Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Началникот на СВР Куманово, Љубомир Ѓурчески во своето прво интервју од доаѓањето на чело на кумановскат полиција, за Кumanovonews отворено зборува за проблемите во секојдевното функционирање на полицијата, а открива и за случајот кога опасен криминалец кој по три месеци бекство се јавил во судот, добил право да се брани од слобода.
За 15 дена во Куманово исчезнаа 2 деца. Имате ли сознанија што се случува во ромските населби Средорек и Бавчи и до каде е истрагата?
Ние како СВР Куманово од моментот на пријавување на исчезнувањето на децата перманентно превземаме мерки за нивно пронаоѓање. Знаете, во градот има секакви наговарања и шпекулации, но ние како служба сме должни да провериме и не смееме да се впуштаме во било какви непотребни коментари. Познато е дека направивме пребарување на речното корито на Кумановка, но не дојдовме до резултат. Сеуште трагаме и постојано сме на терен. Нашите активности ги координираме со сите релевантни фактори кои постапуваат во конкретниот случај. Во интерес на истрагата не би сакал повеќе да коментирам за оваа работа. Ве молам да имате разбирање. Истовремено ги повикувам сите граѓани кои имаат било какви информации за децата да соработуваат со полицијата.
Неодамна е донесена пресудата на Бајруш Сејдиу. Вредеше ли да се спроведе акцијата „Пепел“ кога водачот на групата доби само пет години затвор?
Како поминаа во судската постапка Бајруш Сејдиу и луѓето околу него, воопшто не сакам, ниту сум надлежан да коментирам. Верувам дека обвинителството ќе постапи по своите надлежности. Она што јас го имам како информација во делот на акцијата „Пепел“, e дека нема донесено пресуди за сите кривични дела, туку само за една целина издвоена од она што беше опфатено со акцијата. Таму сеуште се водат постапки околу имотот, заплената на имотот, средствата и итн. Затоа мислам дека од полициски акспект оваа акција беше една од најуспешните, затоа што опфати расчистување на криминалот на дел од приватизиција во градот. Секако дека ова е само еден сегмент, бидејќи во Куманово има голем број на претпријатија кои што се во стечајни постапки долги години, а не се завршени.
Каква е соработката на полицијата и судот, бидејќи сте врзани во работењето?
Соработката со Основниот суд во Куманово не можам да ја оценам со некоја висока оценка. Моето доаѓање овде беше врзано со доаѓање на времената управа во судот и во тој период воспоставивме добра соработка. Но, откако се постави нов човек за претседател, од некого или заради нешто соработката беше прекината. Игнорирањето на соработката отиде дотаму што неодамна во една наша акција на приведување на лице осомничено за рекетирање, изнуди, грабнувања, насилства и други сериозни кривични дела што избега од полициската станица „Автокоманда“ во Скопје, беше три месеци во бекство, и покрај тоа што сериозно ја избегнуваше кривичната постапка,кога самиот се јавил во судот, не му беше определена мерката притвор, туку напротив беше чуван 3-4 часа и потоа го ослободија со донесување на решение кое му беше врачено лично на рака и пуштен да се брани од слобода во постапката. Ние како полиција бевме ставени пред свршен чин да постапиме по судската одлука, колку и таа да не ни се допаѓаше. За тоа што се случува во судот надлежни се повисоките судски инстанци и мислам дека тие би требало малку да се позанимават со овие прашања, односно со вкупната состојба во судот.
Кумановската полиција беше посочена дека издава пасоши под рака. Вие демантиравте, но најавивте дека ќе спроведете внатрешна контрола. Што покажаа резултатите?
Контролата од моја страна и од сите останати релевантни служби беше направена на сите нивоа и утврдено е дека нема никаква основа за тоа што беше напишано. Изнесените шпекулации експресно ги демантирав и сеуште стојам на тоа. Ги повикувам сите што имаат некаква информација, да дојдат да пријават било каков случај на мито, корупција или на непрофесионално однесување на вработените во Одделот за управни работи во делот за патните исправи. Ние како организациона единица на министерството, по бројот на издадени патни исправи сме втори или трети. Бројот на вработените за делот на патните исправи и лични карти е многу помал од било које друго СВР во државата, но со добра реорганизација и со воведување на двосменско работење настојуваме да ги намалиме гужвите. Проблемот на управните работи во Куманово се просторните услови.
