×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Ѓаволски е тешко да се води опозициска oпштина во државата

    08.01.2013 15:32 | KumanovoNews

    Целата законска регулатива е така поставена општините да се директно зависни од оние министерства кои имаат најголемо влијание на развојот на општината. Затоа, она што го сработивме во мината година е еден гигантски потег и имаме успешна инвестициска година.

    Ѓаволски е тешко да се води опозициска oпштина во државата

    Имам адекватна почит кон секого што се занимава со политика, па и кон двајцата противкандидати, заради тоа што имаат доблест и храброст да излезат на избори. Меѓутоа, сакам да кажам дека јас имам големо искуство во менаџирањето со општината и тоа е моја предност во однос на нив, која ми дава за право да сум оптимист за исходот на локалните избори.

    1.По што ќе ја паметите 2012 година?

    Во политичка смисла, мината година беше година на голем предизвик, со големи политички турбуленции на македонската политичка сцена. Сите случувања на релација позиција и опозиција не го заобиколиja ни нашиот град. Во еден таков амбиент, ѓаволски е тешко да се води опозициска општина во државата. Особено кога целата законска регулатива е така поставена општините да се директно зависни од оние министерства кои имаат најголемо влијание на развојот на општината. Затоа, она што го сработивме во мината година е еден гигантски потег и имаме успешна инвестициска година. Изградивме две спортски сали, го градиме затворениот базен со аквапаркот и реализиравме над 40 помали проекти. Од лани ми се значајни и успесите во спортот и културата, а особено реализацијата на социјалната програма за најзагрозените семејства во општината.

    2.Предходната година сигурно ќе ја запомните и по тоа што добивте подршка од Вашата партија за трет мандат?

    Големо задоволство ми претставува тоа што мојата партија уште во јуни, меѓу првите кандидати во државата ме промовираше по трет пат за градоначалник и ми ја даде довербата да ја водам најголемата локална самоуправа во државата. Со тоа ми одаде признание како човек и како личност, кој со своето политичко делување одбележил една временска дистанца во работењето на СДСМ. Тоа за мене е голема работа и го прифаќам како голема обврска да излезам и да победам на изборите.

    3. Што пресуди Вие да ја добиете довербата, со оглед на тоа што имаше повеќе заинтересирани канидати?

    Довербата се темелеше на една политичка анализа која ја направи партијата, но и на анкетите на независните маркетинг агенции,кои покажаа дека  мојата работа во изминатите 4 години од граѓаните беше оценета како позитивна. Јас работев осум години на оваа позиција и сметам дека со моето работење го сменив менталитетот на работењето на локална самоуправа. Од еден затворен систем направивме транспарентна општина што има слух за потребите на граѓаните.

    4. Познати се двајца кандидати за градоначалници. Ги сметате ли за сериозна конкуренција?

    Во политиката секогаш конкуренцијата е сериозна. Јас ќе бидам несериозен ако кажам дека само јас сум сериозен кандидат. Сметам дека и двајцата кандидати се должни за почит. Тие имаат свои визии, свои планови, свои програми со кои ќе излезат пред граѓаните. Меѓутоа, сакам да кажам дека јас имам големо искуство во менаџирањето со општината и тоа е моја предност во однос на нив, која ми дава за право да сум оптимист за исходот на локалните избори. Имам секојдневна комуникација со граѓаните, секојдневно добивам подршка и луѓето се наклонети на мојата работа и јас од тука го црпам оптимизмот за наредниот изборен циклус. Имам адекватна почит кон секого што се занимава со политика, па и кон овие двајца кандидати заради тоа што имаат доблест и храброст да излезат на избори.

    5.Коинциденција или не, др. Зоран Дамјановски и др. Зоран Георгиевски. Може ли тоа да ги збуни гласачите?

    На минатите избори партијата на власт се служеше со некои подметнувања на листите, меѓутоа сметам дека со новиот изборен законик партиите ќе добијат унифицирано бројче за целата држава. Со тоа ќе се намали можноста за било какви забуни со имињата. Тоа може да предизвика недоразбирање кај помал број на луѓе, кои не се упатени, но јас се надевам на многу поголема разлика во гласовите, така да таа бројка нема да пресуди за конечниот исход. Излегувам на избори со убедување дека мојата предност пред останатите кандидати е многу поголема од можната забуна на бројки и шпекулативни работи што би можеле да ги направат. Верувам во граѓаните на Куманово кои ми ја дадоа довербата  на предходните избори. Разликата беше 26000 наспроти 13000 гласови. Противкандидатот што излезе од нашите редови ќе направи некои поместувања на тие бројки, меѓутоа многу е тешко во оваа тврда позициско-опозициска борба да победи некоја трета опција и нова концепција. Неговото учество е повеќе да направи штета и да одземе дел од нашите гласови.

