Работа на брод е авантура што се памети цел живот

04.08.2014 00:00 | KumanovoNews

Љубовта кон фотографијата и желбата за освојување на нови хоризонти го одвела фотографот Предраг Поповски (30) од Куманово на брод. Таму доживеал незаборавно искуство и затоа на младите им порачува доколку го сакаат патувањето и имаат авантуристички дух да запловат во големите води.

Работа на брод е авантура што се памети цел живот

1. Како се одлучивте за работа на брод?

Љубовта кон фотографијата е главната причина која ме натера да заминам и работам на брод. Сакав да научам нешто повеќе за фотографијата, да стекнам практично знаење. Овде немав услови за такво нешто.

2.Кои се критериумите за да еден млад човек добие работа на брод?

Што се однесува до критериумите потребно е да се има добро познавање на англиски јазик, и основно познавање на работата за која кандидатите конкурираат. Откако ќе се помине интервјуто, кандидатите се праќаат на обука во едукационите центри на компаниите пред да започнат со работа.

3.  Колку трае работниот ден на брод и кои беа вашите работни задачи?

Се работи по 12 часа, а некогаш и повеќе, но тоа е една интересна авантура и едно огромно искуство што се памети цел живот. За период од 9 месеци имам работено за гигантската компанија Carnival cruise lines како фотограф. Работев студиски портрети, локации на отворено, продавање на фотографии и фото опрема во галерија и слично.

4. Колку се заработува на брод месечно, кои се предностите и маните на оваа работа?

Зависно од позициите може да се заработи од 600 евра па се до 2000 евра. Најголема предност е тоа што оние кои ќе се решат да заминат на брод ќе имаат прилика да се стекнат со нови работни искуства, пријатели од сите страни на светот, ќе прошетаат на места кои ретко кој може да си ги дозволи во земјава. Секако дека е потребен еден период на адаптација, а на младите кои сакаат да одат на брод би им кажал еден цитат “Животот е патување, не дестинација“. Ако некој има таков дух, работата на брод е вистинско место. Јас лично одам пак како гост, но на едно кратко крстарење од две недели во јануари.

5. Работата на брод станува се попопуларна токму поради патувањата.  Кои места ви оставиле најголем впечаток?

Имав можност да прошетам многу места, а најинтересни ми се Њујорк, Белизе, Девствените острови, Бахами, Очо Риос во Јамајка. Тоа е друг свет, луѓето се со поинаков менталитет. Има доста млади луѓе од Балканот кои работата на брод. Среќавав Македонци, Срби, Босанци и Хрвати.

2008 - 2021 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk