Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Уште на Олимпијадата дојдоа колекционери од Америка и ми понудија 10.000 долари да го продадам медалот. Пред некое време некои луѓе се јавија преку интернет, но не ја давам, колку и да сум без пари. За мене нема цена. - Реџеповски со сребрениот медал што го освои на 23. Летни олимписки игри во Лос Анџелес во 1984 година.
Големото боксерско име и освојувач на сребрениот медал од Олимпијадата во Лос Анџелес во 1984 година, кумановецот Реџеп Реџеповски разочаран од луѓето и институциите, вели дека во земјава има пари за секакви глупости, но не и за поддршка на стручните луѓе кои со своите успеси ја испишале спортската историја
„Македонија никогаш нема да стане спортска нација, бидејќи државата не знае да го искористи знаењето и искуството на врвните спортисти. Место да ги ангажира веќе докажаните професиналци да ги водат младите спортисти кон светските успеси, таа целосно ги маргинализира и заборава“. Вака за порталот САКАМДАКАЖАМ.МК ја почнува својата спортска приказна големото боксерско име и освојувач на сребрениот медал од Олимпијадата во Лос Анџелес во 1984 година, кумановецот Реџеп Реџеповски, кој повеќе од 18 години не се занимава со спорт. Разочаран од луѓето и институциите, тој вели дека во земјава има пари за секакви глупости, но не и за поддршка на стручните луѓе кои со своите успеси ја испишале спортската историја.
Државата не отфрли, не го сака нашето знаење. Јас го научив занаетот на светските рингови и штета што нема на кого да го пренесам. Секој спортист е најголем амбасадор на својата земја. Градот Куманово има олимписки медалист во пензија, но дозволи 15 години да бидам уличар кој не може да влезе во салата за бокс и да направи клуб за да ги собере талентираните деца. А има талентирани деца во Куманово и Македонија, но нема кој да работи со нив. За овие 20 години ќе создадев најмалку петмина олимпијци“, вели олимпискиот медалист кој пред 32 години беше гордост на Куманово, а сега е заборавен од сите.
Реџеповски се надева дека неговиот внук, двегодишниот Реџеп Реџеповски, ќе тргне по стапките на дедо му и во домот ќе донесе уште некоја олимписки медал
Носителот на сребрената олимписка ракавица е разочаран што Македонија по толку години независност е на дното по бројот на учесници и постигнатите резултати на Олимписките игри во Рио и се наоѓа зад земји кои постојат само неколку години, но смета дека никогаш нема ни да има повеќе ако не се смени политиката кон спортот и не се искористи знаењето и искуството на олимпијците кои се калеле на светските спортски терени.
Ако децата во кој било спорт ги тренираат професори или луѓе кои аматерски се занимаваат со спорт никогаш нема да постигнат успех. Знаењето треба да им го пренесат оние кои ја поминале школата на големите терени и го почувствувале светскиот успех. Пред десетина години почнав да работам во боксерскиот клуб ‘Куманово’ и за една година во поединечна конкуренција направив државен првак и освоивме неколку медали, но немав поддршка. Градоначалникот Зоран Дамјановски не сакаше да ни даде ни 100 евра. Оттогаш веќе не работам. Греота и жално е што јас во мојата 54. година, кога најмногу можам да дадам во боксот, сум надвор од рингот. Во градот се даваат големи пари само за кошарката, а другите спортови како да не постојат. Во времето на комунизмот се знаеше, секоја фирма го помагаше спортот и посебно се ценеше трудот на индивидуалните спортисти. Сега никој не не ферма, од кого да очекуваш помош. Затоа изгубив волја и не сакам никого да молам“, вели Реџеповски.
Олимпискиот медал го освои на 22 години и вели дека тогаш не бил свесен каква тежина има неговиот успех
Олимпискиот медал го освои на 22 години и вели дека тогаш не бил свесен каква тежина има неговиот успех
Во својата богата боксерска кариера, Реџеповски девет години бил во репрезентацијата на Југославија и пет години првак во државата во која живееле над 20 милиони луѓе. Својот успех и освојувањето на олимписката, медитерански, балкански, државни и многу други медали, го должи на одличните тренери, пред се на Бруно Хрaстински кој ја водел југословенската боксерска репрезентација, но и на големата волја што ја имал да успее во боксот и покрај напорните тренинзи и подготовки кои траеле по шест часа дневно пред големите натпреварувања.
Јас почнав во 1978/79 во БК ‘Куманово’ кај тренерот Мирослав Петровиќ во спортската сала ‘Соколна’. За неколку месеци станав првак на Македонија, а по 7-8 месеци првак на тогашна Југославија. Така се изборив за место во репрезентацијата што требаше да оди на Олимписките игри. Пред Олимпијадата интензивно тренирав четири месеци во спортскиот центар ‘Кошутњак’ во Белград. Во финалето боскував со Американецот Стив Меккрори и изгубив со 3:2, но судиите беа на негова страна. Имав само 22 години и не бев ни свесен што ми се случува и каква тежина има мојот успех. Да сум сега со овој памет, многу работи би знаел како да ги поставам, ама тогаш бев дете од сиромашно семејство. Татко ми работеше во градска чистота и со мала плата хранеше седум деца и едвај составуваме крај со крај“,вели Реџеповски.
По враќањето од Америка на спортистите им бил приреден незаборавен пречек прво во Белград, а потоа и во родното Куманово. Но една година потоа тој го напуштил клубот и во 1985 година заминал во Нови Сад. По две години кариерата ја продолжил во Германија каде останал десет години. Се откажал од професионалниот бокс во 1998 година и се вратил во Куманово. Оставен сам и без работа, повеќе од десет години со шестчленото семејство живеел од социјална помош од 3000 денари, по што во 2010 година доби државна пензија за заслуги во спортот.