    6. Вие сте убедени во својата предност и победа, но што ако СДСМ ги бојкотира изборите?

    Јас сум човек кој досега добил два мандати на предлог на партијата и коалицијата. Мислам дека СДСМ е во една тешка состојба, поради што е приморана да влече потези како бојкот на парламентот, а можеби и бојкот на локалните избори. Тоа се непопуларни мерки, меѓутоа  принудени сме да ги примениме и немаме друго решение во моментот. Вака реагираме за да го свртиме вниманието, пред се на меѓународната јавност, и не по насилен пат, туку по дипломатски пат и договарање да се најдат решенија за регуларен демократски систем, кој ќе гарантира фер избори. Во овие услови во кои се наоѓа судството, медиумите и министерствата цврсто сум убеден дека не можат да се креираат фер и демократски избори. Меѓутоа, и ако сме надвор од институциите не знам дали ќе сме во состојба да ги штитиме интересите на граѓаните, кои гласаа за нас. Ние не се бориме СДСМ да дојде по секоја цена на власт, туку да се врати демократијата и правото на слободата, човекот да одлучува за својата судбина, а не да се внесува страв, понижување и бесперспективност во државата и во Куманово.

    7.Размислувате ли да одите како независен кандидат ако СДСМ ги повлече своите кандидати за градоначалници?

    Јас сум член на СДСМ и ќе ги почитувам ставовите на партијата.

    8. Задоволни си сте од реализираните проекти во изминатите 8 години?

    Јас сум свесен дека многу работи не завршив во овие два мандати. Но, наследив град кој живееше во едно минато време, град кој доживеа стопански колапс. Исто така тука беа и опструкциите од централната власт. Но сепак сметам дека во осумгодишниот период се случи многу динамичен процес во урбанизација на градот и тој е изменет во позитивна насока.

    Отпочна процесот на гасификација како еден епохален проект, завршен е проектот на МЕАП со пречистителна станица за отпадни води, изграден е главен колектор и 35 километри секундарна канализациона мрежа. Изградени се над 70 километри улици, булевари, осветлување. Јас кога дојдов на чело на општината, моите политички противници со цинизам велеа дека Куманово ќе го направам  Лас Вегас. Јас навистина ги осветлив сите приоди кон градот со нови канделабри и градот доби модерен изглед. Особено се гордеам со новите зелени површини, регулација на речното корито со содржина за рекреација на граѓаните и изградба на рекреативниот центар Пелинце. Понатаму, реконструкцијата на градскиот плоштад, горниот парк и изградба на атлетскиот полигон, три нови спортски сали, 12 игралишта за мали спортови, 2 тениски игралишта, а дадовме подршка и  за изградба на лизгалиштето со приватна иницијатива. Во сите сегменти направивме поместување и тоа се гледа во развојот и на врвниот спорт - кошарката, машкиот и женски ракомет, боречките спортови, велосипедизмот. Нашите достигнувања во културата беа наградени во Париз,а започнавме и со организиран пречек на Нова година каде граѓаните присуствуваа на концерти на врврни балкански звезди.

    9. На кои проекти сте горди, а што не успеавте да спроведете до крај?

    Горд сум на два проекта, тоа е Градскиот кеј и гасификацијата. Кога дојдов 2005 година за само три месеци имав две поплави во Средорек и иселување на 200 семејства. Со изградбата на кејот нема излевање на водата, а паралелно со тоа направивме една добра рекреативна зона во центарот на градот. Вториот проект на кој сум горд е гасификацијата на Куманово, како еден од најубавите и единствените проекти во Република Македонија. Ние имаме реална, регуларна и права гасификација, која се базира на дистрибутивна мрежа, приклучена на главниот магистрален вод.

    Кога зборуваме за неоставерни проекти, мои желби, тоа е изградбата на административно-деловниот комплекс Чоробенско ќоше.Чекаме Владата да ни го додели земјиштето и да започне изградбата на комплексот. Со тоа ќе се отстрани една руина во центарот на градот, а многу побитно е што ќе се реши просторниот проблем на локалната администрација и подрачните министерства.

    Вториот проект за кој силно се залагам е изградба на Регионална горилница на црврст отпад. Со неговата изградба ќе се реши проблемот со складирање на цврст отпад во регионат и ќе се затвори постоечката депонија во селото Пчиња.

    10. Како влеговте во политиката со оглед на тоа дека сте врвен лекар-гинеколог?

    Мојата голема љубов, медицината, ја работев цели 27 години, а во политика влегов случајно. Не сум се подготвувал да бидам политичар, ниту сум бил профилиран за политичар. Меѓутоа во тие турбулентни времиња и во нашите здравствени установи позиционирањата многу зависеа од политичката припадност. Во периодот од 1998 до 2002 година почнав да размислувам да се вклучам активно во политиката и тоа ме доведе во една позиција каде не можам да ја практикувам мојата професија. Зависно од судбината на политичката сцена ќе биде и мојата понатамошна определба. Имам 56 години и зависно од тоа како ќе заврши изборниот циклус таква ќе биде и мојата определба.

