторно ви отвориме портал кон тајните сознанија на вселената.

    Дотогаш, пијте вода (за да може Месечината да ви направи плима на серотонинот), останете во добро расположение и подгответе ги тетратките за следната Кумановоњуз астро-лекција.

    Сара Ѓорѓиоска