Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Квалитетот мора да ни биде приоритет, затоа што попусто е да си капетан на брод што тоне. Некомпетентните луѓе треба да го отстапат местото на оние кои се навистина квалитетни и кои си ја знаат работата.
Југослав Спасиќ, професор по физичко и здравствено образование во Основното училиште „Крсте Мисирков“, во Куманово, ја доби титулата најдобар наставник во поранешна Југославија на втората регионална конференција „Светот на образованието ги брише границите“, која се одржа во мај годинава во Црна Гора. Во силна конкуренција од околу 200 наставници од сите нивоа на образованието од шест држави на поранешна Југославија, Спасиќ се здоби со ова престижно признание, поради неговиот ентузијазам, инспиративност, креативност, мотивираност и посветеност да внесе новини во образованието во својата земја.
Тој е сестран млад човек, основач на Здружението на спортски педагози, член на управниот одбор на Атлетскиот клуб Куманово, член и претседател на Комисијата за развој на Атлетската федерација на Македонија, член на Здружение на просветни работници во Куманово, дисеминатор на Проектот за промоција на хумани вредности во Црвениот Крст, член на Управниот одбор на Општинскиот сојуз на спортови Куманово и претседател на Комисијата за позитивни наставни практики во Федерацијата на спортски педагози на Република Македонија. Луѓето околу него го опишуваат како човек со кој можете да разговарате цел ден без да ви биде здодевно, бидејќи има што да каже, а тој за себе вели дека не е омилен во официјалните кругови во коишто се движи бидејќи секогаш го бара квалитетот, а не квантитетот.
Вие се стекнавте со титулата најдобар наставник во поранешна Југославија. Кои критериуми треба да се исполнат за да се добие ова признание и што претставува тоа за Вас?
Асоцијацијата којашто го доделува ова признание е основана од финалистките на „Global Teacher Prize“, Весела Богдановиќ од Македонија и Жељана Радојчиќ Лукиќ од Србија, кои сакаат да ги обединат најдобрите наставници, со цел да може да се влијае на менувањето на образованието кон подобро. Имаше конкурс кој генерираше дваесет и пет критериуми за да влезеш во конкуренција за избор на најдобар наставник. Највисокото достигнување е „ѕвезда образовања“, а следува доколку исполниш дваесет до дваесетипет критеруми. Критериумите ги опфаќаат позитивните пракси, иновациите во наставата, претходните признанија во својата област, напредувањето во професијата, учество во интерни, национални, меѓународни проекти, учество во развојни програми на наставни програми на Биро за развој на образование, напредување во академското звање, објава на стручни трудови. Така што тоа е, може да се рече, еден вид на сатисфакција за секој наставник. Убаво е што некој ги верификува тие успеси и едноставно речено претставува мотивација за понатамошна работа.
Дали постои дефиниција за најдобар наставник?
Успешниот наставник сака да работи, тој можеби работел и додека бил во средно училиште и на универзитет, тој ќе работи и со диплома и без диплома, но Министерството за образование нема да има никаква придобивка доколку не земе од нивната практика или позитивна информација. Ако професорот е магионичар, тој може да биде и во најстарата зграда, но неговите ученици ќе ги научи да прават чуда. Децата сакаат да се почувствуваат топло, уважено и да бидат вреднувани, тие тогаш даваат 100 отсто од себе. Ти можеш да направиш сто нови згради, но ако не направиш систем со квалитетни луѓе ќе пропаднат сите згради до една. Најдобрите наставници ги менуваат условите преку проекти, носат нови реквизити, нови помагала иновираат нови методи, тие се светлото на крајот на тунелот, инаку нема друго. Ако оставиме вака стихијно да се движат работите никаде нема да стигнеме.
Бидејќи станува збор за интернационално натпреварување, што е она што го понесовте како знаење од останатите професори?
Знаете, суштината на оваа награда беше да се најдат наставници кои ги менуваат стереотипите на нашето образованиe, коишто сами креираaт, всушност самите тие наставници се промената на подобро во образованието, ако може така да се каже. Тоа се професори кои не се плашат да ги земат работите во свои раце, за да ја направат промената која кај нас многу споро се случува. Овде се сретнав со наставници коишто сами работат на најразлични „свои“ ангажмани, а не им е зададена обврска од Министерството за образование, туку самите ги иницираат и генерираат промените во образованието.
Тогаш, кои се промените кои треба да му се случат на нашето образование?
