Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Интервју Никола Крстевски, член на Средношколски пленум Кумaново
Што не ви се допаѓа во Куманово?
Прво на што ми текна се улиците. Ме нервира шаренилото на сив и црн асфалт. Можеби звучи премногу перфекционистички, меѓутоа сакам кога се движам по улица, да се движам по една целина. Јас го сакам мојот град, и би сакал кога би бил малку поорганизиран во однос на архитектурата. Изминатиот период, во Куманово имаше еден бран на градење стамбени згради. Навистина видовме многу уникатни и креативни фасади, меѓутоа гледано од страна, сите тие делуваат некако хаотично. Не постои хармонија помеѓу нив, изгледа како некоја несмасна рака да ги расфрлила така набрзина. Куманово спаѓа во групата градови кои поттекнуваат од османлиското време, можеби требаше да се погрижиме да го сочуваме тој османлиски изглед на градот.
Што би смениле во градот?
Кога би можел, би ги сменил кумановци. Имам чувство дека луѓето што живеат во Куманово порано беа по иницијативни. Низ улиците се ширеше една енергија која ги тераше кумановци постојано да бидат во некое движење, беа креативни, смислуваа проекти, манифестации и ред други работи. Но, најважно од сè, ги реализираа своите замисли. Сега некако се сè сведе, на пиење кафе секој ден, во еден ист кафиќ, со едни исти луѓе, и тоа онака колку да не се седи дома. Инаку, јас обожавам да пешачам и според мене Куманово е град кој едноставно “плаче“ да биде прошетан. Потребни ни се повеќе патеки за пешаци, можеби и повеќе зеленило. Кога шетам, јас најмогу сакам да одам накај “Трговски”, така да би го потсредил тој крај, и повторно би ги активирал дуѓаните таму.
Каде ќе прошетате пријател кој прв пат доаѓа во градот?
Да живеев во 80-тите години од минатиот век, сигурно немаше да го пуштам мојот пријател да замине, а да не го види споменикот “Костурница”, потоа “Кисела вода”, “Менкова колиба” па дури потоа ќе ги посетевме локалитетите како “Зебарњак”, “Кокино”, Пелинце итн. Меѓутоа, во ваква состојба во која се, не би сакал мојот пријател да замине од Куманово, со лоши глетки во своето сеќавање. Во неколку наврати сум сретнал луѓе, кои своите гости од странство ги шетаат само во околните етноресторани, што и не е некоја атракција според мене.
Што не би покажале на гостин од страна?
Па не би сакал некој странец да ги види нашите институции. Полицијата, Бирото за вработување, но пред се Здравствениот дом. Еднаш, во нашата полиција, чекајќи ред да завршам некоја моја работа, имав прилика да чујам реакција на еден Хрват, кој му правеше друштво на својот пријател кумановец. “Страшно човече”. Почувствував срам. Сметам дека државните институции во нашиот град треба да бидат барем малку подостојни.
По што Куманово е посебно и се разликува од другите градови?
Според дијалектот, дефинитивно. Иако на нас кумановците, другите македонски дијалекти ни изгледаат многу чудно, сепак најчуден инајсмешен помеѓу македонските дијалекти е токму кумановскиот. Самиот дијалект е таков, што ни дава слободен простор за еден поинаков хумор. Кумановските фрази се најразлични од другите низ Македонија. А каде и да не забележат дека сме кумановци, секогашнаидуваме на истата реакција “Еве ги овија од куде бандере”.