Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Легендарниот гитарист Влатко Стефановски со неговото Трио одржа незаборавен концерт во Куманово. Покрај неговата музика изненадување на вечерта беше групата "Ритмика" од Велес, кои со тапани и тарабуки го придружуваа мајсторот на гитара. Задоволен од одличниот прием на публиката и доброто расположение, Стефановски вети дека нема долго да чека повторно да дојде во градот.
Искрено не очекував ваква реакција на публиката. Многу ми е драго што беше одлично расположена. Доживувањето беше неверојатно и ова е мојот најдобар концерт на македонската турнеја. Имаше многу луѓе, некои и стоеја немаше место каде да седнат.
Зошто направивте толку голема пауза и ви требаше десет години да одржите концерт во Куманово?
Oдам таму каде што обично ме викаат. Многу ретку организирам концерт по своја идеја и се наметнувам во некој град. Значи чекам да ме поканат разноразни ентузијасти, промотори, културни центри, фестивали итн. Така да овааа турнеја ја реализираме благодарение на ВИП. Прилично е тешко да се организира концерт. Јас не сакам да бидам менаџер на своите концерти, ниту продуцент. Јас сакам да се сконцентрирам на тоа што ми е работа, да одсвирам што подобро можам. А да се наметнувам, да се јавувам по разни луѓе да барам да ми направат концерт во Виница, Струмица или Куманово тоа не е мој стил. Јас бев 1999 година на Кумановскиот "Џез фестивал" и тогаш запознав два битни соработника. Теодосиј Спасов кој беше гостин на истиот фестивал, а потоа и Јан Акерман, кој првпат дојде воопшто во Македонија и на Балканот. Така да тие работи се паметат, тие работи не се забораваат и тоа е добро што постои некое колективно сеќавање на тие убави моменти и концерти. Еве сега по десет години повторно сме во Куманово на мое големо задоволство.
Имате ли порано настапувано пред Кумановската публика ?
Настапував порано со "Леб и Сол" на нашите турнеи. Сум бил гостин многу пати, Куманово е сепак рокерски град. Ги паметам некогашните бендови од шеесетите и седумдесетите години. Знам некои луѓе, конечно тука имате и еден гитармејкер Бранко Радуловиќ.
Турнејата ја заокруживте во Куманово?
Да. Завршуваме во Куманово и дојдоа доста луѓе што го пропуштиле концертот во Скопје, кој не беше амбициозно замислен. Имав две клубски свирки во Хардрок и Хавана. Јас знам дека не можам да наполнам поголема сала, за жал тоа се нашите прилики во Македонија. Јас не можам да сонувам дека во Скопје можам да соберам 4 000 луѓе. Можеби во некои други времиња, во некои други формации и во некои други пригоди, но сега воопште немам илузија дека можам да ја наполнам салата "Борис Трајковски".
Ќе настапите на плоштадот во Скопје со хрватскиот пејач Џибони?
Да, како гостин на неговата програма. Му бев гост на изминатите три албуми и на многу големи концерти низ Балканот. Редно е да му бидам домаќин во Скопје, ретко доаѓа тука.
Зошто не продолжи со работа групата "Леб и Сол", зошто си заминавте?
Јас не отидов од "Леб и Сол". Група направи една повратничка турнеја и беше договорено да се свират 15 концерти и толку. Меѓутоа апетитите на некои членови продолжија и според мене тоа беше тотално непотребно и погрешно. Не може "Леб и Сол" да биде бенд составен од други луѓе. Се знае кои беа членовите на бендот. А за среќа или за жал јас сум тој кој тој бенд го има формирано. Така да ми е жал што сето ова се случува. Немам ништо против секој да се занимава со музика, меѓутоа под свое име и презиме со своја одговорност, а не со задскривање зад еден голем бенд и еден голем бренд. Тоа е грешка.
Може ли "Леб и Сол" повторно да биде она што беше?
Не. Требаше да остане легенда, да зрачи од минатиот труд. Затоа што, ако веќе ме чепнавте на таа тема, меѓучовечките односи во тој голем некогашен бенд се потрошени и без меѓусебна вибра нема добра музика. Тоа е мојата теорија. Можеме да силуваме до утре сабајле и да глумиме претпријатие, меѓутоа се знае што е рок бенд.
Вашата музика е признаена на Балканот. Номинирани сте за наградата Даворин Поповиќ за најдобар концерт во Сараево.
Минатата година во Сараево ја добив наградата за гитарист на годината. И оваа награда ако ја добијам ќе биде добродојдена. Не патам јас толку по наградите. Убаво ми е да ги добијам, ги имам многу, ама не работам заради тоа. Свирам прво заради мое лично задоволство и среќа, а потоа за задоволство и среќа на мојата публика. И конечно за критиката ако се изрази добро. Инаку сабајле добив една многу убава критика на еден сајт за мојот последен албум "Гром од ведро небо" и многу ми е драго поради тоа.
Колку сте задоволни од проектот "Гром од ведро небо", наиде ли на прием кај публиката?
За секој мој проект потребно е најмалку една година за да допре до публиката. Колку и да се гласни моите прес конференции јас не можам да допрам до публиката. Дури сега слушам одгласок за блуз албумот дека е добар и дека музиката се пушта и се слуша. Албумите на "Леб и Сол" кои беа чудо во 1977/78 година, дури сега достигнуваат цена по албум до 150 евра за една плоча. Тогаш не чинеа толку. Поминаа 30 години и албумите само добиваат на цена. Така што овие мои напори да промовирам блуз или да промовирам етно, треба две-три години за да сватат луѓето дека е снимено и објавено. Не брзам јас нигде.
Каде повеќе е прифатена Вашата музика, во Македонија или во странство?
Не можам да го споредам начинот на кој ме прифаќаат на Запад и овде во Македонија. Ја знам познатата девиза "никој не е пророк во своето место". Mногу e точна. Меѓутоа јас не патам да бидам пророк јас сакам да сум музичар, доволно популарен за да можам да наполнам една сала како што е Центарот за култура во Куманово. Ништо повеќе од тоа не барам. Не сакам да сум Месија, некој што ќе ги обедини сите Македонци, Балканци или Европејци. Не ми е тоа намерата. Мене ми е намера да свирам гитара што подобро можам и да ги забавувам тие што дошле на концерт или што купиле моја плоча.
Имате ли наследник? Препознавате ли некој гитарист што оди по вашите стапки?
Има еден дечко од Охрид. Се вика Дамјан, извонреден гитарист. Ако се вклопи во некоја добра формација, може да направи многу добра работа.