Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Младен Трендевски (27) е уличен уметник од Куманово, кој со години наназад се обидува со своите разнобојни графити, да ги прекрие темните и запуштените места во градот, претворајќи ги во естетски уредени катчиња.
Неговиот прв допир со оваа уметност бил додека учел во „Браќа Миладиновци“, додека ги гледал исцртаните графити на своето училиште, кои за него и неговите другари претставувале мал рај за детските очи, а графитџиите вистински суперхерои.
Години подоцна детето чиишто ѕидови со години биле листови од тетратка, налик на неговите херои од детството ќе почне да ги украсува и испишува зградите на многу училишта низ градот, создавајќи „магија“ за детските очи. Денес, на социјалните мрежи има околу илјадници слики на учениците покрај украсените ѕидови.
Кога Младен се запишал на Градежниот факултет во Скопје, тој во ниту еден момент не се колеба дека токму преку уметноста може да се создаде поубаво место за живеење. Своите вештини од факултетот ги користи за надоградување на својот стил на цртање, а како негов препознатлив стил се издвојуваат кириличните букви преку кои смета дека ја афирмира нашата писменост и притоа се стреми кон создавање на оригинална уметност која би можела Куманово да го вброи во најубавите авангардни европски градови.
„На почетокот го негував и го следев стилот на моите претходниците во градот. Со текот на годините изградив свој стил. Можам да кажам дека карактеристика за мојот стил се кириличните векторски букви со флора. Со овој стил на цртање сакам да ги презентирам нашите вредности, кириличното писмо, бидејќи е многу ретко да се видат графити со таков стил. На тој начин ќе се издвоиме од целата Европа и ќе презентираме нешто поразлично“, вели Младен, кој во светот на уличната уметност веќе е препознатлив по прекарот Трендо.
Тој смета дека во градот има многу квалитетни цртачи, а и места кои Куманово би можеле да се претворат во галерија под отворено небо. Сака да го види Градски стадион исцртан со графити во светли бои, а секоја политичка парола или шкртаница да ја обои со уметност.
„Секое место кое е уништено од секакви натписи, политички пароли, обични шкртаници, може да се обои во нешто убаво, бидејќи имаме голем број на квалитетни цртачи. Јас, искрено, сакам да го видам исцртан целиот Градскиот стадион, потпорниот ѕид на ул. „Драган Стопаревиќ“ како и малото паркче пред Градскиот базен, за кое сите знаеме дека е уништено. Може да се работи на ѕидот спроти Автобуската станица, да се исцрта и целиот мост пред влезот на населбата „Перо Чичо“, потпорниот ѕид по булеварот „Трета МУБ“. Реално, има уште многу згради кои можат да се разубават, секогаш сум расположен да соработувам со било кој, само за да допринесеме за поубав и поурбан изглед на нашиот град, да имаме и ние со што да се пофалиме“, посочува Трендо, кој се залага „графитџиите“ повеќе да не бидат тајни уметници.
Младиот уметник, истраен во своите идеи досега оставил свој печат низ многу балкански градови: Софија, Врање, Ниш, Загреб и многу други, работи за фестивали, продукции, најразлични фирми и граѓани низ целата држава. Но, за особено драги ги потенцира графитите и муралите на ѕидовите на училиштата низ градот. Тој е и главниот иницијатор за отпочнување на фестот „Графити Фест Куманово“, кој прераснува во традиција.
„Особено ми е драга што ваквата иницијатива ја прифатија и основните училишта „Крсте Мисирков“ и „Браќа Миладиновци“ од Куманово кои добија нов лик и го решија проблемот со шкртаниците, урнатините и влагата. Се исцртаа и дел од ѕидовите на Гимназијата „Гоце Делчев“ како училиштето „Перо Наков“. Почнавме со исцртување и на дел од ѕидовите на НЦКУ „Трајко Прокопиев“, работиме и на ѕидовите на Спортска сала во Куманово и доста други места. Некои граѓани почнаа да бараат и нивните згради да се исцртат, со цел да му дадат живот на својот простор“, вели младиот уличен уметник.
Графитџијата Трендо вели дека во последните години се уриваат предрасудите дека цртањето на графити е вандализам. Смета дека овој вид на уметност полека но сигурно во иднина ќе го вреднуваат голем број на луѓе.
„Има една случка која ќе ја паметам цел живот. Додека цртав на ѕидовите на Градежен факултет во Скопје, ми пријде еден постар човек со шешир и капут и ме праша дали би можел да ми се заблагодари. Јас бев изненаден и му реков дека нема потреба од такво нешто, а тој пред мене се поклони три пати и ми се заблагодари што го правам тоа за градот. Инаку, треба уште да се работи на кревање на свеста кај луѓето за овој вид на уметност, а тоа се подразбира и за мојот град Куманово", додава Трендо.
Кога би имал можност да ја опише 2020 година со графит прекривајќи некоја шкртаница, тој вели дека би го нацртал најдолгото копче „Space“ од тастатурата, како година која треба да се прескокне.
Младиот уметник, сеќавајќи се на почетоците, вели дека иако навидум цртањето графити изгледа лесно, дека сепак си има свои предизвици и е повеќегодишен процес. Негова формула за добар графит е: искуство, добра атмосфера, позитивни луѓе, музика и доволна палета на бои.
„Потешките работи со текот на искуството се надминуваат. Една од попроблематичните работи е исцртувањето и поставувањето на цртежот на голема површина. А подоцна, за да се стане препознатлив уличен уметник, треба да се работи на свој стил, кој се постигнува само со постојана работа и посветеност. За да почнам да цртам најпрво ми треба опуштена атмосфера, позитивни луѓе, добра музика и доволна палета на бои. Тоа е мојата формула моја за да почнам да цртам, се` друго можам да решам. Едноставно, сакам окото на набљудувачот да не гледа монотоност и сивило“, додава „графитџијата“ кој се сеќава дека својот прв графит од кој денес нема ништо го изработил во 2008 година, кога надвор било многу ладно.
Како едни од најризичните места на кои се цртаат графити, Трендо ги издвојува графите на зградите, кои претставуваат и своевидно достигнување на врвот, а од европските градови со препознатлива урбана уметност како поинтересен го издвојува Берлин кој е посебен поради застапеноста на различните стилови на цртање.
(Ф.Марковска)