Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Куманово е еден од ретките градови каде на повеќе државни и локални функции се наоѓаат жени.
Припаднички од понежниот пол раководат и работат во многу значајни институции од кои зависи развојот и стабилноста на градот. Почнувајќи од највисокото законодавно тело Парламентот, Советот, локалната администрација, Општата болница, Основниот суд, Основното јавно обвинителство, Центарот за социјални работи, Агенцијата за вработување, се само дел од институциите кои ги „тресат“ жени.
Атина Мургашанска дипломиран правник е прва жена претседател на Советот на Општина Куманово од неговото основање. Советот има дури 14 жени советнички од вкупно 33 членови од 13 политички партии во градот. Мургашанска како прва меѓу еднаквите со своето знаење и шарм се наметна како авторитет при водењето на седниците. Советот добро функционира, а таа не се жали ни кога некој од советниците се обидува свесно да ја испровоцира за да добие некој политички поен.
„Политиката сеуште е свет на мажите, но од ден на ден жените се повеќе го добиваат заслуженото место. Перманентната борба за родова рамноправност и еднакви можности, се мотив повеќе жените да бидат максимално посветени на своите обврски, амбиции и визии. Од тука "женската сила" е несопирлива во секоја замисла или проект, било тоа на приватен, професионален или општествен план“, - изјави Мургашанска.
По изборот на новиот градоначалник, за секретар на Општината е назначена Десанка Стошевска, дипломиран правник, која до тогаш работеше како подршка на Советот на Општина Куманово.
Во локалната администрација најзначајните сектори за финсии, комунални работи, урбанизам и даночното одделение го водат жени: Ирена Илиевска, Лидија Ланг-Спасовска, Емилија Сларидис- Јаневска и Андријана Недељковски. Портпарол е Бисера Благоевиќ.
Од вкупно четири директорски фотељи во средните училишта во три седат жени: Весна Трајковска, Мила Жибак и Марија Тодоровска. Градинката „Ангел Шајче“ со години наназад ја раководи Марина Алексовска, додека повеќето од основните училишта ги водат дами: Марина Манојловска, Светлана Трајковска, Лидија Костиќ, Елизабета Костиќ, Надица Петровска и Лидија Пешевска.
Покрај локалните, жени управуваат и одговорни државни институции. Пратеник од Куманово во Собранието на Република Македонија е Лидија Тасевска, во Основен суд претседателка е Снежана Манев, во Основното јавно обвинителство Теута Бедриу - Рамадани, Центарот за социјални работи Александра Арсовска, во Агенцијата за вработување Марија Димитриевска, a за здравствениот систем во градот се грижи Снежана Захариева.
Жените не се жалат од раководните позиции, ниту поради тоа што им трпи општествениот и семејниот живот.
„Не им е потешко на жените директорки, бидејќи вообичаено жените се погрижливи и во водењето на домаќинствотот, но и во извршувањето на работните обврски. Затоа и сметам дека жените се одлично прифатени од останатите колеги и од вработените. Поради професионалната ангажираност најмногу трпи семејството, а нешто помалку општествениот живот. Кога се има желба може да се постигне се, а откажувања има многу во секоја работа која посветено и одговорно се работи, - вели докторка Захариева.
Единствено загарантирани директорските места за мажите се јавните претпријатија. За директорските фотељите се води жестока партиска битка, и тој терен сеуште не е достапен за жените.