500x100-1
11. 05. 2019 18:38

Ракометарките на Куманово го освоија Купот на Македонија

Ракометарките на Куманово го освоија Купот на Македонија

Ракометарките на Куманово се овогодинешни освојувачи на Купот на Македонија, откако во финалето го победија ЖРК Вардар со резултат 24:22.

Оваа генерација на кумановски ракометарки, после долгогодишна макотрпна работа, успејаа да го донесат првиот трофеј во своите витрини. Го искористија домашниот терен, демонстрираа одлична игра и заслужено го освоија Купот на Македонија.

Вардар водеше по првиот напад со резултат 0:1, и тоа беше единственото водство на гостинот на овој натпревар. Куманово започна одлично, направи предност од 5 гола, меѓутоа Вардар се консолидираше и до полувреме го намали резултатот на 11:9.

Кумановчанки во второто полувреме одржуваа разлика од 3 гола се до последните 5 минути кога натпреварот влезе во неизвесна завршница. Вардар намали на еден гол разлика, но Куманово не ја даваше предноста. Неизвесно беше се до последниот напад, кога скопската екипа имаше шанса за изедначување, меѓутоа гостинскиот тим најпрвин ја изгуби топката, а подоцна Андреа Седлоска заработи црвен картон што значеше пенал за Куманово и конечен резултат 24:22.

Ана Шарановиќ постигна 7 гола во победата на Куманово, Мила Трајковиќ со 6 гола ја освои наградата најдобар играч на турнирот, а Сања Дабевска даде 4 гола. Ова е огромен успех на кумановскиот женски ракомет кој потврдува дека може да постои шампионска екипа составена од домашни играчи.

Вечерва од 20 часот се игра машкото финале на кое ќе се сретнат екипите на Вардар и Металург.

Ракометарките на Куманово го освоија Купот на Македонија