Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Само 13 угостителски објекти, од вкупно седумдесетина, се усогласени со новите стандарди и нормативи за поставување на урбана опрема на јавна површина, што пред осум месеци ја донесе Советот на Општината Куманово. По тој основ Општината заработила 2 милиони денари.
Одлуката за унифицирање на времените објекти и урбаната опрема на територијата на Општина Куманово беше донесена во јули минатата година со цел да се среди хаосот со дивите објекти, па наместо најлони и пластики се наложи да се постават настрешници од стакло кои ќе бидат монтажни, со цел да се натераат закупците да плаќаат за узурпираниот простор и со тоа да се полни општинската каса. Дотогаш од 74 угостителски објекти само 6 плаќале надомест за користење на јавна површина за што во општинската каса се слевале симболични средства од 1 милион денари.
Советникот на НСДП Благојче Јакимовиќ на денешната седница на Совет праша до каде е спроведувањето на одлуката.
„Колку од 80 објекти за кои направиваме напори да ги вклопиме во самиот текст на правилникот и одлуката имаат поднесено, воедно и платено и добиено оддобрение и дали ја почитуваат одлуката“, - праша Јакимовиќ.
Раководителката на Секторот за комунални работи Лидија Ланг- Спасовски, објасни дека кај нив се поднесени над 70 барања за поставување на урбана опрема на територија на Општина Куманово, но откако е донесена новата програма со стандарди и нормативи за поставување на урбана опрема и во неа е даден период за усогласување на веќе издадените летни бавчи со новите нормативи, нивниот број е далеку помал.
„Од тогаш наваму до секторот има доставено 23 барања, од кои 13 се оддобрени и од истите во касата на општината се инкасирани 2 милиони денари. Останатите предмети се во постапка и се надевам дека во нареден период истите ќе бидат усогласени. Оние коишто нема да добијат валидно оддобрение од страна на секторот ќе бидат отстранети од инспекциските служби на Општина Куманово, - изјави Лидија Ланг- Спасовски, од Секторот за комунални работи.
Во Куманово угостителските објекти, со години наназад, во 90 отсто случаи урбаната опрема ја поставуваат спротивно на општинските правилници, а дел од нив имаат и решенија за уривање.
Поради тоа, тогаш советниците најавија дека политиката на урбанистичко уредување на летните и зимските бавчи во угостителските објекти нема да заврши со донесување на одлуката, туку дека Советот ќе ја следи имплeментацијата на актите и доколку не се почитуваат и не се среди хаосот, навремено ќе реагира.