Програмите коишто ги нуди нашето образование не се развојни, а тоа значи дека не ги пратат потребите на младите коишто ги имаат сега, во однос на потребите на младите коишто ќе бидат за десет или петнаесет години. Суштината е во тоа образованието да биде во функција на учениците. Нашите наставни програми се добри, но истите биле одлични за учениците пред дваесет години. Образованието е жива материја која не треба да се спречува да се менува и расте според нашите потреби. Сите изуми и иновациии кои доаѓаат на глобално ниво, треба да бидат достапни и кај нас. Но ние не ги пратиме тие промени и остануваме со исти програми, исти услови, исти средства, со исти методи работиме и нормално е дека тоа нема да биде интересно. Сосема е бесцелно потоа да се жалиме дека имаме слаби достигнувања на меѓународно ниво. Потребите на младите се нови и ако тие не се следат и самите не се ангажираат и не се даваат 100 отсто во наставата. Професорите мора да бидат вклучени, да почнат сами да иновираат, сами да креираат, да учествуваат во многу проекти, а практично проектот значи учество во нешто кое ќе ни ја смени идинината на подобро.
Што мислите за финскиот начин на образование кој во моментот се смета за еден од најуспешните, дали се потребни такви промени кај нас?
Се согласувам дека ние треба да ги пратиме различните модели на образование, тоа е во ред. Но, ние мора да имаме автентични унифицирани наши системи на образование, ние размислуваме на друг начин и тој е спрецифичен за самите нас. Кинезите го имаат сликовитото писмо кое ние го немаме и ние не можеме да бидеме како нив и сл. Ние сме нација која се развива низ етнос и фолклор, па затоа преку нашата традиција треба да го бараме патот до квалитетно образование. Поинаку, не може. Успешните образовни системи ги поттикнуваат децата, ги препознаваат талентите и им доделуваат стипендии. Меѓутоа, не само стипендии, туку и пракси и нивните пракси всушност ги имплементираат во работа. Погледнете ги компаниите кои ги препознаваат добрите апликации на учениците и ги бараат за да соработуваат. Тие ја знаат потребата на младиот, односно ги поврзуваат потребите и знаењето на децата и взаемниот интерес, па така ставајќи ги во едно не само што оди компанијата напред заедно со учениците туку и самото општество се развива.
Вие воведовте нов начин на транспарентно оценување за учениците по физичко и здравствено образование, што подразбира тој и дали денес се практикува?
Тоа беше една идеја која започна во 2014 година, преку проектни активности во кои беше вклучено нашето училиште и јас како наставник за учество на ученици во воннаставни активности. Меѓутоа, во тој процес јас дојдов до идеја дека не е важно само да се учествува, туку дека треба и да се направи нешто што е многу потребно и за самата настава, а ќе се имплементира и вон наставата. Суштината беше да се дадат јасни, транспарентни критеруми за оценување како видео упатства од областа на атлетиката, коишто ќе бидат и кретериуми за оценување, но ќе бидат и средства за напредување на децата, односно, еве, се враќаме пак на развојот. Децата може да напредуваат од незнање, односно 0 знаење до 5, или 5+ и веќе да одат и на натпревари, а кога се веќе на натпревари тие работат нешто коешто е надвор од наставата. За реализацијата на оваа идеја имав одлична соработка со професорите. Секако, не започнавме веднаш со имплементирање на проектот, туку прво го презентиравме пред сите професори, па потоа го презентиравме на учениците за тие да бидат запознаени со методот и на крајот на родителите.
Какви беа реакциите на родителите и децата?
Ниту еден од родителите или учениците претходно немаа вакво искуство по ниту еден предмет, но оваа метода беше широко прифатена. Сите сметаа дека ова е потребно, што многу ме радува. Резултатот од ова оценување покажа подобрување на оценките, па 95 отсто од постигнатите резултати беа одлични, задоволни од спроведувањата на оваа метода се 97 отсто, додека само 2-3 отсто беа незадоволни. Податоците се објавени во Прирачникот кој сега служи за сите наставници. Мислам дека видеата повеќе можат да се користат, затоа што се поставени на интернет и на сите им се лесно достапни. Сега родителите и децата бараат да има вакви упатства и по други спортови и по математика, географија, македонски итн., кои велат доколку не може не мора да бидат како видеа упатства, туку барем да бидат електронски објавени. Но, тоа е сега промена којашто треба да ја прифати нашето Министерство за образование, а ние веќе ги имаме направено инструкциите и по другите спортови. За вакви промени, на почетокот можат да се вклучат со донации и невладини организации и сл., но понатму потребни се и повеќе средства. За ова треба тим, време и системска поддршка.
Какви се резултатите од оваа развојна метода на оценување вон наставата?
Најпрво, ние преку овие критериуми се трудиме да ги научиме учениците по атлетика да бидат одлични на наставата, а потоа од тие стотина да успееме да извадиме дваестина коишто продолжуваат да играат во Атлетксиот клуб и секако, еве стигнавме до светско првенство. Станавме државни шампиони по атлетика во 2013 и заминавме на Светско првенство во Карлови Вари. Годинава бевме државни прваци со 14 медали по атлетика во мај, а истиот месец пак стигнавме до Светско првенство во Хрватска и тоа до 18 години, а нашите ученици се до 15 години. Ова само по себе кажува дека тоа што е направено како проект, дека е применливо во функција на знаење и развој.
