Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Православните верници денеска ги прославуваат Св.Трифун - заштитник на лозјата и овошките и празникот Св.маченик Никифор, кај народот попознат како Прочка.
Лозарите традиционално го одбележуваат овој празник, надевајќи се дека светецот ќе им помогне грозјето да биде благо, а бочвите полни со вино.
На овој празник лозјата се закројуваат и се попрскуваат со вино за родот да биде добар. Со овој чин се верува дека Св. Трифун ќе го заштити родот од разни болести, штетници и од невреме.
Свети Трифун е роден во селото Кампсади, во областа Фригија во Мала Азија во третиот век. Неговите родители биле сиромашни луѓе, па од мал се занимавал со чување гуски. Од нив ја наследил и вербата во Бога. Трифун имал исцелителна моќ, со својот поглед ги лекувал душевно болните. Тој ја излекувал и убавата ќерка на римскиот император Гордијан за што бил богато награден. Добиеното богатство Трифун го разделил на сиромашните. По смртта на Гордијан престолот го наследил цар Декиј, кој наредил да се прогонуваат христијаните. Меѓу нив бил и Трифун, кому по долго мачење во 250 година му била отсечена главата. Свети Трифун се смета за заштитник на лозарите и на виното.