Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Рачната изработка, по дефиниција, не е толку совршена, но има душа. Во Македонија правењето филигран е вековна традиција, која од заборав ја сочуваа старите мајстори.
Умешноста на создавањето на овие украси со душа, сега, за генерациите што доаѓаат, ја чуваат младите мајстори - уметници, кои се нафатија на благородната мисија да овозможат, филигранскиот занает да продолжи да живее.
Вале Младеновска(21) повеќе од година дена се занимава со филигранство и досега направила стотина парчиња рачно изработен накит и филиграни. Бидејќи е голем љубител на уметноста, по завршувањето на средно Уметничко училиште на иницијатива на мајка и посетувала курс за филигранство во Дом на занаетчии во Скопје каде стекнала практично знаење. Мајсторите за филиграни претежно се мажи, но филиграни најчесто купуваат жени, објаснува Младеновска. Колку време и труд ќе потроши за едно парче накит зависи од големината и деталите.
Една бразлетна со вметнување на камен ја правев два месеци со мали паузи. Филиграните се прават од сребро, но ако сака купувачот може да биде тоа сребрен филигран позлатен. На луѓето им се допаѓаат филиграните естетски, но финансиски многумина не можат да си дозволат да купат таква рачна изработка. Во Скопје многу повеќе се запознаени со филигранството и повеќе се цени. Бараат повеќе, купуваат повеќе и поплатено е - вели Младеновска.
Многупати досега свои блиски роднини и пријатели практикувала да ги изненади со филигран. Занаетот ја исполнува и нејзина желба е во иднина да отвори своја работилница.
Планирам да набавим машини, да отворам своја работилница тука во Куманово. Ми се допаѓа ова што го работам, го работам со љубов. Моето време го трошам продуктивно. Според мене за оваа работа потребна е пракса, пред се трпение бидејќи се тоа многу ситни детали кои се работат само со пинцети. Имам колеги мажи и многу често се запрепастувам колку убав накит прават. Ако некој брза или е нервозен ништо нема да направи - објаснува Младеновска.