500x100-1
08. 09. 2019 10:49

Македонија слави 28 години независност

Македонија слави 28 години независност

Република Македонија денеска одбележува 28 години од својата самостојност. На успешно спроведениот референдум во 1991 година, граѓаните одлучија за самостојна и суверена држава.

Самостојната држава формално беше потврдена со Декларација за прифаќање на резултатите од референдумот на 18 септември 1991 во Собранието на Република Македонија.

Еден месец подоцна на 17 ноември, беше усвоен и новиот Устав на земјата.

Државноста прва ја призна Република Бугарија, по што следуваа признавања од Турција, Словенија, Хрватска, Русија, Босна и Херцеговина…

На 8. април 1993 година, со акламација во Генералното собрание на ОН, Македонија беше примена како 181 полноправна членка на Светската организација. Поради неприфаќање на уставното име од страна на Грција, нашата земја беше примена под привремена референца: Поранешна југословенска Република Македонија.

Разговорите за името почнаа уште во 1993 година, а спорот се заврши на 17 јуни 2018 година со потпишувањето на Договорот од Преспа. Со прифаќањето на уставните измени, земјата го смени името во Република Северна Македонија.

Во блиска иднина земјава ја очекува членството во НАТО, откако сите земји членки ќе го ратификуваат Протоколот. Во исто време не очекува добивање на датум за почеток на преговорите со ЕУ, и потоа членство во ЕУ.