×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Во Куманово се судира западната и источната култура

    27.10.2013 23:00 | KumanovoNews

    Куманово е град со многу инфраструктурни проблеми во кој егзистираат и се мешаат најразлични народи, вери и култури, смета Божиновски.

    Во Куманово се судира западната и источната култура

    1. Што не ви се допаѓа во Куманово ?

    Пред се, не ми се допаѓа сообраќајниот метеж во централно градско подрачје, околу Зелениот пазар и сообраќајната некултура на сите учесници во сообраќајот. Комуналната некултура исто така е голем проблем во градот. Зелениот пазар и Автобуската станица се лоша слика на градот. Ми пречи и градежната експанзија на локации каде не постојат услови за тоа. Посебно се катастрофални просторните проблеми и гужви во сите управни служби и јавната администрација, како за граѓаните, така и за вработените во тие служби.
    Руинираниот дел на Чоробенско ќоше е посебна приказна.
    Не постои видлив концепт на централно градско јадро со културни содржини кои ќе бидат во постојана функција, тука, пред се мислам на постојани галериски и музејски поставки, современа кино сала со редовна актуелна програма, како и немање на редовна театарска програма. Во градот не постои организиран програмски пристап кон сите музички настани, се се сведува на кампањски фестивали и спорадично организирање на музички настани.
    Ми пречат безброј кладилници во централното градско подрачје, додека самиот спорт и спортските објекти се во руинирана состојба. Се прават поединечни и сезонски напори за заживување на кошарката и ракометот .      

    2. Што би смениле во градот ?

    Основна промена е пристапот кон локалниот економски развој на градот. Потребно е да изградиме заедно успешната приказна за Куманово како град на развиена индустрија, трговска и културна раскрсница на Балканот. Градот има долга традиција и култура и уште многу други обележја што се наш заштитен знак, само треба да ги истакнеме на најдобар можен начин. Кумановска бања е локалитет на кој треба да се пристапи како на ресурс кој дава можност на сериозен развоен потенцијал.
    За надминување на сообраќајниот метеж во централното градско јадро предизвикан од малиот капацитет на улиците кој одамна е надминат и некултурата на сите учесници во сообраќајот, нужни се реални и издржани решенија. Недостасува нов колорит на фасадите на сите згради во центарот на градот. Изградба на модерен Зелен пазар со издржано решение за сообраќаен пристап и паркирање. Нова градска автобуска станица. Тоа се само дел од  работи кои итно би требало да бидат направени.
    Водоснабдување е исто така горлив проблем кој нужно мора да биде решен. Касапски круг, како култно место, треба да заживее како културен простор кој е во постојана функција.

    3. Каде би прошетале гости кои првпат доаѓаат во градот ?

    Сигурно прво би го прошетал до локалитетот Татиќев камен –  мегалитска опсерваторија Кокино, потоа би го однел до Црквата Св.Ѓорѓи во Старо Нагоричане  изградена во 1071, реконструирана во 1318 со извонреден живопис, кој се вбројува во светските антологии на византиски фрескопис. Секој кој доаѓа прв пат би требало да ја види “Етно куќа“ во селото Режановце, сместе во дворот на цркавата Св. Јован Крстител, прекрасен приватен музеј - збирка на народни носии на кои за жал им е потребен поголем репрезентативен простор и услови за чување и презентирање. Секако би посетиле некоја од приватните фабрики за чевли.
    Би се напиле кафе на тумба и четири бандери а со традиционален срдечен пристап на кумановци кон секој добронамерен гостин би бил одведен во некоја од етно-кафеаните во градот или околината каде се подготвува вкусна и специфична храна за нашиот град и има традиционална музика од секаков вид.   

    4. Што се срамите да покажете на луѓе кои сакаат да го запознаат Куманово ?

    Сигурно не би ги покажал неуредените речни корита каде не е извршена регулација на речното корито, како и комунална некултура и ѓубре во изградениот дел од кејот. Населбите со супстандардни услови за живот кои ги има повеќе во градот. Главната градска депонија Краста, секако е едно од местата кои не се за покажување. Тесните, често раскопани улици и стари руинирани куќи кои ги има во сите делови од градот.  

    5. По што се разликува Куманово од другите градови и што го прави посебен ?

    Во кратки црти духот, дијалектот, хуморот, менталитетот на Куманово се карактеристични разлики. Град во кој се судираат западна и источна култура и уметност. Град во кој егзистираат и се мешаат најразлични народи, вери и култури. Енергијата, борбеноста и истрајноста на кумановчани, и покрај тешките општествени промени кои се случуваат опстануваат на овие простори. Ако не се спомне една песма за Батка Ѓорѓију, како и да не си у Куманово бија.

    Ед`н е бија Батко Ѓорѓија, ед`н е бија кумановски мераклија,
    Туј много невесте е водија, туј много ракију е испија.
    Нек дојде свак мераклија, нека каже какву ракију е пија.
    Од Батка аманет е останаја, мерак цену никад не е имаја.
    Свак сака
    Ед`н пут да пројде,
    Л`сно после
    Од куде Тумбу ќе дојде.