×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Куманово ја продолжи традицијата да го „тепа“ Работнички

    19.12.2010 01:03 | KumanovoNews

    Се случи речиси „невозможното“. Куманово го победи Работнички. Овој триумф е доказ дека ривалот од Скопје секогаш имал незгоден противник во Спортската сала, a  за играчите на Куманово, Работнички е мотив плус да извојуваат победа.

    Куманово ја продолжи традицијата да го „тепа“ Работнички

    Натпреварот заврши со резултат 90:83. Лошиот настап против АБА очигледно имал големо влијание врз играчите и стручниот штаб на домашната екипа. На теренот излезе ново Куманово со нови играчи. Работнички имаше водство неколку минути во првата четвртина, а потоа нашите кошаркари имаа подобар резултат до крајот на натпреварот. Првата четвртина заврши со 8 поени предност за Куманово, што наговестуваше возбудлив натпревар. Гостинските играчи доста рано се соочиа со проблемот- личните грешки, а кратката клупа му беше во полза на домашниот тим. Дарко Матиќ беше расположен и постигна 21 поен во првото полувреме. Одлично одигра и Вукотиќ, а подршка им беа центрите Калов и Микиќ. Куманово имаше најголемо водство од максимални 14 поени, но гостите успејаа да се вратат до негатива од -3, за да на полувремето кумановци водат со 5 поени.

    Симиќ беше прилично нервозен во текот на натпреварот, сакаше физички да се пресмета најпрвин со Микиќ подоцна и со публиката која го провоцираше во текот на целиот натпревар, па судиите проблемот мораа да го решаваат со технички лични грешки.

    Натпреварот продолжи во исто темпо, без големи промени во разликата на семафорот. Мираковски го одржуваше Работнички во живот а еден од клучните моменти беше исклучувањето на ветеранот Перо Блажевски, па тренерот Србиновски рано загуби еден од клучните играчи. На почетокот на последната четвртина поради пет лични грешки излезе и Гоцевски, а на 4 минути пред крајот поради 5 лични грешки играта ја напушти и Тони Симиќ, со што Работнички остана без центар во екипата. Тука кумановчани имаа задача да ги сочуваат шесте поени разлика до крајот на натпреварот и да издвојуваат значајна победа над големиот ривал. Мечот го „прекрши“ тројката на Мартин Атанасовски а потоа и прецизниот шут од полудистанца, па гостите веќе немаа ни време да направат пресврт.

    Ние во седум дена одигравме два натпревари кои беа диаметрално спротивни. Едниот е против АБА Струмица каде одигравме едно катастрофално прво полувреме што се одрази на нашата планирана победа во тој меч. Меѓутоа ние добро работиме и имаме верба во нашата екипа. Ако се земе во предвид дека овие два меча ги играме без повредениот Ратко Петриќ, оваа победа добива на значење. Сите играчи го дадоа својот максимум на натпреварот, оној скаутинг што го направивме пред натпреварот се исполни до крај и им подаривме една победа на нашите навивачи. Користам прилика да ги поздравам навивачите и да им се заблагодарам што дојдоа во голем број на оваа студено време бидејки тие покажаа дека се нашиот шести играч и со нивна помош ние секогаш можеме да направиме добар резултат - изјави по натпреварот тренерот Димитријевиќ.

    На прашањето за лошата игра минатите натпревари, и целта на клубот за оваа сезона, првиот тренер на Куманово изјави:

    Наша цел останува пласирање во Супер лигата. Лошите резултати изминатите два натпревари се резултат на непостојаноста на кошарката во Куманово. На играчите им се потребни вакви натпревари за да обезбедат константност, но со ваква работа во клубот мислам дека во иднина нема да има простор за такви изненадувања.

    Најефикасен во домашниот состав беше Дарко Матиќ со 24 поени 7 скока и 4 асистенции. Одличен настап имаше и Дејан Микиќ со 18 поени, Станимировиќ со 14, а свој најдобар натпревар одигра Калов со 14 поени и 10 скока од кои 6 беа офанзивни.

    Кај гостите убедливо најдобар на теренот беше Димитар Мираковски со 35 поени 7 скока и 5 асистенции, а Симиќ беше втор најефикасен со 17 поени и 9 скока.

    Навивачите создадоа пеколна атмосфера во салата, речиси иста на онаа во последниот натпревар на Работнички одигран против Куманово, на која веројатно се сетија Симиќ и Блажевски кои тогаш играа еден против друг. Недостасуваа само навивачите на Работнички. Неофицијално, поради забраната за гостување на навивачки групи на гостински натпревари, навивачите не беа најавени но требаше со помош на Кумани да влезат во салата, да го подржат својот клуб и учествуваат во одличната атмосфера на натпреварот со фер и коректно навивање.

    Следен натпревар кумановчани го играат веќе во среда на гостински терен против екипата на МЗТ Скопје.