Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Анита Спасовска e извршен менаџер на Бучен Козјак, компанија од млечната индустрија силно посветена на производство висококвалитетни производи. Доказ дека трудот и посветеноста не остануваат непризнаени од пошироката јавност се бројните награди со кои се закити менаџерката на оваа компанија.
Г-ѓа Спасовска, низата на награди и признанија за Вашата успешна менаџерска работа продолжува и годинава. Кажете ни детали за Вашето последно признание? За каква награда станува збор?
Наградата ја добивме од страна на меѓународната организација ICERTIAS, а е врз основа на направено истражување чиј што фокус бил репутација на компанијата на домашниот пазар, социјалниот став на компанијата кон заедницата и општеството во целина, нивото на доверба, перцепцијата и мислењето на јавноста и потрошувачите. Резултатите од истражувањето покажале дека Бучен Козјак им дава беспрекорна услуга на своите купувачи, деловни партнери и вработени, а со тоа и го доби престижното признание ICERTIAS Customers’ Friend.
Знаеме дека ниту една компанија не може да функционира доколку ги нема своите купувачи и клиенти, но истовремено ниту еден пазар не е доволно голем да може секојдневно да генерира нови купувачи. Затоа лојалните потрошувачи се еден од клучните чинители за успехот на компанијата. Трнувајќи од овој аспект за нас оваа награда е од големо значење и дава дополнителен мотив за идни активности. Задоволните потрошувачи не се случајност. Тоа е концепт кој што компанијата го гради многу години на назад, а сега кога тоа е потврдено од нивна страна дополнително дава вредност и создава прекрасно чувство, како што гласи и самиот слоган – “Бидејќи ги цениме нашите купувачи”.
Престижната награда „менаџер на годината“ со која се закитивте кон крајот на минатата година од Европската Бизнис Асоцијација и Socrates Committee Oxford од Велика Британија исто така е многу знајчајна. Кажете ни нешто повеќе за оваа награда и колку истата Ви значи како поттик за остварување на што поголеми успеси?
Да се биде дел од компанија која од своето формирање континуирано се труди да го развива и подобрува работењето за мене е предизвик уште од самиот почеток на моето вработување во Бучен Козјак. Тоа е компанија која ја негува својата политика за квалитет, која се стреми за целосна посветеност на целите и креирање на задоволни потрошувачи. За тоа да се реализира треба да се стават во систем и функција многу работи, или поинаку кажано да се состави мозаикот. Тоа значи правилно поставување на сите негови составни делови а тоа е едноставно невозможно да го направи поединец. Овие награди и признанија се заслуга на сите кои сме инволвирани во работењето на компанијата, сите кои го создаваме мозаикот и мене ми е многу драго што тоа е препознаено како од нашите потрошувачи, исто така и од институции кои се занимаваат со ваков вид на истражувања.
Наградата која што ја добивме минатата година е на иницијатива на Европската Бизнис Асоцијација и на 20-ти декември 2016 год. во Oxford Town Hall, Велика Британија се оддржа главниот меѓународен форум – Самитот на Лидери 2016. Самитот е престижен собир на членови и партнери на Европската Бизнис Асоцијација и Академската Унија на Окфсорд и се одржува уште од 2000 година. Европската Бизнис Асоцијација собира заедно еминентни академици, аналитички центри, бизнис икони, меѓународни лидери и генерални менаџери од 48 земји да дискутираат за најновите прашања и трендови кои ќе ја детерминираат иднината на образованието и бизнисот. Во рамки на Самитот се одржа Оксфорд Гала Церемонијата и Европската Бизнис Асоцијација имаше чест да ја претстави и млекарата Бучен Козјак како водечки бренд во млечната индустрија и при тоа беше доделена наградата “Најдобра фирма на годината” (‘Best Enterprise Award’) за силната позиција на домашниот пазар и успешна имплементација на модерни менаџмент технологии, високо квалификуван стручен кадар и ефикасна маркетинг стратегија, а јас ја добив наградата Менаџер на годината-’Best Manager of The Year Award’.
Секоја награда, секој убав коментар за нашите производи за мене значи потврда дека она што го работам заедно со моите соработници е правилно, но во исто време дава поттик за уште подобро работење. Не постои ниту еден бизнис каде работите се одвиваат беспрекорно и ако никогаш не сме доживеале неуспех, веројатно и не сме правеле ништо посебно. Но, тоа пак не значи за да немаме проблеми не треба ништо да работиме. И сосема е во ред да се слави успехот, но уште поважно е да ги учиме лекциите од неуспехот.
Со оглед на тоа дека во Вашето CV се уште и признанијата за жена-менаџер на годината од домашната асоцијација Марили, кажете ни колку и како овие награди влијаат на Вашето работење? Тие секако се признание за постигнатите резултати, но и обврска за остварување уште позначајни…
Како што веќе спомнав сите убави коментари, пофалници, награди имаат поттикнувачки карактер и креираат очекувања кои секогаш се поголеми. На патот до целта освен желбата која ја имаме ни треба и уште еден релевантен фактор, а тоа е визијата. Тоа е сликата која можеме да ја создадеме пред своето “духовно око”. Сите ние како луѓе имаме свои цели и планови но, многу е важен начинот на кој ги формулираме и тоа има влијание дали тие ќе се остварат или не. Кога ќе се навратам на назад и ќе направам самоанализа јас сите вистински цели ги имам постигнато два пати, еднаш во мислите а потоа и во реалноста.
Г-ѓа Спасовска, кои лично за Вас се најголемите успеси кои сте ги оствариле како менаџер на една од најуспешните млекарници во земјава- Бучен Козјак? Од друга страна, пак, кои се клучните предизвици со кои се соочувате во пракса како менаџер?
