Како седењето може да го продолжи вашиот живот

17.09.2021 10:22 | Сара Ѓорѓиоска

Повеќе од јасно е дека пролонгираното секојдневно седење во никој случај не влијае добро на вашето целокупно здравје. Кога поминувате големи делови од денот во седечка положба, ја скратувате можноста на вашите мускули да го прават она за кое што се специјализирани – движење. Последиците од таквиот вид одмарања се, во најмала рака непријатни, почнувајќи од лошото, искривено држење, па завршувајќи со збунетоста и лошото расположение. Циркулира и идејата дека пролонгираното седење може да ја ограничи способноста на жените да забременат, што е исто така лоша вест.

Како седењето може да го продолжи вашиот живот

Но, сепак, повремениот одмор е неопходен во физички исцрпни ситуации, а според експертите и научното истражување објавено во Европскиот весник за превентивна кардиологија, постои специфичен начин на седење, кој всушност се поврзува со зголемување на просечниот животен век на луѓето.

Станува збор за одредени географски предели познати како “сини зони“, кои ги воодушевуваат научниците уште од 2005 година, кога за првпат National Geographic ги презентира на пошироката јавност. Сините зони се дефинираат како мали региони надвор од познатите цивилизациски парадигми, чии населенија ги маркира необично долгиот животен век, во споредба со просечниот животен век на другите луѓе. Терминот “сини зони“ е првпат употребен од истражувачот Ден Буетнер, новинар чија кариера се заснова на проучување на луѓето со најдолги животни векови. Во неколку од неговите интервјуа, Ден потенцира дека неговите први заклучоци при набљудувањето на луѓето со подолг животен век биле поврзани со начинот на кој што тие седат. 

„Најстарата жена во историјата на светот живееше во Окинава и од лично искуство можам да потврдам дека луѓето таму седат на подот“, објаснува Ден во неговото интервју за Well+Good. Тој додава дека поминал два дена со 103-годишна жена и ја набљудувал како седнува и станува од подот околу 30-40 пати дневно, што е завидна физичка активност маскирана во одмор.

Кога седите на подот наместо на столче, вие активирате многу повеќе мускули, ја подобрувате вашата еластичност и поради тоа што не ви е најудобно – не поминувате голем дел од денот во седење.

Погоре споменатото истражување објавено во Европскиот весник за превентивна кардиологија се фокусира на еден фитнес-тест, чии резултати наводно се поврзуваат со животниот век на луѓето. Тестот е познат како “седнување и станување“ и се состои од седнување на подот со прекрстени нозе, при што не смеете да се придржувате со рацете. Ако успеете да станете без поткрепа од
вашите раце, колена или трет фактор, сметајте дека успешно сте го поминале тестот. Колку повеќе ви е потребна помош од вашите екстремитети, толку повеќе поени губите.

Според истражувањето, спроведено на повеќе од 2.000 испитаници, луѓето кои имаат лоши резултати на овој тест имаат шест пати поголема веројатност за прерана смрт отколку оние кои успешно го минале тестот.

Во официјалната презентација на исходите од истражувањето, д-р Клаудио Гил Араухо потенцира дека флексибилноста, координацијата и активното ангажирање на мускулите се важни здравствени фактори, кои играат огромна улога во квалитетот, но и долготрајноста на животниот век.

Ова значи дека повременото седење на подот, како и честото станување можат да ја подобрат вашата здравствена состојба и директно да влијаат на продолжувањето на вашиот живот.

 

2008 - 2021 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk