Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Омилената „лоша навика“ на сите генерации во модерното време е конзумирањето на чоколадни слатки. И покрај дискутабилната репутација која чоколадите ја имаат, не може да се занемари фактот дека ниту една прослава не би била тоа што е – ако не се “заблажи“ со некој чоколаден деликатес.
Во име на Интернационалниот ден на чоколадото, 7 јули, подготвивме пет занимливости, токму за “храната на боговите“.
1. Зборот какао потекнува од “kakawa“, израз во античкиот Олмек-јазик (мезоамерикански претходник на Маите), додека зборот чоколада се претпоставува дека деривира од зборот “xocolatl“, што во превод би значело “горчлива вода“. Соодветниот научен термин за растението какао е Theobroma cacao, што грубо преведено би значело “храна на боговите“.
2. Какао семките биле толку вредни, што напредните земјообработувачи, Маите, ги користеле неофицијална валута, користена за размена на добра ширум Мезоамерика.
3. Плодот на какао дрвјата се овошки кои наликуваат на топките користени во популарниот американски спорт, рагби. Секој плод тежи околу половина килограм и содржи просечно 40 какао семки, обложени со слатка белузлава материја, а за да се направи половина килограм чоколадо, потребни се околу 400 какао семки.
4. Според старите традиции на цивилизацијата на Маите, произведувачите на чоколадо во Белизе и денес ги мелат какао семките со алатка наречена метате, направена од вулкански камен.
5. Конзумирањето на чоколадото е толку широко распространето, што се смета дека на годишно ниво светската популација конзумира 7.2 милиони метрички тони чоколадо.
Бонус занимливост! Најскапото чоколадо во светот е Chocopologie Chocolate Truffle, во производство на Fritz Knipschildt и чини неверојатни 2.600 долари. Изненадувачки, овој вид на чоколадо не може да се најде во локалните супермаркети, туку се прави исклучиво по нарачка и мора да биде изедено во рок од 7 дена од купувањето.
(Сара Ѓорѓиоска)