Интервју со Дарко Тодоровски, оперски пејач:
На Македонија и се потребни театри и концертни сали за да се сплоти нашиот преталентиран народ и да остане овде

Интервју со Дарко Тодоровски, оперски пејач

На публиката во Русија и низ светот им ја презентирам нашата македонска песна и нашата култура. Ниту еден народ не остана рамнодушен и секогаш тоа се победничките точки на тие настапи.

Дваесет и седумгодишниот Дарко Тодоровски од Куманово е првиот македонски студент и магистрант по оперско пеење на Музичката академија „Гнесин“ во Москва. Откако дипломирал на Факултетот за музички уметности во Скопје, се пријавил на престижниот натпревар „Романисијада“ во Москва, каде во конкуренција од 500 оперски пејачи од Европа и Азија, бил избран меѓу 12-те најдобри. Стипендијата му ги отворила вратите да започне нов живот и да гради меѓународна кариера, настапувајќи во престижни оперски куќи во Италија, Шпанија, Њујорк. Особено е горд на настапите во големата сала на дворецот Кремљ , двата солистички концерти во Москва и претставите во театарот „Сперански” каде што е и солист. По петгодишна музичка кариера надвор од државата, Дарко минатата година решил да се врати во Куманово и од тука да продолжи да го продолжи својот професионален пат.

Како и сe останато во мојот живот се случи и ова. Јас во Москва живеев многу исцрпувачки и живот надвор од комфорната зона. Студирав и паралелно работев во театарот и многу настапував. Сe што посакував е да направам пауза и да се посветам на работата на себе. Тоа што го посакав ми се случи. Веројатно сум претерал со желбата, не посакував паузата да биде волку долга. Јас сe уште студирам, он-лајн ја привршувам својата специјализација, и работам со своите ученици од Москва на истиот принцип. Во ниеден момент не градев кариера само во Москва или само во Македонија. Постојано бев на пат. Настапував доста често во Италија и Шпанија, потоа и во Њујорк. Како што досега работев на својата интернационална кариера, така и после оваа пауза ќе продолжам со полна пареа кон истата цел.

Каде се гледате во блиска иднина во Македонија?

Во блиска иднина би сакал повеќе време да можам да поминувам во Македонија или барем да бидам поблиску до татковината, затоа што во изминативе 5 години скоро и да заборавив колку ни е убава државата, каква убава природа, вкусна храна и пријатна клима имаме. Посакувам да си го работам она што го работев и досега. Да дарувам музика на публиката, да пеам на народот. Тоа е мојата мисија.

Младите музичари најчесто ја избираат Европа или некоја друга држава за градење на својата кариера, затоа што Македонија не нуди квалитетни услови. Што сметате дека треба да се смени кај нас? На што би можеле и Вие индивидуално да влијаете?

Единствено што ќе биде во наша корист е градењето на театри и концертни сали. Места каде ќе може нашиот преталентиран народ за музика да се сплоти тука и да остане во Македонија. Затоа што имаме сe! Јас како уметник, односно музичар или оперски пејач, можам да го пренесам своето знаење за музиката, знаењето за вокалната техника и да го пренесам сценското искуство на еден оперски пејач стекнато во Русија и низ светот.

Вие на некој начин и сте „наш амбасадор“ во Москва? Како реагираат Русите на македонската музика?

Да, јас на секој мој настап, кога околностите и организацијата дозволува, на публиката во Русија и низ светот им ја презентирам нашата македонска песна и нашата култура. Ниту еден народ не остана рамнодушен и секогаш тоа се победничките точки на тие настапи. Композиции кои после концертите луѓето од публиката ги споменуваат и прашуваат за нив. Ги слушаат песните кои мене ми се омилени. Како на пример: „Кажи, кажи либе Стано”, „Јано мори”, „Вардаре” од Трајко Прокопиев...

Што најмногу ќе Ви недостасува од Москва?

Моментално ми недостигаат соработниците, пријателите, театарот, духот на градот и обврските поврзани со мојата професија.

На која врата во Москва би можеле да тропнете во секое време? Дали Московјани се гостопримливи како  Македонците?

Московјани генерално ме сметаат за свое дете веќе одамна. Постојано прашуваат кога ќе можам да отпатувам да ме вклучат повторно во својата програма на претстави и концерти. Чувствувам дека секогаш би бил добредојден и топло пречекан во студената Москва. Што се однесува до традицијата, ние како народ сме доста поинакви од Русите, но тоа зависи и од климата и околностите на Балканот. Нашите градови се помали и тука кругот на луѓето е поголем, додека во Москва ретко се случува да сретнеш познат човек случајно во градот. Затоа, тука сме ние во предност во гостопримливоста.

