Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Секоја сезона доаѓа со свои обележја, секој месец со свои случувања и секое лето со хит бои по кои пријатните топли денови ќе останат во долго сеќавање. Модните трендови можат да останат незабележани и прескокнати, но боите, без исклучок, секогаш доаѓаат во прв план при првите импресии. Па, кои беа боите кои го обележаа летото 2021?
Небесно сина
Смирувачкиот тон на бојата на мирното, летно небо суптилно го најде своето место во многу гардеробери. Почнувајќи од нежните кошули и завршувајќи со обувките, оваа студена нијанса уште долго ќе потсетува на незаборавните спомени од најтоплото лето, кое веќе изминува.
Бакарно црвена
Оваа земјена боја обично го бара своето место во модните списанија кои ги презентираат своите есенски колекции, но оваа година нешто порано ги обои новите летни модели ширум модните центри. Топлата нијанса како само да стави
акцент на топлото време и кој би сакал да изгледа избалансирано, кога може да изгледа моќно?
Нежно жолта
Светските брендови како Живанши и МиуМиу не заборавија да ја инкорпорираат оваа нијанса во своите ревии, а девојките не останаа имуни на нежната боја која ја прави секоја комбинација заносно романтична. Бојата на диња не само што изгледа вкусно, туку и ги заслади модните летни парчиња подобро отколку канаринско-жолтата.
Бебешко-розова
Романтичната боја која потсетува на љубов, бакнежи и нежности, исто така го најде своето место меѓу топ боите за ова лето. Загасито розовата нијанса ги изнесе на површина софистцираноста и елеганцијата и служеше како потсетник да се ужива во летото полека, без брзање и стрес.
Златна
Боја која асоцира на раскош, амбиција и благосостојба – златната боја оваа година доживеа ренесанса, потиснувајќи ја доминацијата на среброто во последните неколку сезони. Од секојдневните стајлинзи до свечените модни комбинации, златните нијанси заблескаа повторно.