Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Интервју со Сара Ѓорѓиоска, поетеса
1. Што не ви се допаѓа во Куманово?
Првенствено автобуската и железничката станица. Иако веќе сите користат автомобили како поефикасен начин за транспорт, автобусите и возовите се одлична алтернатива која треба да ја поттикне еколошката свест кај населението, за да патува во толпи користејќи само едно превозно средство, со што ќе се намали загадувањето на околината. Но, не можам да ги обвинам граѓаните што не користат јавен превоз, затоа што нашата автобуска станица е кулминација на мизеријата, царство на бактерии и инфекции, без услови за чекање автобус. Тоа е дефинитивно најважното место на кое треба да се обрне подетално внимание од надлежните, за влезот и излезот од градот да бидат пријатни исто колку и престојот. Но и престојот е дисутабилно прашање, затоа што за град од скоро 71.000 жители бројот на хотели, мотели и други туристичко-угостителски установи е минимален, што ги остава туристите да го посетуваат нашиот град единствено ако имаат блиски роднини или пријатели каде што би можеле да престојуваат. Лично, не ми се допаѓа ниту сообраќајот и патната инфраструктура и воопшто не е безбедно да си пешак (но ни совесен возач) во огромниот број на несовесни лица, кои се кријат зад бесни автомобили на патишта кои не се конструирани за такви огромни брзини.
2.Што би смениле во градот?
Куманово е голем град и има огромен потенцијал, на чија основа можат да се издигнат нови знаменитости и културни одбележја, специфични за град кој изобилува со позитивно и ведро население и затоа би можеле да се сменат многу работи, почнувајќи од моите горе наведени, потенцирајќи ја автобуската и железничката станица. Би било убаво да имаме повеќе паркови и зелени површини каде што младото население би можело да го поминува слободното време, но и да се обрне поголемо на веќе постоечките. Исто така на градот не би му штетеле ни поголем број културно-уметнички настани, како на пример повеќе културни манифестации со акцент на уметностите како сликањето, пишувањето и слично, но и повеќе музички настани, концерти, одбележување на интересни личности и датуми кои ќе го живнат населението. За летнава сезона, исто така се појавува дефицит од места на кои граѓаните можат да ги поминат горештините како на пример базени. Освен настани и објекти, Куманово има реална потреба од работни места.
3. Каде ќе прошетате пријател кој прв пат доаѓа во градот?
Зависи од интересите на гостинот, но типични места кои ги посетуваат посетителите се центарот на градот и околните кафулиња (доколку гостите се приближно на моја возраст). Во другите интересни знаменитости спаѓа опсерваторијата Кокино за љубителите на археологијата, кејот на Кумановка или топлата бања во Проевце (каде што треба огромна реновација пред да биде спремна да излезе пред очите на туристите). Тука се се сведува на личните интереси на посетителите.
4. Што не би покажале на гостин од страна?
Многу од негативните карактеристики на градот не можат да се скријат, но не би ни сакала, затоа што и покрај нив, Куманово изобилува со интересни луѓе кои го разубавуваат престојот. Сепак, не е толку важна дестинацијата отколку со кого ја посетуваш.
5. По што Куманово е посебно и се разликува оа другите градови?
Логично, првенствено по дијалектот. Кумановскиот дијалект е еден од понеобичните во Македонија. Потоа луѓето, кои имаат некоја живост, вибрираат со позитивна енергија и се на далеку познати шегаџии. И за крај, Куманово како една голема мулти-етничка средина може да се пофали со релативно убавиот соживот на различните етнички групации и е мирен град, кој апстинира од нарушување или ограничување на различните луѓе да ги остварат своите човекови права и слободи, односно може да се пофали со совесно население.