Зошто се одлучивте да студирате во Москва? Колку години бевте дел од руската музичка сцена/руската приказна?

Гледано од оваа точка, јас никогаш не одлучив дека сакам да студирам во Москва. Секогаш посакував само да продолжам со своето образование некаде каде можам да го извлечам својот максимум, односно да дојдам до најдобрата верзија од себе. И животот,како сe досега, така ме однесе во Москва. Веќе скоро 5 години се навршуваат откако првпат заминав за Русија по моето дипломирање на музичката академија во Скопје. Што се однесува до активноста на нивната музичка сцена, јас ја имав таа среќа веднаш да бидам прифатен, дури очекуван и топло пречекан од руските организатори и менаџери. Сето ова беше поради учеството на Светскиот натпревар по пеење на руската романса и запознавањето на голем дел од музичкиот свет во Москва. Така и се случи да настапувам во дворецот Кремљ, двапати првата година, и да имам свој солистички концерт во домот на Романсата во Москва. Тоа е голем дел од мене, а познавајќи го рускиот менталитет и народ, јас засекогаш ќе бидам дел од нив, без оглед на тоа каде во светот се наоѓам.  

Каков е животот во Москва? Што е она што Ве воодушевува, а што Ви е сосема „туѓо“? Дали навистина Москва е „град на студот“?

Животот во Москва е типичен како во една светска метропола. Многу брз, полн со изненадувања, полн со збиднувања за сечиј вкус, сечија возраст и во било кое време. Град кој никогаш не спие. Што се однесува до навиките на московјани нешто што секогаш ми паѓа на памет е сликата за луѓето кои читаат во јавниот превоз, особено во метро. Се работи за поминување во просек од 30-40 минути во вагон и секако најпаметно и корисно да се искористи тоа време е да се чита, бидејќи не преостанува ништо друго. Ме воодушевува трпението со кое владеат или да речам се надарени. Ние ја користиме фразата „трпение-спасение”, но во Русија на тој начин и живеат и советувам да се угледаме на нив во тоа и да ги земеме за пример. Од друга страна, во Москва секогаш ми недостасува блискоста со луѓето којашто ја имаме ние тука. Големите кругови на пријатели и друштва. Таму тие кругови се сведуваат на комуникација со еден до двајца луѓе. Таму температурите достигаат до 25 и повеќе степени под нулата секоја зима и се задржуваат долг период. Москва е град кој не верува на солзите и каде нема место за мрзеливите. Работата, упорноста и трудот се тие кои преживуваат во Москва, а народот е доста продуховен и моралните вредности им се доста високи. Тоа е народ со сетило за уметност, како никој друг на планетава.

Во Куманово младите најчесто се забавуваат по дискотеките, помалку следат музички и културни настани, но Куманово е град со ограничени можности. Како се забавуваат московјани?

Младите во Москва практикуваат да поминуваат време и средби во кинотеатри, драмски театри и музички, односно оперски театри, тоа е некоја интересна традиција останата од не толку далечното минато. Сепак, и за љубителите на дискотеките има голем избор за забава во ноќните клубови.

Што Ви остана најомилено од градот во кој студиравте?

Дефинитивно парковите. Москва е град којшто е пребогат со зелени површини. Голем дел од тие површини заземаат парковите со искориско значење. Повеќето од нив се всушност дворци на руските владетели и членови на кралските фамилии. Секој парк има своја приказна, легенда и историско значење. И знаејќи ги овие факти, ниту еден човек не останува рамнодушен. Дури и за оние кои се случајни минувачи е воодушевувачко поради глетката, убавината.

Кои моменти од досегашната кариера Ви останаа врежани?

Ги има повеќе. Најдраги ми се настапите во големата сала на дворецот Кремљ, двата солистички концерти во Москва и скоро секоја претстава отпеана во театарот „Сперански” каде што сум солист.

Што мора да се види доколку некој од нас се одлучи да го посети градот на големите умови? Кое е Вашето омилено место?

Топло препорачувам да се види дворец-паркот „Царицино”, таму се наоѓа замокот изграден во чест на императорката Елизабета II. Строгиот центар, каде се наоѓаат знаменитостите како Бољшој театар, Црвениот плоштад заедно со трговскиот центар што е во доста автентичен руски стил и црквата „Св.Василиј“, потоа пешадиската улица „Арбат” каде може да се најде вкусна храна, продавници за подароци и сувенири и многу улични аниматори. За љубителите на уметноста тука е Пушкинскиот музеј.

(Ф.Марковска)