Објавен оглас за автобуски превоз во Куманово за наредните 5 години
Општина Куманово распиша оглас за избор на превозници кои ќе го вршат општинскиот линиски превоз на патници во периодот од 2027 до 2031 година.
Со огласот се опфатени 19 автобуски линии, од кои дел се групирани во два пакета.
Превозниците ќе можат да конкурираат за линии што ги поврзуваат градот со околните населени места, но и за градски релации. Меѓу нив се линиите Проевце – Железничка станица, Горно Којнаре – Долно Којнаре – Куманово, Добрашане – Зелен Рид – Индустриска, Карпош – Железничка станица, Режановце – Куманово, Куманово – Лопате, Биљановце – Пожарна и Куманово – Речица.
Предвидени се и линии до Орашац, Скачковце, Новосељане, Косматац, Мургаш, Кучкарево, Габреш, Градиште, Пезово, Кшање и Кокошиње, како и до Табановце, Карабичане, Сопот, Четирце, Пчиња, Вакв, Студена Бара и Костурник. Во огласот се опфатени и релациите Романовце – Куманово, Бајрам Шабани – Бедиње, Бедиње – Тромеѓа и Куманово – Шупли Камен.
Линиите се поделени во два пакета. Пакет 1 ги опфаќа линиите Романовце – Куманово и Бајрам Шабани – Бедиње, додека во пакет 2 се линиите Бедиње – Тромеѓа и Куманово – Шупли Камен.
Заинтересираните превозници треба да поднесат пријави до Комисијата за спроведување на постапката за избор на превозници за општински линиски превоз на патници, врз основа на дозвола издадена од Општина Куманово.
Рокот за доставување на пријавите е 3 декември 2026 година. Пријавите треба да бидат доставени во затворен плик во архивата на Општина Куманово, најдоцна 15 дена од денот на објавувањето на огласот.
Огласот се однесува на одобрување линии превоз во наредните пет години.