500x100-1

Стравот од правдата кај некои ја убива желбата за ЕУ и НАТО

Митко Бојмацалиев

Различните искажани ставови, различните видувања на иднината на државата, искажување на незадоволство за одредени одлуки се богатството на секое демократско општество.

Само преку различни ставови и фер борба на двете страни ќе ги носиме правилните одлуки за нашата иднина. Но, дали во пракса е така? За жал се случува не фер битка. Едните се премногу искрени и посветени на иднината на државата, а другите се премногу оптоварени со своето минато, целосно фокусирани на деструкции, поделби и лажни вести гледајќи го таму спасот од своето минато.

Ако зборавуваме за првите, искрените и посветени на единството, можеме да кажеме дека она што некој не можеше или не сакаше и го чуваше како “приказна“ за продавање пред сите избори, го решија за една година и ја затворија таа “приказна“ и се посветија на европска иднина. За една година го заштитија нашиот јазик и идентитет, сега сме за сите МАКЕДОНЦИ и зборуваме МАКЕДОНСКИ, тоа за што сите генерации се бореа да бидеме признаени од сите.

Гледајќи ги процесите за ЕУ и НАТО пак сме поделени. Порано се делевме на предавници и патриоти денес сме поделени оние што се за ЕУ и НАТО т.е. се делиме на оние кои се плашат од минатото и за правдата, која ги чека во иднина и оние кои не се плашат од минатото туку се решени за европска иднина. Едните зборуваат дека до крајната цел мора да има правда и единство, но еве повторно другите гледаат нешто друго, а тоа се бегалски кампови, поделби, некако правдата им е асоцијација за бегалски кампови и поделби.

Да не ја гледаме само онаа страна зошто сме поделени и што некој бара за да седнеме на тоа наше столче, да ја погледнеме и онаа страна што ние добиваме без разлика дали сме на едната или другата страна, на крајот сите ќе добиеме, правда, загарантирана стабилност и безбедност. Добивме повеќе странски инвестиции тоа значи појака економија, повеќе работни места тоа значи поголеми плати, тоа значи ќе си останеме дома, нема да одиме од Македонци да се пишуваме Бугари за европска иднина, туку ќе останеме Македонци и  ќе го живееме европскиот сон како Македонци во Македонија.

Токму затоа договорот со кој се решава 25 годишниот спор со Грција е патриотски чин и сите они кои не се плашат од своето минато или се спремни да се соочат со правдата во иднина да кажат „Да“ за влез на Македонија во НАТО. Да кажеме ДА за ЕУ. Да кажеме ДА за македонската иднина!

Митко Бојмацалиев

*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*