Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Мила Николиќ од Куманово е најмлад софтверски инженер по роботика во израелската компанија, која работи на развивање на навигационен систем за планирање хируршки процедури на `рбет со помош на вештачка интелигенција.
Oткако го завршила Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје, насока компјутерско системско инженерство, автоматика и роботика, со само 23 години, Мила шест месеци била на пракса во компанијата „Паткипер Серџикал“ (Pathkeeper Surgical), со претставништво во Македонија и Израел, по што добила понуда да биде дел од нивниот тим.
„Огласот за пракса го објави еден професор, во групата за предметот што го слушав. Стартап компанија која се занимава со биомедицинско инженерство бараше практикант. Се пријавив. Таму го пишував својот дипломски труд заедно со колегите од тимот, за дел од системот на кој работиме, машинско учење. Целта на трудот беше да се автоматизира процесот на обработка (сегментација) на било кои податоци односно снимки од компјутерска томографија. По 6 месеци пракса и откако го одбранив дипломскиот труд, ми предложија да останам да работам“, вели таа.
Системот којшто го развива оваа комапнија ќе му овозможи на хирургот многу попрецизно да ја спроведе хируршката интервенција, а пациентот да биде изложен на помало јонизирачко зрачење, бидејќи ќе се намалат снимањата на компјутерска томографија благодарение на вештачката интелигенција.
„Работам во одделот за процесирање на слика. Нашата задача е да ги обработиме снимките од компјутерска томографија и да добиеме 3Д модел на ‘рбетот. Целта ни е да му помогнеме на хирургот додека врши операција на ‘рбет. Нашиот систем го следи инструментот на хирургот и го насочува да дојде до местото за кое е планирана интервенцијата. За време на операцијата, 3Д камерата ја дава моменталната позиција која треба да се прилагоди со 3Д моделот, да се поклопат снимката и 3Д моделот, за да се најде точната позиција од планирањето. Самиот систем нуди голема прецизност, дури под 0,5 милиметри. Исто така, намалена е изложеност на човекот од јонизирачко зрачење, бидејќи потребна е само една снимка од компјутерска томографија. Нема потреба од присуство на апарат за компјутерска томографија во операционата сала, а со тоа и нема потреба од неколку снимки во текот на самата операција. Бенефитите во здравството од овој систем се големи“, објаснува Николиќ.
Таа смета дека лекарите не треба да се плашат дека брзиот развој на вештачката интелигенција ќе ги загрози нивните работни места, бидејќи роботите ја преземаат механичката работа од нивните раце, а не суштинската.
„Конкретно во медицината, роботот уште ништо сам не одлучува. Роботите денес ја имаат преземено механичката работа од професиите, се` со цел да се намали времетраењето и зголеми ефикасноста на било кој процес. Развојот на вештачката интелигенција оди прилично брзо и во насока да му биде од корист на човекот. Сепак, човекот го програмира роботот, ја развива вештачката интелигенција и мислам дека има контрола за насоката во која се развива. Свесни сме дека кога излезе првиот телефон никој не очекуваше дека за неколку години ќе ни бидe асистент. Човештвото го плаши се` она што му е непознато и нејасно, и тоа е во ред“, објаснува Мила.
Иако нејзината работа навидум изгледа комплицирана, сепак нејзиниот сон и цел се едноставни - да се направи нешто добро за човештвото. Таа вели дека луѓето реагираат изненадено кога ќе им каже што работи. Нејзината работа ја гледаат како научна фантастика и фасцинирани се од фактот дека вакво нешто се создава баш овде и дека таа е дел од тоа.
Поради кризата со пандемијата на коронавирусот во моментот таа работи од дома, работењето онлајн во нејзината професија не претставува никаков проблем. Во компанијата која има претставништво и во Скопје работи од март годинава.
Мила вели за да се успее во животот најважно е да се знае што се сака, бидејќи се` може да се оствари доколку човекот верува во себе. Таа е презадоволна и горда на себе, а посебно благодарна на тимот со кој учат заеднички.
„Ја најдов работа за која не верував дека постои во нашата држава и учам од најдобрите. Благодарна сум за се` што во моментот го имам и возбудена сум за се` што доаѓа. Тимот со кој работам брои 7 члена, сите работиме на развојот на системот. Во потрага сме и по искусни инженери кои ќе работата со нас. Во Израел се CEO, CTO и проект-менаџер, имаме и доктори од неколку земји со кои се советуваме за развојот и заеднички учиме. Лично, планирам да запишам и магистерски студии, но засега не знам дали тоа ќе биде тука или надвор од државата. Кога градиш нешто од нула знае да биде напорно, ама од друга страна ја имаш слободата да го покажеш своето знаење. Немам информации дали овде имаме конкуренција, но со сигурност знам дека секоја конкуренција е поттик да продолжиш да се надоградуваш. Ме чекаат уште многу искуства и уште многу знаења. А за успехот досега, мислам дека рецептот е упорност, доследност, трпение, верба“, додава оваа млада девојка, која моменталниот успех го смета само за нејзин почеток во професионалната надградба.
За раѓањето на љубовта кон роботиката, Мила, вели дека е плод на љубопитноста и фасцинацијата којашто ја имала уште од мали нозе кога се воодушевувала на самата помисла дека може да се создаде нешто слично на човекот.
„Мислам дека со тоа што ги пробав сите мои страсти многу полесно ја најдов идеалната професија. Кога бев во средно, ме интересираше новинарството, па волонтирав во онлајн радио како водителка. Глумата исто така ме привлекуваше уште од мала и поради тоа бев дел од училишните претстави „Г-ѓа Министерка”, „Народен пратеник”, а „Радован Трети” ја режирав и глумев. Но, од друга страна математиката, бројките, програмирање исто така ми беа привлечни. А и како помала, отсекогаш сакав да гледам филмови со футуристички сценарија и да читам за роботи и технологија. Ме фасцинираше како може да се направи нешто што може слично да постапува како човек“, додава за крај младата инжeнерка која не се плаши да сонува со отворени очи.
Сепак, таа се надева дека реалноста и брзиот развој којашто го живеат поразвиените каде веќе роботиката односно роботските раце се вклучени во асистенција во здравството, ќе ја забрза примената на технологијата и кај нас.
(Ф.Марковска)