500x100-1

Состојбата во кумановската каза во 1896 година

Кумановската каза била третостепена административно-управна единица во Отоманската Империја која постоела во XIX век. Била дел од Скопскиот санџак, кој пак бил дел од Косовскиот вилает.

Како каза со центар во Куманово, каде што престојувал османлискиот чиновник кајмакам, била оформена во 1867 година. Географски ги опфаќала областите Козјак, Карадак, Славиште и Жеглигово. Казата се делела на три дела и тоа: Карадачки, Козјачки и Овчеполски. Во казата се наоѓале 114 села и со мала разлика се поклопувала со Кумановскиот огруг од времето на поранешна Југославија. На север Кумановската каза се граничела со Прешевска каза, на исток со Кривопаланечка и Кратовска, а на југ и запад со Велешка и Скопска.  По својата големина спаѓала во средни кази. Се простирала во должина од СЗ-ЈИ, 50-55, а во широчина север-југ, од 35-40 км. Изнесените податоци во следниов текст се како резултат на преведениот турски годишник (Салнаме) за 1896/97 година.

Инаку, салнамињата (перс. sal- година и name-книга) претставуваат годишни книги, алманаси, кои биле правени и објавувани од страна на османлиската држава во периодот од 1847 до 1922 година. Вилаетските салнамиња навлегуваат во низа детали за организацијата на вилаетите, како што се: структурата на органите на локалните власти, имињата на членовите во нив, историјата и географијата на градовите, трговијата, економијата и земјоделството за секоја област вклучена во салнамето, демографската структура, профаните и сакралните објекти, училиштата, библиотеките, распоредот на воените единици, касарните и другите воени објекти, граничните премини, водените и рудни ресурски, патната инфраструктура и др. Во оваа прилика сакам да им се заблагодарам на проф. д-р Драги Ѓоргиев и проф д-р Ахмет Шериф кои го преведоа делото на македонски јазик кој има извонредно значење за една територија која денес се простира во границите на пет балкански држави, која заслужува да биде презентиран пред македонската научна и поширока јавност. Инаку, вкупно се објавени осум годишници за Косовскиот вилает и тоа во: 1879, 1883, 1885, 1887, 1888, 1893, 1896 и 1900 година. Како и да е, се надеваме дека во некоја блиска иднина ќе бидат преведени и некои од останатите броеви од салнамињата, каде што ќе дознаеме нешто повеќе за нашиот град Куманово и ќе имаме целосна слика за Македонија видена преку очите на администрацијата на османлиската држава во последните децении од нејзиното постоење.

Информации за казата Куманово

    И Куманово е касаба која припаѓа на Скопје и која од него е оддалечена шест часа во североисточен правец. Се состои од 1.800 куќи, а во селата се состои од 7.128 куќи и 114 села. Самата касаба до пред 25 години беше речиси половина од она што е денес. Благодарение на напредокот од тоа време што се должи на неговото височество падишахот, а посебно по изградбата на железничката пруга која поминува покрај касабата, прогресот започна да достигнува висок степен, достигнувајќи го денешното ниво на зголемена важност и значење.

Трговија – Вкупниот број на населението во казата изнесува 41.209, од кои 12.659 муслимани, а 28.550 се христијани. Речиси целокупното нивно занаетчиство и трговија е поврзано со земјоделството. Во споменатото население освен Грци и Бугари, влегуваат и Цигани, кои се и муслимани и немуслимани. Земјата на оваа каза е погодна за одгледување секаков вид земјоделски култури. Засега се произведуваат житни култури како: пченица, арпа, р’ж, овес, пченка, просо, а во големи количеста се произведува и праз. Сеидбата се изведува на застарен начин.

Населението на казата го обезбедува својот опстанок со производите што ги произведува секоја година и како се трошат надвор од казата, како и со продажбата на добитокот, праз, волна.

На прво место од добитокот што се одгледува во касабата и во селата се овците и козите. Значаен извоз се остварува од волната, маслото како и од кожите што се добиваат од нив.

Само пет проценти од населението што се занимава со земјоделство опстојува со аргатство и наполичарство. Иако селаните за продажба и купување во најголем дел одат на пазар во Куманово, согласно со географската положба и со оглед на тоа што се наоѓа во близина на Скопје, Прешево, Штип, Кратово, Паланка, населението, исто така, оди и во овие касаби, а посебно на пазарот во Берекетли, од кадешто и доаѓаат многу луѓе. Меѓутоа, бидејќи Куманово се наоѓа на средина меѓу овие неколку кази, неговиот пазар, кој се одржува секоја недела, според важноста и мноштвото народ, не може да се сретне во ниту една од споменатите касаби. Многубројни трговци од околните кази се собираат овде, извршуваат прилично важни активности и тргуваат со секаков вид производи, храна и добиток што ги нудат на продажба.

Бидејќи местото на одржување на кумановскиот пазар се наоѓа во касабата, тука постои една многу голема чаршија. Во оваа чаршија, која има 500-600 дуќани и околу 28 магацини, трговците, најмногу преку Скопје, а понекогаш и преку Велес, добиваат производи од Солун и ги продаваат.

Во касабата има 12.000 дунуми лозови насади. Количеството на грозјето што се добива од нив изнесува приближно 3.000.000 оки.

Една третина се троши, а од другите две третини се произведува вино и ракија, кои иако се продаваат, не излегуваат надвор од казата.

