500x100-1
08. 08. 2019 11:44

Во ерата на брзи железници, возот од Скопје до Белград патува десет часа

Во ерата на брзи железници, возот од Скопје до Белград патува десет часа

 За да го мине растојанието меѓу Скопје и Белград, на меѓународниот воз денес му се потребни безмалку 10 часа. Пред три децении, истата релација се поминувала за три часа помалку

За да го мине растојанието меѓу Скопје и Белград, на меѓународниот воз „Хелас експрес“ денес му се потребни 9 часа и 55 минути. Во 1989 година, до истата дестинација граѓаните со воз патувале 3 часа пократко. Без границата кај Прешево и Табановце, меѓународните возови пред распадот на СФР Југославија, од Скопје до Белград патувале 6 часа и 48 минути. Возните редови на железницата ја покажуваат очајната состојба во која се наоѓа меѓународниот превоз денес, која властите и од С.Македонија и од Србија не вложуваат доволно труд за да ја подобрат,- пренесува порталот Мета.мк.

Македонската и српската влада уште во 2015 година ја потпишаа Спогодбата за утврдување на заеднички гранични процедури за железничкиот премин Табановце – Прешево. Ваквата спогодба беше ратификувана од двата парламента, а потпишани беа и протоколите за заеднички царински и полициски контроли во железничкиот сообраќај. Но, до денешен ден не е воведена единствена контрола на полицијата и царината при патувањето со воз, иако е постигнат договор заедничкиот граничен премин да се наоѓа до железничката станица во Табановце.

Заедничките царински и полициски контроли би го намалиле времето на патување со воз меѓу Скопје и Белград за 30 минути, се наведува во Програмата за економски реформи за периодот 2019 – 2021 година на Министерството за финансии. Втората мерка што може да го забрза патувањето со воз е да се надмине сегашната состојба на промена на локомотиви на овие возови на самата граница. Во сите земји – членки на Шенген – зоната на ЕУ не се врши промена на локомотиви на националните железнички оператори на граница, а ваквото правило важеше и меѓу републиките на поранешна СФР Југославија сè до 1991 година.

Железничките возни редови покажуваат дека по самиот распад на Југославија се зголемило времетраењето на патувањето со воз. Ако во 1989 година најбрзиот воз меѓу Скопје и Белград патувал за помалку од 7 часа, веќе во 1995 година експресниот воз „Михајло Пупин“ ја минувал оваа релација за 8 часа и 32 минути.

Како последица на многуте часови што му се потребни на возот да го мине растојанието меѓу двата града, бројот на патници во меѓународниот железнички сообраќај во земјава значително е намален во последниве неколку години. Лани со воз во странство патувале само 7.385 лица.

Во ерата на брзи железници, возот од Скопје до Белград патува десет часа