    11. Ве наследи ли некој во медицината?

    Да, ме наследија моите деца. Јас имам три деца, две ќерки и син. Едната ќерка ми е лекар, втората стоматолог, а син ми студира градежен факултет. Најстарата ќерка работи во Клиничкиот центар во Љубљана, како специјализант по анестезиологија и реанимација и покажува извонредни резултати. Особено ме радува што запиша докторски студии во познат меѓународен центар. Помалата ќерка специјализира ортодонција и има многу совесен пристап кон својата професија. Тоа ми е голема сатисфакција во медицината и ми ја полни душата. Синот ми е втора година факултет, не знам како понатаму ќе се определи во науката, но засега е добар студент. Семејно се надополнуваме за она што ни недостасува. Кога мене ми фали медицината ме надополнуваат деца, а културата и уметноста е област на мојата сопруга. Со синот многу често  разговараме и за спортот.

    12. Политиката Ви одзема доста време. Отсуствувате ли често од дома и Ви недостасува ли мирниот семеен живот?

    Јас никогаш не сум бил многу слободен и како лекар сум бил доста отсутен од дома. Најголема заслуга за едукација и воспитувањето на моите деца и припаѓа на мојата сопруга.Таа е посветена и постојано работи со нив. Меѓутоа, кога сум слободен секогаш гледам да бидеме заедно. Сега е дојдена ќерка ми од Љубљана и неколку дена ќе биде тука, а потоа сите заедно ќе заминеме на зимување. Јас сум човек кој многу посветува внимание на дружењето. Не секогаш мора да сме дома, сакам да одам и во ресторани, на спортски манифестации и натпревари. Постојано сум со спортските и со културните работници. Сите уметници кои пееле во Куманово, повеќето биле гости на моето семејство.Јас сум во постојани контакти и дружби со тие луѓе. Тоа е дел од мојот психички профил што го носам, а тоа е можеби и дел од мојот успех во политиката.

    13.Што Ви е издувен вентил, од каде ја црпете енергијата да ги издржувате  секојдневните обврски.

    Немам некое хоби. Како млад до пред 15 години интензивно се занимавав со спорт. Играв добро фудбал и кошарка. Во последните години во слободно време се посветувам и уживам во чување на четири убави кучиња и украсни птици- фазани, пауни, шатки, гулаби... во селото Четирце, каде јас и мојот пријател Никола Петковски се дружиме и ги одгледуваме овие животни. Имав голема желба да бидам ловџија, но немам време да се посветам на ловот, додека на риболов не сум одел никогаш. Кога имам време доста читам, најмногу списанија со политички содржини, политички и историски книги.

    14. Имате широки познавања од сите области?  Многу  луѓе се воодушевени од вашиот интелект.

    Јас имам сериозен пристап кон читањето и тоа што сум го учел сум го научувал. Ме интерсира се, хемија, физика, историјата и спортот- посебно ги знам. Не сум љубител на општествени науки, меѓутоа некои работи сум научил од општа култура. Со сопругата се натпреваруваме во знаењето, па од неа најмногу научив за историјата на уметноста. Се разбирам и во виното и во науката која ги проучива- енологијата. Тоа што го читам сакам да ми остане како вредност и се трудaм тоа да го споделувам со луѓе што ја познаваат таа проблематика. Да разговарам, да црпам нови сознанија, да давам мои погледи. Од тој аспект луѓето ме перцепираат, дека имам големо познавање од многу области. Не сметам дека сум нешто надпросечно интелегентен, туку во границата на нормален кумановски човек.

    15. Познат сте и како локал-патриот, кој неизмерно го сака својот град?

    Јас го сакам овој град пред се, и живеам за овој град. Немам алтернатива. Сум имал шанса да работам на клиника во Скопје, но тоа не го избрав, тогаш останав во Куманово и овој град на некој начин ми е и мотив да се борам за да го унапредам. Не го правам од моја лична желба само да ми биде мене арно. Сакам да го презентирам градот и го правам тоа за да го дигнам нивото и капацитетот на овој град, да биде претпознатлив. Во многу дискусии некои мои соработници и пријатели кои ги запознав во Марибор, Бања Лука, Сараево, Белград, Чукарица, Нови Сад, Бјељина, како и Турција, Романија, Франција, Германија, имаат добро мислење за нас кумановци. И тоа е , всушност, мојата желба. Сакам во ова интервју да истакнам дека ги сакам кумановчани. Сакам да ги поздравам, да им ги честитам Новогодишните и Божикни празници, да им посакам се најдобро. Верувам дека Куманово ќе оди напред и ќе успееме во нашата борба да креираме и да изградиме современ и просперитетен град.