Има ли најави дека наскоро ќе се реши просторниот проблем?
Куманово е најголема општина во Република Македонија, со најголем број на жители и навистина треба да има посовремени и подобро опремени простории. Ние сме сервис на граѓаните и МВР превзема мерки да го реши овој проблем. Засега бараме разбирање и трпение од граѓаните, затоа што сегашната состојба не ги задоволува ни најминималниите услови за работење и услуги. Размислуваме за доградување и преградување на одредени простории со што ќе се разделат шалтерите. Планираме да направиме два засебни влезови и на едната страна ќе бидат патните исправи и оружјето, а на другата страна личните карти, возилата и возачите. Кога зборувам за овој проблем сакам да напоменам дека во истите простории сеуште функционираат и службите за матична евиденција што преминаа во Министерството за правда. Тие треба да се иселат и ќе се ублажи состојбата со просторните проблеми.
Покрај Куманово ги опслужувате и жителите на Липково и Старо Нагоричане. Има ли размислување да се дисперзираат подрачни оделенија во помалите општини?
Точно е дека Одделението за управни работи при СВР Куманово ги опслужува и граѓаните од Старо Нагоричане и Липково што представува дополнителна бројка од околу 50 000 жители. Бројот на вработените во оделението не соодвестува на она што е реално потребно. Размислуваме дека можеби со деташирање на одредени служби и префрлање во полициски оделенија или во полициски канцеларии ќе се ублажи состојба што сега ја имаме. Во постапка на имплементација е Законот за внатрешни работи и се размислува да се најде соодветно решение и за овие прашања.
Неколкупати спомнавте дека имате потреба од повеќе вработени. Колку службени лица има во кумановската полиција?
СВР Куманово има недостаток на вработении во делот на полицијата, криминалистичката полиција, како и во управните работи. Во пензија заминаа поголем број на вработени, поради што се испразнија четириесетина работни места само во делот на полицијата, без управните работи, логистиката и криминалистичката полиција. СВР - Куманово има околу 600 вработени, но тука влегува и Крива Паланка, Кратово, Липково и Старо Нагоричане. Тоа е бројката на вработени со која јас раководам. Непотполнети работни места и во Кратово, Крива Паланка, Старо Нагоричане, Матејче и Ранковце.
Каква е соработката со Граничната полиција и како се справувате со шверцот во граничниот појас?
Може да се пофалиме дека соработката со Граничната полиција е доста добра, но не може да кажеме дека нема шверц на граничната линија, која е долга околу стотина километри и се протега од Гошинце, па до Рамна Нива во Крива Паланка во делови кон Косово, Србија и Бугарија. Покриваме огромна територија и долга гранична линија, каде функционираат седум полициски станици само за контрола на државната граница и две полициски станици за контрола на патниот премин на „Деве Баир“, „Табановце“ и „Пелинце“. Во последниот месец имавме две успешни акции со Граничната полиција. Едната беше во делот на Пелинце, каде што запленивме семенски материјали и разни овошни расади за кои немаше соодветни дозволи и спречивме обид за кријумчарење на лекови и друга трговска стока на делот на полициската станица „Сопот“ и „Белановце“. Соработката со Граничната полиција е успешна, но секогаш има простор да бидеме поефикасни, особено во делот на илегални премини и пренесување на разна трговска стока надвор од гранични премини.
Секогаш актуелно прашање во градот е сообраќајниот хаос. Како да се реши ?
Навистина добро прашање, кое сакам да го искоментирам. Со моето доаѓање во Куманово, ми беше презентирано дека Советот на Општината во предходниот мандат донел Одлука да се воведе еднонасочен сообраќај во градот. Согласност дало и СВР Куманово и јас не можам таа Одлука да ја сменам. Меѓутоа мислам дека Куманово како град нема услови за еднонасочен сообраќај и Одлуката треба да се преиспита. Просторните услови, ширината на улиците, неизградените тротоари и други пропусти во делот на сообраќајот го прават хаосот. Има улици во градот кои се во функција, а немаат технички прием и се водат како улици во градба. Голем проблем е и сообраќајната сигнализација, било да е хоризонатална или вертикална. Знам дека секогаш проблем се финасиските сретства, но обележувањето на улиците во Општината мора да се заврши. Многу е невкусно на некого да му изречете казна, а при тоа да нема сообраќаен знак. Мислам дека казнувањето нема да ги реши сообраќајниот хаос во Куманово.
