Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Иако староста е нешто на кое треба да му се радуваме, многу луѓе сакаат да останат вечно млади и тоа не е поради искуството или одличните одлуки кои се донесуваат во младоста, туку најглавно поради изгледот на кожата. Не постои магичен напиток кој ќе ја конзервира младоста на лицето, но тоа не се лоши вести, бидејќи магијата е токму во вас. Со помош на неколку совети од дерматолозите, самите можете да се осигурате дека свежиот сјај на вашата кожа ќе ве следи и во зрелите години.
1. Не ги тријте очите
Отсега, кога ќе ве стигне уморот после напорен ден, закочете ги рацете пред да ги истриете очите. Очите, вратот и челото се делови од телото кои најбрзо покажуваат знаци на оштетување на кожата. Триењето може да доведе до пукање на некој од крвните садови, што значи брчкање многу порано од очекуваното.
2. Инвестирајте во добар серум
Не се` што се промовира во денешно време е вистински добро за вашата кожа, но дерматолозите се едногласни во сугестијата дека добриот серум ќе го продолжи животот на кожата. Одберете серум кој содржи активни состојки, како витамин Ц, А или Е.
3. Пијте доволно вода
Дехидрирањето на вашата кожа ќе доведе до побрзо сушење, пукање и нерамномерност на тенот. Освен што водата ви е потребна за нормално секојдневно функционирање, водата е клучен фактор во оддржувањето на здравиот изглед на вашата кожа. Дерматолозите препорачуваат барем осум чаши вода на ден.
4. Не ја заборавајте кремата за сончање
Иако е неопходен производ за летните одмори, кремите за сончање можат да одземат години од изгледот на вашето лице доколку практикувате да ги нанесувате секојдневно. Дерматолозите подолг период апелираат дека кремата
за сончање не е само летен производ, туку неопходна заштита која ви е потребна во текот на целата година и треба да се нанесува пред секое излегување на сонце.
5. Квалитетен сон
Ништо нема да го забрза процесот на стареење како недоволниот сон. Нередовниот распоред за спиење предизвикува зголемено лачење на стрес- хормоните, со што директно придонесува за оштетување на кожата. Освен ова,
неквалитетниот сон може да доведе до депресивни епизоди, апатичност, изнемоштеност и непродуктивност.
6. Смејте се често
Иако се верува дека смеењето ќе допринесе за побрзо формирање и поголема видливост на брчките, не постои поубав човек од насмеаниот човек. Освен тоа, искрените насмевки и позитивниот став со сигурност ќе влијаат на квалитетот на вашиот живот, правејќи ве поотворени за нови предизвици, похрабри, поуспешни и попријатни. Со самото тоа, нема да имате потреба да ја бркате младоста да не ви побегне, таа ќе се задржи внатре во вас.