Рудници – На планината над селото Лојане, кое од центарот на казата и од Кумановската станица се наоѓа на оддалеченост од два часа, од Табановце еден час, а од границата со Србија и од патот што води кон Скопје пет часа, има еден рудник на хром кој беше отворен од страна на почитуваниот управник на царските имоти во Солун, Киркор Пашалијан-ефенди на кој му се дадени концесии за експлоатација на рудникот во траење од 40 години. Иако се претпоставува дека во селата: Слупчане, Стренович, Никуљани, Челопек, Асели, Ораше, Бабловци, Ваксинци, Алинци, Винце, Дрениќ, Глажња, Добришани, Баракли, Беленли, Пчиња, исто така, има: хром, антимон, олово со сребро, арсеник, калај, цинк, јаглен, бакар, жива, гас, досега ништо не е земено под концесија.

Шуми – Шумите во казата се државни. Локалното население откако од нив количински ќе ги задоволи своите потреби, извезува и надвор од казата продава: диреци, даски, дрвени сандаци, чубуци и дрвени налани.

Државни објекти и друго – Во Куманово има: еден нов и прекрасен владин конак, една телеграфска станица, една саат кула, еден амам, една медреса, две-три текии, едно складиште за муниција кое во минатата 1888/89 го изгради војската на оддалеченост од 20 минути од касабата, како и: 28 дуќани, три анови, пет чифлици со три воденици, еден извонреден општински оддел направен по нов стил на убаво место во средина од чаршијата, под кој има една кафана, и во близина на касабата една прилично цврста станица за гас, кои се сопственост на општината и кои годишно носат приход од 26.180 гроша.

Храмови – Во касабата има две свети џамии на двајца добродетели по име Татаристан и Ибрахим-бег. Со нив се управува преку вакафските приходи. Во маалото Долна Варош има една црква за христијаните, со име Свети Никола.

Образование – Во Куманово има една медреса, едно училиште руждие со 73 ученици, две основни училишта за девојчиња со 95 ученички. Во околината на споменатата црква има две училишта за момчиња со вкупно 424 ученици, а во истата околина има и две училишта за девојчиња со 139 ученички.

Хигиена – Со оглед на тоа што покрај Куманово поминува една река, каналите кои се изградени во касабата и уште на три места на патот за Скопје, ја носат водата до неа. Хигиената на општината, исто така, се одржува со коли за чистење. Над споменатата река има еден голем мост и бројни воденици.

Разно – Буџетот на благајната за сираци во Куманово изнесува 304.784 гроша и 39 пари; за образование 19.600 гроша, на општината 219.726 гроша, а на Зираат банката 1.506.307 гроша.

Патишта и телеграфски линии – Куманово е поврзано со Скопје и со Паланка со убав макадамски пат. На патот за Паланка и во селото Страцин, кое се наоѓа на границата, има една полициска станица. И во Врешево и над патот кој оди кон Србија, во околината на селото Табановце, кое исто така се наоѓа на границата има една полициска станица. Има и телеграфски линии до Скопје во должина од шест часа, до Прешево – 4 часа и до Паланка – 12 часа.

Иако Куманово до 1864/65 година припаѓаше кон Кратово, во периодот од 27 мај 1865 до 4 мај 1867 година, се трансформираше во каза. Овде нема стари споменици и пасишта. Иако не се знае која е просечната температура во Куманово, сепак летата се многу топли, зимите студени, а ветрот е многу силен и познат.

Имињата на кумановските села: Николан, Ново Нагоричани, Старо Нагоричани, Челопек, Стрезовце, Војнук, Макреш, Коњарево, Орах, Рукинце, Дербенд, Биљаковци, Алинци, Бајловци, Дренич, Стренович, Свиланце, Брешка, Диловце, Живине, Осица, Диплочица, Свтелшница, Буколан, Рамне, Арбатичка, Милотино, Фукино, Степанце, Враготурци, Карловци, Пелинце, Зекитан, Капунце, Драгоманце, Добрач, Орачковци, Алгунија, Ланик, Хузево, Свитиште, Сират, Метлево, Сушево-Исламско, Сушево-христијанско, Карабичан, Цвет мезра, Табановци, Облавци, Лојане, Ваксинце, Страша, Белановце, Злокуќани, Кокошинце, Думановце, Азур, Рукинце-исламско, Алашовце, Слупчане, Оризар, Матејче, Опај, Режановце, Бедење, Глажња, Храковце, Стриме, Отља, Липково, Вештица, Рупалце, Никуштак, Ново Село, Черкес Ќој, Лопате, Беленли, Доброшан, Инце, Вакиф, Винце, Дилка, Усалистик, Колчика, Живине, Малине, Голем Сопот, Трстеник, Алакинци, Становци, Палмеш, Градиште, Кучкар, Али Факли, Кокош, Кишане, Безево, Кутли Бег, Мургаш, Бачинци, Косматица, Ново Село, Зеловци, Асели, Чаушли, Дузинце, Беракли, Слатино.  

Литература:

Ј.Х. Васиљевић – Јужна Стара Србија (Кумановска Област), Издање задужбине И. М. Коларца, стр.87, Београд, 1909.

Д. Ѓоргиев & А. Шериф – Салнаме на вилаетот Косово: превод од османско-турски јазик, Матуситеб, Тика, Скопје, 2012.

Филип Ѓошевски – дипломиран географ