Морате да признаете дека и кампањското работење на полицијата помага во создавањето на хаосот.
Се согласувам. Можеби и нашето кампањско работење допринесува да ни се случува сообраќајниот хаос. Не случајно сега веќе е поведена постапка за поставување на семафор на улиците „Доне Божинов“ и „11 Октомври“. Држат костатациите дека колку повеќе сообраќајните полицајци го имаат бележникот и пенкалото во рака, толку повеќе граѓаните сфаќаат дека централното градско подрачје мора да се ослободи од моторните возила и да се сменат навиките. Јас не барам амнестија за полицијата, точно е дека нашата недокрај завршена работа, или т.н. тргни застани работа, не ги дава очекуваните резултати.
Каква е Вашата соработка со локалната самоуправа и градоначалникот?
Имаме добра соработка со локалната самоуправа, особено со сообраќајните и комуналните служби од локалната администрација. Мината недела имавме состанок околу издавање на одобренијата на угостителите за користење на тротоарите и се договоривме како зеднички да ги контролираме и да функционираме на терен. Гледано во целина соработката со градоначалникот и службите на локалната власт се добри.
Кога дојдовте во Куманово рековте: „Или јас или криминалците“. Скоро две години сте прв полицаец во градот, значи ли тоа дека ги истеравте криминалците?
Факт е дека криминалот во Куманово по моето доаѓање во овие 17 месеци е намален. За тоа зборуваат и податоците. Во 2009 година на ниво на државата единствено СВР Куманово има намалување на криминалот за цели 25 проценти или една четвртина кривични дела се помалку извршени во однос на 2008 година. Намалувањето на криминалитетот со елементи на насилство се бележи и во делот на убиства, грабнување и оружје, сообраќајните несреќи со потешки последици, прекршоците во сообраќајот итн. СВР Куманово од моето доаѓање на превентивен план е поставено толку добро, па ајде да кажеме, не ги истеравме сите криминалци, ама голем дел од нив го добија тоа што им следува со законските прописи.
Имате ли сеуште лично обезбедување?
Не. Лично обезбедување веќе подолго време немам. Имам само возач кој согласно актот за систематизација ми следува. Личното обезбедување го тргнав пред 6-7 месеци. Лично се чувствувам многу безбеден и многу сигурен во себе, инаку не би бил сеуште тука. Куманово е безбеден град за живеење.
Да се биде на местото прв човек на кумановската полиција испадна доста баксузно. Неколку Ваши предходници завршија со кривични пријави, и на караули. Размислувате ли дека и на Вас може да ви се случи истото?
Секоја професија носи свој ризик. Ако граѓаните мислат дека се оштетени од мојата работа или сум постапил спротивно на законските прописи слободно можат да поднесат пријава или преставка. Јас тврдам дека во мојата професионална кариера не сум сторил никаква злоупотреба. Можам да бидам разрешен од функцијата ако не ги исполнувам работните задачи, но уверен сум дека нема да завршам со кривична пријава, затоа што секогаш чесно и професионално си ја извршувам работата. А каде ќе ме распоредат тоа е веќе право на тој што ќе ме распоредува, јас сум подготвен на се.
Како ја доживувате началничката фукција, професионално или политички?
Јас оваа функција ја чувствувам исклучиво професионално и ја обавувам професионално, а моите политички убедувања можеме да ги коментираме по 16.30 часот. Дефинитивно зад оваа работа и зад ова работење стои професиналност и ништо друго. Ниту една моја постапка не може да се врзе за мојата политичка определба.
Кој е Љубомир Ѓурчески професионално и приватно?
Јас по потекло сум Поречанец од Македонски Брод, Општина во која живее најгорделивиот народ во Република Македонија. Кариерата ја градев откако завршив Средно полициско училиште и Факултетот за безбедност. Сега сум на постдипломските студии на ФОН во Скопје. Извесно време работев во униформа, а од 1997 година градам кариера во Криминалистичката полиција во Одделот за економски криминалитет. Во 2006 бев поставен за помошник директор за криминалистички работи во Бирото за јавна безбедност од која позиција дојдов за началник во СВР Куманово. Семеен човек сум, татко на две ќерки од кои едната хемиски инжинер се омажи во Хрватска, а помалата дипломиран економист, ќе го брани магистарскиот труд.