Секој ден нè има сè повеќе, а сите се прашуваат кој е мотивот за сето тоа. Од кои причини доаѓа? Што е клупска љубов? Дали е само одење на стадион? Дали тоа претставува само будење кога се слават трофеи и победи? За мене не... Љубовта кон црвено белата боја е многу повеќе. А Црвена Звезда е многу повеќе од обичен фудбалски клуб. Тој стана дел од мене низ времето, но и за илјадници навијачи и симпатизери во мојот град. А мотивот? Мотивот е само големата љубов и ништо повеќе! Влегува во вашата крв и довидување. Имате тахикардија, пеперутки, не спиете пред важни мечеви, секогаш чекате гол повеќе во противничката мрежа. Тоа е една посебна дефиниција.
Минатата сабота, точно пред една недела ФК Црвена Звезда беше гостин во нашиот град. Клубот кој за многумина од нас е најважната споредна работа во животот за прв пат ни приреди задоволство, со тоа што не уважи и ни ги донесе најважните освоени трофеи во клупската историја. Кумановчани беа достојни домаќини и направија културна манифестација и спектакл на Градскиот плоштад, онака како само што може и му доликува на Куманово. Нашиот град уште еднаш ја искажа големата љубов кон црвено белата боја.
Еден од поголемите впечатоци за мене како дел од логистиката на настанот беше кога добив коментар од една постара госпоѓа дека сум успеал да ги обединам нашите сограѓани, кои членуваат во разни политички партии и движења на едно место.
Упорноста да се испровоцира и текстовите да им бидат читани не им тргна од рака и на неколкуте интернет портали надвор од Куманово, како и коментарите под нивните текстови од луѓето кои упорно сакаа да го дискриминираат овој настан, обидувајќи се да го погазат името на великанот како што е ФК Црвена Звезда, па така дел од моите сограѓани но и сите симпатизери од другите градови кои присуствуваа на овој настан ги нарекуваа од србомани до предавници, упорно обидувајќи се да ја вмешаат политиката и нечија си пропаганда, а со тоа само несвесно предизвикувајќи контраефект кој потикна да проработи пркосот кај голем дел од навивачите и симпатизерите на ФК Црвена Звезда, па и покрај лошото време да излезат и да ги слават освоените титули. Народната вели дека пред вистината и боговите молчат, а вистината е таа дека на плоштадот во Куманово немаше ниту едно знаме на друга држава, немаше политички пароли, немаше песни кои величаа херои во било кои војни како што имаме прилика често да гледаме и слушаме од одржани настани на истиот плоштад, туку доминираше само црвено белата боја, песните кои ја искажуваат љубовта спрема клубот и многу среќни и задоволни луѓе на кои одржување на самиот настан им беше гордост.
Апсурдноста на ваквата ситуација е тоа што сите ние постојано гледаме како во богатите азиски земји се играат разни супер купови на најсилните шампионати во Европа на кои присуствуаат и екипите ги бодрат жителите на тие земји, но тоа не ги прави помалку Јапонци, Кинези или Корејанци. Исто така пред неколку години во Скопје се играше Европскиот супер куп на кој присуствуваа илјадници наши сограѓани па никој не ги нарече предавници, затоа што навиваа за клубовите од другите држави.
Колку е голема љубовта на навивачите на Црвена Звезда од овој дел на Балканот укажува и фактот што рекорден број навивачи станаа членови на фудбалскиот клуб. Тие не се ниту предавници, ниту пак србомани, туку вљубеници во спортот кои одржаа лекцијата која треба да ја знае секој навивач или симпатизер на било кој фудбалски клуб. Мешањето баби и жаби овојпат не најде погодно тло.
Црвена Звезда е бренд кој има и ќе има многу успеси. Успесите и титулите ќе се слават насекаде каде што има армија навивачи, а овој дел на Балканот докажа дека знае да го сака и достојно слави својот омилен клуб.
Емил Ташевски Дипломиран инженер по информатика на ФИНКИ
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*