500x100-1

Планината секогаш го има последниот збор

Бобан Стефановски - планинар

Бобан Стефановски (29) e првиот и единствен планинар и алпинист од Куманово, кој ова лето се искачил на врвовите Триглав на Јулиските Алпи во Словенија, Гран Парадизо во Италија и Зумштајншпице на границата помеѓу Италија и Швајцарија, а минатата година успеал да ги освои највисоките врвови во Европа Мон Блан и како и врвот Брајтхорн.

Стефановски е истовремено и единствениот кумановец кој ја поминал западната македонска трансверзала од врвот Љуботен до Охрид, во должина од 200 км.

Овој искусен планинар и вљубеник во природата е член на планинарскиот клуб ЗПЗП „Козјак 2013“ Куманово, поранешен претседател на клубот и лиценциран планинарски водич, кој aктивно се занимава со планинарство од својата дваесета година. Првиот врв на којшто се искачил е Крстовар на Водно, висок 1066 метри. Како минувале годините се ределе далеку поголеми предизвици, па ова лето тргнал во освојување на нови височини.  

Експедицијата траеше од 26 јули до 4 август годинава. Првиот врв што го искачивме беше Триглав, висок 2864 метри, на Јулиски Алпи во Словенија. Иако сакавме да се качуваме преку фератата, од патеката Праг, мораше да ги смениме плановите вечерта пред качувањето, бидејќи почна да врне и временските услови воопшто не беа погодни за качување ферата. Наместо тоа, се одлучивме да тргнеме од долината Крма, по стандардната патека до домот Кредарица и да продолжиме преку фератата до врвот. После Триглав, тргнавме накај Понт, во Националниот парк „Гран Парадизо“, за да го качиме Гран Парадизо, вториот врв, висок 4061 метри. После искачувањето на овој врв, возевме до местото Стафал, каде ни беше стартната точка за третиот врв, Зумштајншпице, висок 4563 м. За разлика од Триглав, каде игравме брканица со времето, на Гран Парадизо и на Зумштајншпице имавме идеални временски услови за качување.

Колку време се подготвувавте за овие искачувања?

Вакви искачувања си бараат одредени и континуирани тренинзи. Почнувајќи од физичките, психичките и техничките тренинзи. Со групата која што качував, моите пријатели од ПСД „Макпетрол“ од Скопје, кои воедно беа и организатори и водичи на турата, во текот на зимата имавме доста технички тренинзи, со цел групата да се запознае и да се создаде тим за успешно качување и пребродување на сите можни проблеми. Еден од најбитните фактори за вакви искачувања е комплетната доверба во луѓето со кои одиш во наврска, бидејќи во одреден момент, животот ти зависи од тие луѓе. Би сакал да додадам дека со луѓето од групата, Петар, Ели, Симона, Алекс, Тоше, Спасе и Љупчо, би тргнал на било кој врв на било која планина. Покрај поддршката од најблиските, би сакал да истакнам и јавно да се заблагодарам на мојот пријател и искусен планинар Горан Тодоровски и неговата фирма „Метал-Нет“ од Куманово, кој обезбеди дел од финансиските средства потребни за овие качувања.

Дали имаше моменти кога се колебавте и сакавте да се откажете?

На ваквите искачувања постојат многу опасности, почнувајќи од лошите временски услови, веројатноста да се појави висинска болест, лизгање од карпи, пропаѓање во креваси (длабоки пукнатини на глечер, кои се доста опасни). Ние, за среќа, немавме такви проблеми, дури и игравме брканица со времето уште од тргнување накај Триглав.

Кои се Вашите најголеми достигнувања?

Сметам дека моето најголемо достигнување е упорноста и континуираното одење на планина сите овие години, како и секој ден поминат на планина. Ако треба да наведам некој од врвовите, би рекол дека искачувањето на Алпските врвови ги сметам за достигнување – минатогодишните искачувања на Мон Блан (4810 м.) и Брајтхорн (4150 м.) ми се посебно драги, како и овогодинешните искачувања Зумштајншпице, Гран Парадизо и Триглав.

Кое искачување Ви било најтешко до сега, дури и опасно?

Не би можел да наведам кое беше најтешко искачување, оти секое искачување, секое одење на планина си носи одредени ризици и опасности. Искуството, разумноста, присебноста, знаењето и навременото донесување одлуки се единствените работи што моментално може да ви помогнат да го поминете најтешкото или да избегнете опасност. Можеби минатогодишното искачување на „Кулоарот на смртта“ накај Мон Блан имаше одредени опасности, поради одроните на камења што се случуваат нон-стоп, но имавме среќа.

Кои се Вашите амбиции и што Ви е предизвик?

Постојаното напредување, градење и усовршување како човек и планинар ми се амбициите, а предизвик ми е качувањето на високите врвови.

Има ли Македонија услови за развој и оддржување на планинарство и аппизизам?

Во Македонија, последните неколку години планинарењето оди во нагорна линија, што е за пофалба. Се повеќе и повеќе луѓе се занимаваат со овој спорт. Имаме прекрасни услови – многу планини, многу атрактивни врвови и многу планинарски патеки и многу качувачки насоки со неколку добри качувачки локалитети. Меѓутоа, колку повеќе луѓе, толку поголеми се опасностите од несреќи и повреди на планина. Баш поради ова, да се избегнат овие опасности, обуките кои ги држат планинарските клубови се неизбежни и задолжителни. Би сакал да им препорачам на сите што сакаат или што веќе почнале да одат на планина, задолжително да се зачленат во било кој планинарски клуб и да ги посетуваат клубските обуки. Еден ден, тие обуки може да им го спасат животот.

Што ќе им порачате на младите планинари?

Би сакал да им порачам да поминуваат повеќе време во природата и планината, надвор од урбаните средини и да се зачленат во планинарските клубови, да ги посетуваат клубските обуки и да се едуцираат со цел побезбедно да планинарат.

Да имаат почит кон планината, никогаш да не ја потценуваат и да не се колебаат кога треба да се вратат назад, бидејќи планината секогаш го има последниот збор.