Тешко ми да издвојам и во низа да ги набројам што е сé она што за мене претставува успех. Не знам … секој ден за мене е нов предизвик, секоја нова ситуација е можност да станам подобра од вчера. Не постои момент во животот кога било кој од нас нема да има предизвик, но што е за мене важно тука? Секој предизвик од ден на ден да станува поквалитетен и со нивно решавање да постигнувам развој, бидејќи тоа е основа за ментално, емоционално и физичко зацврстување и растење.
Многу често се говори за создавање тимови, управување со нив и сигурна сум дека ќе се сложите со мене дека тоа воопшто не е лесна робота. Самосвесноста за тежината на лидерството бара постојана посветеност на развој на лидерските вештини, за да тоа резултира со реализација на заедничките цели. За мене луѓето се највредниот ресурс со кој располага било која компанија и во овој период на човештвото кога миграцијата на квалитетни кадри се одвива на глобално ниво дава дополнителна тежина на ситуацијата. Од нас менаџерите зависи какви резултати ќе постигнеме, како ќе ги мотивираме вработените, како ќе ги развиваме. За мене од големо значење е да генерирам задоволни вработени кои ќе имаат успех во она што го прават, тие се што треба идејата да претворат во добар производ. Како велат: “ Ако сакаш да одиш брзо оди сам. Но, ако сакаш да одиш далеку, оди во друштво. ”
Во Македонија во последно време се формираат и нови институции кои ги здружуваат менаџерите каде што членувате и Вие. Кои се реформите и/или промените кои треба да се иницираат во Македонија во поглед на унапредување на позицијата на менаџерската професија?
Да, јас сум член на Асоцијацијата на менаџери на Република Македонија која е независна деловна организација. И ја имав можноста да бидам дел од првиот Европски конгрес на менаџери кој се одржа во Јуни минатата година во Будва и на кој што конгрес Асоцијацијта стана полноправна членка и соосновач на Асоцијација на менаџери на Југоисточна Европа. Ако тргнеме од фактот дека компаниите се тие кои го полнат буџетот на секоја држава сосема логично е и формирање на ваков вид на организација каде на едно место се сплотени луѓе кои се водени од заеднички критериуми: одговорност, професионалност, визионерство, посветеност и знаење. Истовремено со формирањето на Асоцијацијата на менаџери се созададе координирана и организирана мрежа каде преку промоција и развој на лидерски и менаџерски вештини и знаења се помага на општествена и економска преродба во регионот.
Промените се клучен императив за успех во денешниот брзо-менувачки свет. Како Вие лично одржувате чекор со промените кои се случуваат, како во индустријата во која работите, така и во светот на менаџемнтот?
Во технолошката индустрија единствената константа е промената. Технолошкиот развој кој што има галопирачко брзо темпо наметнува и постојани промени и прилагодувања на она што се случува во окружувањето доколку сакаме да опстанеме и да имаме развојна тенденција. Ние како компанија се трудиме да инвестираме во осовременување на постојните технолошки процеси, но во исто време огромно внимание се посветуваме и на развојната компонента кај вработените.
За мене животот е едно долго искуствено учење, а сепак многу краток за да губиме време чекајќи да се појави некој кој ќе ни покаже дека сме вредни, да ни го покаже патот и како нешто се остварува. Сакам да споделам една мисла од Роберт Киосаки на која чето се навраќам “Ако сте личност која чека вистинското нешто да се случи, вие веројатно ќе чекате долго. Тоа е како да чекате сите семафори да покажуваат зелено барем пет милји пред да почнете да возите.”
Самите на себе сме најдобриот пријател и од големо значење е да веруваме во себе. Но, првин треба да го инвестираме своето време, работа и труд во себе пред да очекуваме некој друг да инвестира во нас. Јас сум човек кој што постојано учи, истражува и се развива и тоа ме оддржува и уживам кога ќе имам состанок сама со себе. Но, тоа не значи ништо доколку наученото не доживее примена. Тренингот ми е составен и незаменлив дел од учењето. Сé што читам ми е корисно, но многу покорисно е кога ќе почнам и да го применувам. Ние сме нашето минато ЈАС и причина за нашето идно ЈАС, што значи ние денес ја креираме својата иднина со секоја своја мисла и дело.
За крај, кои се Вашите лични амбиции во светот на бизнисот?
Сите ние сакаме животот да ни биде поубав и поисполнет, сакаме да живееме на најдобар можен начин, често пати веруваме дека работите во нашиот живот би биле многу подобри доколку имаме толку и толку пари да не мора да се грижиме, ако го работиме она што најмногу го сакаме, ако бидеме со личноста која ја сакаме и кога уште ова би го направиле сé ќе биде супер итд. Но, што се случува? Многу често во овие размислувања и проектирања знаеме да се изгубиме себе си. Ние и понатаму сме таму каде што сме и понатаму сме задоволни или незадоволни од она што го постигнуваме, но што е она што е за мене многу важно? Тоа е благодарноста и не се однесува само наизглед на големи и крупни работи, напротив благодарност е да се радуваме на новиот ден кој ни дава нови можности.
Јас сум благодарна на можноста денес на разговарам со Вас, благодарна сум што сум мајка на две прекрасни дечиња кои бесконечно ги сакам, благодарна сум што имам прекрасен сопруг кој што ме поддржува во она што го сакам и работам, благодарна сум што имам пријатели кои ги сакам и почитувам и сигурно има уште многу причини за благодарност. И така благодарна на сé што имам и сé што постигнав досега моите амбиции се секој ден да бидам сé подобра со желба да го пренесам на идните генерации. Ништо во нашиот живот нема значење, освен она на што ние ќе му дадеме.
(Преземено од Иновативност.мк)