Додека едните пишуваат, другите не читаат
Овој наслов не е случаен, го позајмив како инспирација од гостин во еден подкаст, но колку повеќе размислував за него, толку повеќе сфаќав дека ја опишува суштината на нашата реалност.
Кај нас проблемот не е што нема кој да каже нешто, туку што малкумина сакаат навистина да слушнат. Дозволете да ви се претставам. Со пишување започнав во 2015 година, со текст кој носеше јасна порака: „СДСМ не е опозиција, СДСМ е политичка партија“. Во него тврдев дека тогашниот режим предводен од Никола Груевски не може да биде поразен ако опозицијата не направи прво внатрешна реформа, наместо да ја гради политиката само врз критика на противникот. Тој став предизвика сериозни реакции, не само во јавноста туку и внатре во самата партија. Имаше притисоци текстот да исчезне, имаше обиди да се повлечам, но тоа не се случи. Тогаш донесов одлука што и денес ја носам - ставот не се повлекува кога е „непријатен“ за читање.
Од тој момент до денес, напишав повеќе од осумдесет колумни и јавни текстови, притоа не бирајќи страна, туку принцип. Ги критикував сите власти, без разлика кој бил на власт, но знаев и да пофалам кога постоеше реална основа за тоа. Затоа што кредибилитетот не се гради со слепа критика, туку со доследност. Во една од последните колумни го критикував и актуелниот градоначалник исто така јавно, со аргументи и без задршка. Не сакам да глумам жртва, но вистината е дека притисоци имало од сите страни. Сепак, најмногу ме вадеа од такт не толку отворените напади, туку „пријателските“ совети од луѓе кои наводно се согласуваат со моите ставови. Истите тие, со насмевка, знаеја да ме прашаат зошто баш јас морам да зборувам, зошто да се „правам најпаметен“, кога, како што велат, „сите си се договараат и си влечат едни за други“. Токму таа логика дека треба да се молчи за да се биде дел од кругот е причината зошто ништо суштински не се менува.
Ми се чини дека постои нешто речиси хомерско во начинот на кој некои луѓе го замислуваат светот.
Секогаш кога ќе чујат критики, веднаш почнуваат да бараат маскиран Одисеј кој се крие меѓу толпата, убедени дека секој анонимен глас мора да му припаѓа на познат непријател.
Неодамна, еден поранешен политичар јавно посочи дека стојам зад Фејсбук страница која ги сатиризира локалните политичари. Немам намера да се бранам од претпоставки кои не бараат докази. Во текот на мојата кариера како колумнист и креатор на содржини, направив нешто немодерно: се потпишував со свое име под секоја реченица зад која вреди да се стои. Ако имав нешто да кажам за некого, тешко дека би позајмил маска за да го направам тоа.
Она што ме интересира повеќе е самиот рефлекс, кумановскиот рефлекс.
Историјата има посебно чувство за хумор. Оние кои некогаш имале јавни функции, а подоцна одговарале пред судовите за корупција, сега го поминуваат времето барајќи анонимни автори, наместо да размислуваат за причините зошто воопшто станале материјал за сатира.
Одисеј на крајот откри кој е. Никогаш не морав. Моето име отсекогаш било на моите дела.
Другите, сепак, засекогаш ќе бидат запаметени не по имињата што ги потпишале, туку по пресудите што им биле изречени во историјата.
Сигурно имате забележано дека се’ повеќе околу нас има луѓе кои го поминуваат својот живот барајќи го Одисеј.
Тие не можат да замислат дека некој би зборувал отворено. Тие се убедени дека секоја критика доаѓа зад маска, секоја шега има скриен спонзор, секоја сатирична страница има таен автор.
Поранешен политичар, чија биографија веќе е уредувана повеќе од обвинители отколку од обожаватели, сега одлучи дека јас сум автор на една таква сатирична страница.
Секој што ја следел мојата работа знае еден едноставен факт: никогаш не сум се криел зад анонимни профили, псевдоними или позајмена храброст. Кога пишувам, се потпишувам. Тоа е веројатно делот што му е тешко да го разбере.
Луѓето кои живееле удобно зад партиски структури честопати веруваат дека сите други работат на ист начин. Ако видат огледало, веднаш почнуваат да го бараат лицето што го држи.
Но, на сатирата не ѝ е потребен организатор, потребен и е само материјал.
Античките Грци нè учеле дека маските припаѓаат во театарот. Демократијата бара нешто поедноставно: одговорност за сопствените зборови - и одговорност за сопствените дела.
Јас отсекогаш сум преземал одговорност за моите.
Историјата веќе се погрижила за неговите.
Нема потреба Одисеј да се открива кога сите веќе знаат кој бил Киклопот.
Емил Ташевски, Дипломиран инженер по информатика на ФИНКИ
Други колумни од Емил Ташевски
Кога противникот ти е најдобриот сојузник
27.06.2026
Бебе се родило па некој мора да га љуља
28.03.2026
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*