Се соочуваме со огромно непознавање и „неписменост“ кон она што значи култура на живеење и култура генерално

Страхил Петровски

Кога го говорам ова, мислам на организирање на квалитетни културни манифестации од секаков вид, но и непходна едукација, а пред се „описменување” на граѓанството за да се сфати значењето на истите во секоја смисла на зборот...

Академскиот сликар Страхил Петровски, советник - конзерватор во Националниот конзерваторски центар - Скопје и  доцент на Европски универзитет - Факултет за арт и дизајн,  смета дека на Куманово му е неопходна поголема хигиена, зеленило и решавање на урбаниот и сообраќаен хаос, за да стане град во вистинска смисла на зборот.

Што не ви се допаѓа во Куманово?

Значи ќе бидам концизен, некултурата, необразованоста, загаденоста на воздухот и особено менталната загаденост. Ни треба ментално прочистување под итно!

Што би смениле во градот?

Би сменил многу нешта ако и воопшто можат да се сменат, но еве да речеме градот да биде “ГРАД” како некогаш, во вистинска смисла на зборот и нормално без навреда кон никого. Веројатно ќе бидам сфатен доволно коректно и без никаква позадина се разбира.

 Каде ќе прошетате гостин кој прв пат доаѓа во градот?

Пред извесно време имав гости од Белград и се чудев кај да ги прошетам а да не се посрамотам од многу причини. Тоа е мое субјективно мислење. Па веројатно по црквите во кумановско, а особено во црквата „Св.Ѓорѓи“ - во средновековен византиски стил во с. Старо Нагоричане изградена во 1071 год., XI и XIV век, со прекрасниот живопис на прочуените зографи од Солун, Михајло и Ефтихиј, a секако би направиле прошетка и до познатата мегалитската опсерваторија „Кокино” која датира од 1800 год. п.н.е., односно раното бронзено време и се вбројува меѓу античките опсерватории во светот.

Во какво Куманово би сакале да живеете?

Во почисто, позелено, покултурно и пообразовано Куманово, гледано од сите аспекти.

По што Куманово е посебно и се разликува од другите градови?

 Секако, под прво тоа е кумановскиот јазик кој е посебен по многу нешта, специјалитетите (кумановскиот мезел’к,  а има и други...), исто така и кумановскиот хумор и ведриот дух на кумановци кој е неприкосновен се разбира.

Кои три работи прво би ги направиле доколку сте градоначалник на Куманово?

Прво не сакам, а и немам такви амбиции да бидам градоначалник на Куманово, а доколку би бил, би ги направил следните 3 работи како приоритетни:

1.    Куманово како почист град, да се исчисти ѓубрето кое се прелева по контејнерите и сето останато ѓубре кое се расфрла низ целиот град и насекаде во неговата околина. Комплетно чистење на градот и изведба на урбанистички решенија со акцент на озеленување на поголем број јавни површини, односно изградба на повеќе паркови и содржини кои би придонеле за поквалитетен живот на граѓаните.

2.    Изнаоѓање решенија и изработка на стратегија и начин како да се справиме со енормната загаденост во градот и решение за собраќајниот хаос и дивеењето по улиците,  кои се на највисоко можно ниво.

3.    Подигнување на нивото на свесност кај граѓаните за значењето на културата и образованието пред се во градот Куманово како база или темел на еден модерен град или општество во целина. Кога го говорам ова, секако мислам на организирање на квалитетни културни манифестации од секаков вид, но и непходна едукација, а пред се „описменување” на граѓанството за да се сфати значењето на истите во секоја смисла на зборот, бидејќи се соочуваме со огромно непознавање и „неписменост” кон она што значи култура на живеење но и „култура” генерално.

Секако во овој контекст можеме да зборуваме и за уште многу други проблеми и прашања, но еве ќе се задржам на овие три за кои сметам дека се најприоритетни.

(Фотографија: Владо Кипријановски)