Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Марјан Трајковски тврди дека Куманово има магична енергија со која се гордее, но наспроти тоа, го вади од такт некултурата на некои луѓе.
Марјан Трајковски од Куманово, кој повеќе години работи во американска база во Авганистан, вели дека неговиот град има необјаснета-магична енергија, поради која неможе да замине засекогаш од него, но наспроти тоа, од такт го вади некултурата на некои наши сограѓани. Како вљубеник во спортот посебно се радува на новите успесите на кумановските екипи.
Тој е нашиот прв пријател, кој ќе ни открие што не чини, а со што се гордее во Куманово.
Што ве нервира во Куманово?
Во Куманово ме нервира неедуцираноста и некултуратa на голем дел од жителите. Сеуште нерешените проблеми со управните служби на полицијата и јавната администација, со нељубезни и некултурни службеници. Ме нервираат и поедини инфраструктирни проблеми и лошо регулираниот сообраќај во одредени делови. Градот нема културолошко и монументално средиште на градските случувања, нема улица или кварт, каде ќе се одвива типичен староградски живот. Имаше неколку обиди да се направи такво нешто, но со време сето тое е уништено.
Што би смениле во градот?
Куманово мора да има едно или две кино сали, по најсовремени достигнувања со 3Д, кафе сала, простор за промоции и мини библиотека. На градот му недостасува и отворена летна сцена за музички, драмски и сценски перформанси. Очекувам дека безенот наскоро ќе биде готов, па ќе се формира школа за пливање, ватерполо и останатите спортови на вода. Треба да има повеќе спортски манифестации за младите под покровителство на Општината. Куманово е град со термална и минерална вода, а немаме ниту еден спа-центар. Сакам да се конзервира и да се заштитат дел од старите улици и квартови. Да се воведе задолжително секоја куќа и стан да имаат цвеќе во дворовите и на терасите. Нека почне градот да добива душа и да личи на град. Општината да одвои сретства за бојадисување на објектите во централното градско подрачје, во убави и отворени бои за да го снема сивилото.
Што никогаш не би покажале на пријателот што прв пат доаѓа во Куманово?
На пријателот никогаш не би му ги покажал неурбаните делови на градот, несредените квартови и некултурата на одредени луѓе. А некултурата е изгледа гордост на градот.
Од што се срамите?
Се срамам, по сто пати ќе кажам, од некултурата на граѓаните. Од тоа што како град од 100.000 жители немаме кино сала, а и да ја имаме најверојатно ќе ја уништиме за еден месец. Се срамам од се поголем број на корисници на дрога и алкохол меѓу младите. Се срамам до непосетеностa на тетарските претстави. Се срамам од нечистотијата во градот.
Со што се гордеете?
Се гордеам на тоа што е постигнато и направено во последните 8 години. Среден е Градскиот кеј, градот е гасифициран, се гради нов базен, се асфалтираа голем дел од градските улици... Куманово повторно почна да живее за спортот и за своите екипи. За пофалба е што имаме тимови во првата лига. Куманово има атрактивна околина и значајни места, кои можат туристички да се развиваат.
Што го прави Куманово поинакво од другите градови?
Куманово има некоја чудна и необјаснета енергија. Не знам дали станува збор за манталитетот на луѓето или самиот град тоа го диктира. Во секој случај постои една магична привлечност. Некогаш ми доаѓа да заминам засекогаш од Куманово, а веќе следниот момент чувствувам носталгија. Куманово има и необичен и единствен хумор. Има преубави луѓе, кои мораме да признаеме се разликуваат од другите. Нема апатичност и депресивност која владее насекаде. Куманово ја има Агора, моето омилено место за кафе. Куманово има преубави сини очи кои се гледаат дури од овде.