Со оглед на тоа дека Вие направивте видео упатства за наставата, каков е Вашиот став за користењето на модерната технологија во наставата?
Ова прашање денес најчесто се формулира како:„Мобилни во образование да или не“? Тоа е сега прашање кај сите образовни системи. За мене да, но мора да се знае како, односно под надзор на наставникот. Не можете да не ја употребувате технологијата ако дома децата ја употребуваат истата. Повторно, ние мора да ги пратиме потребите на младите, ако ние не ги пратиме сега нивните потреби, кога тие ќе дојдат на наши години како тие да ги пратат промените на нините ученици? Тука е нашиот пропаст!
Како се справувате со учениците кои не соработуваат и не сакаат да ги изведуваат задачите на наставата?
Прво, кај мене нема лош ученик. Децата може да се разликуваат од средината, од пристапот до информации, но јас сум убеден дека секое дете сака да учи. Децата тестираат постојано. Тие сакаат да видат дали и кога си болен, нервозен или уморен, дали ти си посветен. Доколку некое дете не е задоволно со моето оценување, тогаш му дозволувам да го оценуваат неговите пријатели. Децата оценуваат реално и гледаат реално. Мојот пристап е другарски, а што значи тоа по некоја моја дефиниција, максимално уважување на личноста. Но, се обидувам притоа да не им влегувам во конфорната зона, детето треба да го има полицаецот, чистачот и професорот во себе. Доколку нивните наставници се лоши, нормално е децата утре да не сакаат да бидат професори. Наставниците се дел од општеството, тие се и родители и дедовци и баби и роднини, општеството во моментот е во стагнација. Поентата е ние возрасните или властите да ги препознаеме учениците и да направиме тие да бидат примерот за нашата подобра иднина.
Со оглед на тоа дека професорите негодуваат поради административните обврски кои им беа доделени, каков е Вашиот став за ова прашање?
Видете, ако вие сакате да владеете со наставниците, ќе ги натрупате со администативни обврски. Нашето Биро за развој на образованието не е биро за развој на образованието, туку е Биро за образование, а Бирото на што ве асоцира ако не на администрација. Ние сме во самото биро, пишувај, пишувај, пишувај и толку. Ние имаме двојна администрација. Развојот би бил доколку ние веќе нема да работиме со пишан дневник, туку ќе работиме со е-дневник. Секако, во места каде не е можно, воопшто не е спорно да остане и пишаниот дневник. Десет години по ред ти одиш на работа и го пишуваш истото, тоа е сосема неатрактивно и ти ја уништува волјата за работа. Од 100 отсто вработени не можат сите да бидат ентузијасти. Некои ќе имаат семејни проблеми, некои финансиски, некој е самохран родител итн. Мотивацискиот фактор не е само платата туку и како си прифатен во општеството. Меѓутоа, ова мора да го кажеме и во медиуми и насекаде: мора да се престане со вработување на неквалитетен кадар по основа на пријателска, роднинска или партиска врска. Квалитетот мора да ни биде приоритет, затоа што попусто ти е што ти си капетан на брод ако тој брод со кој управуваш тоне. Некомпетентните луѓе треба да го отстапат местото на оние кои се навистина квалитетни и знаат како да си ја вршат работата.
Бидејќи Вие веќе трета година сте и заменик директор на основното училиште „Крсте Мисирков“, каде го гледате „вашето“ училиште во иднина?
Уф, јас сум дете на „Крсте“ и таму сум бил ученик, таму сум и професор веќе десет години и да, веќе трета година помошник директор. Некои убави емоции ме поврзуваат со него, целото семејство ми учеше тука. Мислам дека овој моментален успех на „Крсте“, кој е верификуван и со Ноемвриската награда, е врз основа на работата на наставниците коишто успеaја да направат добра конеција на образовниот траголник наставник-ученик-родител. Моментално најголем дел од родителите на учениците се задоволни, а тоа се должи на тоа што на наставниците им е дозволено да работат и да креираат во самиот образовен процес. Институциите го препознаваат за соработка, а дури и самите родители доаѓаат и ни нудат помош и решенија за одредени работи.Училиштето „Крсте Мисирков“ навистина е заедница на хуманост, знаење, напредување, дружење и секако, стана место за дефинирање на самите ученици.
За крај, која е Вашата порака до учениците?
Јас сакам нивните соништа да ги видиме во реалност, ако ние тоа почнеме да го гледаме, во Македонија ќе се смени сe`. Деца, мојата порака до вас е: „Не постои невозможно, само треба малку повеќе време за да се оствари тоа што го сакате“.
(Фросина Марковска)