Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Интервју со Генералниот секретар на СДСМ Оливер Спасовски
Со самото тоа што Куманово има генерален секретар, два члена на Извршниот одбор и еден член на ЦО ни дава можност да учествуваме во креирањето на политиките во СДСМ, но ни дава и сериозна обврска и одговорност. Ние треба да бидеме свесни и да си ја споделиме таа одговорност и да покажеме дека знаеме да ги испочитуваме придобивките кои што ги имаме од партијата.
Токму заради тоа мора да продуцираме позитивна победничка енергија од Куманово.
Првпат од постоењето на СДСМ, кумановец е назначен на толку висока партиска позиција. Што претставува за вас новата функција?
Моето именување за генерален секретар на СДСМ значи едно огромно признание за мене и за граѓаните на Куманово, исто како и за сите членови на Oпштинската организација на СДСМ, кои во изминатите 23 години се вградија во демократскиот амбиент во Куманово и воопшто во плурална демократска Македонија. За мене претставува огромна чест што сум дел од највисокото раководство на СДСМ и признание за целокупната моја активност и препознатливост како социјалдемократ. Меѓутоа, тоа истовремено значи и една огромна одговорност за мене лично, но и за Општинската организација. Лично, заради тоа што треба да одговорам на предизвиците, да одработам најмногу што можам и да покажам со личен пример дека преку градење на хомогена партија, другарство и отвореност на партијата можеме да ги придобиеме неопределените граѓани и на тој начин да извојуваме победа на наредните избори. Исто така, одговорноста на општинската организација на СДСМ е во тоа да продолжи со натамошни успеси, со добра организација и поставеност. Да гарантира препознатливост на партиската организација помеѓу граѓаните на Куманово и, најважно од се, мора да ја прими пораката од граѓаните што ни беше испратена на локалните избори- дека нешто мора да промениме во начинот на делувањето и функционирањето и да ја искористиме оваа победа на локалните избори со враќање на довербата на граѓаните во СДСМ.Јас во тоа не се сомневам, мислам дека ова треба да ни биде потстрек да направиме подобри резултати во иднина.
Значи ли тоа дека ќе има смена во општинското раководство?
По изборот на новото раководство на СДСМ и промените на Статутот на Конгресот на 30 јули, ќе се отворат постапки за избор на нови раководства во општинските организации, бидејќи на речиси сите им завршува мандатот. Новата изборна постапка не значи по автоматизам дека ќе има персонални промени, туку ќе има промени во концептот. Една од организациите на која и истекува мандатот е и кумановската организација и сигурно ќе има постапка со која ќе се избере раководство на Општинската организација. Тогаш, ќе видиме кои луѓе ќе бидат во новото раководство. Најважно од се е да имаме раководство, кое ќе биде посветено на промоција на политиките на СДСМ, кое ќе биде отворено за членовите и граѓаните на Куманово.
Бидејќи имате фракции и поделеност во Општинската организација како планирате да го обедините членството?
Прво, не би рекол дека има фракции во партијата, затоа што фракции се создаваат ако имаме разлики во начинот на спроведувањето на идеологијата. Можеби имаме различни мислења внатре во Општинската организација, меѓутоа сето тоа е во функција на поквалитетна работа. Мислам дека се создава погрешен впечаток во јавноста дека има посериозни поделби внатре, отколку што е вистински така.
Сметате ли дека е ослабната позицијата на Општинската организација со оглед на тоа што кандидатот за градоначалник на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ во првиот круг на локалните избори доби поголем број на гласови и подршка од граѓаните од вашиот кандидат?
Мислам дека не е ослабена позицијата на општинската организација на СДСМ, заради тоа што ги доби локалните избори. Секако дека треба да се респектира секој резултат на изборите, но мора да се знае дека ние на овие избори настапивме сами против многу противници кои ги имавме во изборната кампања, дури и од поранешни членови и групи на СДСМ. Меѓутоа, тоа треба да не држи сосема свесни и будни за состојбата во градот и во Општинската организација, и да ни биде голема шанса да покажеме дека патот кој што сме го зацртале како социјалдемократски развој на Куманово треба да го остваруваме позабрзано и да продолжиме со почитување на граѓаните. Мислам дека тука е нашата предност. Ние не треба да потцениме ниту еден политички субјект ниту во градот ниту во државата, меѓутоа најмногу од се треба да се посветиме самите на себеси и сопствената промоција на политиките за нашето заедничко работење и тогаш нема да имаме проблеми со резултатите.
Ќе зајакне ли позицијата на општинската СДСМ со оглед на тоа што Вие сте втор човек во централното раководство, а уште три члена се во највисоките тела на партијата?
Факт е дека позициите што ги доби Општинската организација Куманово ги заслужува и требаше да ги има многу порано.Една од забелешките не само на нашите членови, туку и на граѓаните на Куманово беше да се има поголемо влијание и присутност на кадри во партиската организација. Со самото тоа што Куманово има генерален секретар, два члена на Извршниот одбор и еден член на ЦО ни дава можност да учествуваме во креирањето на политиките во СДСМ, но ни дава и сериозна обврска и одговорност. Ние треба да бидеме свесни и да си ја споделиме таа одговорност и да покажеме дека знаеме да ги испочитуваме придобивките кои што ги имаме од партијата. Конечно, се покажа дека Куманово е еден од значајните столбови во социјалдемократијата во Република Македонија и со право може да се нарече бастион на СДСМ. Токму заради тоа мора да продуцираме позитивна победничка енергија од Куманово.
Има ли најава за враќање на членовите кои се дистанцираа од партијата затоа што беа разочарани од старото раководство?
Јас искрено очекувам дека секој поединец, кој мисли добро на сопствената иднина и иднината на сопствената држава и гледа дека тоа може да го оствари преку СДСМ, ќе се приклучи во непоштедната битка со власта. Има многу луѓе кои се дел од СДСМ, па биле пасивизирани од оправдани причини, но сега ни стојат на располагање и имаат намера да помогнат. Најбитно од се е да ги отвориме вратите за секој што сака да ни се приклучи и да биде дел од партијата во оваа битка. Притоа секој мора да биде до крај испочитуван, максимално уважен за да се чувствува вреден за својот труд. Таквиот пристап ќе донесе многу повеќе луѓе, пред се млади, кои ја гледаат шансата во СДСМ. Идејата не е да подржуваме политика како оваа на ВМРО-ДПМНЕ, луѓето да одат од Македонија, туку да направиме сериозни услови младите иднината да ја гледаат во Македонија. Затоа очекувам многу млади луѓе да ни се приклучат во оваа битка за промени во државата.
Со новата функција, ќе продолжи ли вашата борба во Парламентот за интересите на Куманово ?
Мојата позиција како пратеник нема да се промени и ќе продолжам со жестока борба за Куманово и покрај новата функција. Нема да ги намалам заложбите за сопствениот град, туку напротив промоцијата на таа жестока борба ќе биде гаранција дека искрено ќе се борам и за Република Македонија. Ќе продолжам со истата посветеност да ги застапувам интересите на моите гласачи и граѓаните од изборната единица бр.2, што е моја обврска. Со тоа покажав дека мора да си ги почитуваме сопствените корени и да се бориме за правата на сопствениот град и граѓаните. Таа борба сакам да се пренесе во СДСМ на централно ниво. Ние од новото раководство ќе направиме се да се избориме за овие принципи.