Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Драган Величковски и Дарко Петковски интензивно работат на заедничка музичка кариера и најавуваат освојување на балканските простори
Кумановците Драган Величковски-Тајзи и Дарко Петковски-Спејко, првиот рапер, вториот победник на реалното шоу „Големиот брат“, интензивно работат на заедничка музичка кариера и најавуваат освојување на балканските простори. Пред два месеци, излезе спотот за нивната прва заедничка песна „Палимо“, која беше снимена на хрватското приморје, во Сплит, Омиш и Макарска.
Тие во спотот го возат автомобилот „шевролет“ на Тито, а овој летен хит веќе е популарен во Хрватска. Со новиот албум на српско-хрватско јазично подрачје, Тајзи и Спејко се надеваат дека ќе ги отворат вратите на дискотеките по цела Европа.
Весели, комуникативни, духовити и позитивни, зборуваат за своите почетоци и големото пријателство што ги поврзува со години и за плановите во музиката.
Колку долго време се познавате, од кога потекнува вашето пријателство?
Спејко - Се познаваме многу одамна, но почнавме да се дружиме од 4. одделение кога почнавме заедно да играме кошарка. Поинтензивно се гледаме од втора година во средно училиште, кога почнавме да излегуваме во чаршија.
Тајзи - Се знаеме од деца. Не' спои спортот и оттогаш сме неразделни. Јас едно време играв за младата кошаркарска репрезентација на Македонија, но една сериозна повреда ме оддалечи од спортот. Потоа се префрлив на музиката, а Даре веќе работеше како диџеј. Како поранешни спортисти секогаш се трудиме да успееме во она што го работиме и никогаш не се откажавме од нашите планови.
Кој е потемпераментен, а кој посмирен?
Спејко - Тој е потемпераментен, а јас сум посмирен.
Тајзи - Сите се прашуваа како можеше во „Големиот брат“ да издржи толку напади, но тој си е таков. Ако некој не му се допаѓа, не му прави ни муабет. Таков си беше и таму. Македонија за првпат имаше претставник кој го претстави Македонецот во вистинско светло, спортист со убаво однесување. И нормално дека победи.
Едно искрено пријателство го преточивте во професионална соработка. Колку ви е тешко или лесно да соработувате?
Спејко - Тајзи ги знае моите способности и можности. Моментално, тој ми е како ментор, немам искуство како тој, има кариера и успех. Неговите видеа на „Јутјуб“ се најгледани, не знам дали друг Македонец има милионски прегледи... Јас многу почитувам кога некој ќе постигне нешто и тој може да биде само пример за мене. Си слушам како секој добар ученик.
Тајзи - Кај нас во Македонија, кога ќе се појави нешто ново, веднаш се поставува прашањето од каде излезе. Но, Даре одамна се занимава со музика, беше диџеј. Сега кога отидовме во Хрватска, видов колку е попопуларен таму, многу повеќе отколку овде. Таму и се роди идејата да направиме нешто за балканскиот пазар. Планираме да имаме настапи во Хрватска и во Грција. Сега правиме песни на српски јазик, во продукција на „Балкантон“, една од најјаките на Балкан. Се надевам дека тоа ќе биде успешно, имаме 3-4 промо-песни.
Спејко - Првата песна „Палимо“ добро помина. Се одлучивме да биде на српско-хрватски бидејќи поголем е пазарот, а и сакаме да ги поместиме границите, да поминеме на друго јазично подрачје. Имаше коментари што не пееме на мајчиниот јазик, но ние ја претставуваме Македонија надвор од границите.
Тајзи - Сите мислат дека кога се прави нешто, тоа е исклучиво за пари. Сакаме да оставиме нешто што досега не го направиле ни поголеми пејачки имиња од нас, поразлични сме од овдешната естрада. Од Македонија многу малку артисти настапуваат надвор од државата и тоа е многу помалку од она што го прават српските пејачи. Тие имаат над 80 дискотеки во Европа во кои пеат секој викенд, а ние 3...
Спејко, на што ги потроши парите (100.000 евра) од „Големиот брат“?
Спејко - Потрошив околу 30 отсто или поточно, инвестирав во нешто што треба да ми се врати за една година. Дел од парите ќе ги инвестирам и во мојата кошаркарска школа и клуб кој веќе работи. Не се расфрлам со пари, бидејќи знам како е кога имаш, а знам и како е кога немаш. Купив автомобили за мене и брат ми, а ќе купам и за третиот брат што треба да дојде од Америка. За една година сакам да купам стан во Скопје... Се' што сум посакувал во животот сега можам да си го дозволам, но не сакам тоа да ме смени. Пред 3-4 години направив листа на приоритети што сакам да ги имам во животот и се држам до тоа... Ќе ви раскажам една неодамнешна случка - одам на автопазар да купувам кола за брат ми и човекот ја продава за 4.700 евра, а последна цена беше 4.200. Во еден момент ми се загледа и вика, еј ти си оној што победи на „Звезде гранда“, имаш пари. За тебе последна цена 6.000 евра... Очекував дека ќе попушти, а тој ја покачи цената...
Продолжија ли некои пријателства од ова реално шоу?
Спејко - Да, со Ервин и Барбара. Тоа со Тина заврши, сега сме пријатели. Помина доста време како сме разделени и тоа што постоеше меѓу нас престана. Во меѓувреме имам нова девојка. Со задоволство сакам да споменам дека е покрај мене - Нена е кумановка и студентка на ДИФ, заедно сме два месеца и многу ни е убаво. Таа е најубавата девојка. Во септември одиме заедно на Санторини и таму ќе одморам од се'.
Какви се плановите за понатаму?
Деновиве бевме во Беглрад каде снимаме нови песни, кои би требало да ги промовираме до крајот на месецот.