Мени

Кога противникот ти е најдобриот сојузник

27.06.2026 08:52 | Емил Ташевски
Емил Ташевски

Она што денес се претставува како жесток судир меѓу власта и опозицијата сè повеќе наликува на однапред договорена претстава. Истите пораки постојано се вртат, истите имиња се повторуваат, а реториката звучи како веќе да сме ја слушнале многупати. Наместо вистинска политичка борба, добиваме чувство дека гледаме реприза.

Власта секојдневно ги користи истите формулации: дека СДСМ ја уништилo државата, дека тоа е „наследството на Заев“, дека граѓаните не забораваат. Во таа приказна редовно се вклучени и Венко Филипче и Зоран Заев. Практично, нема настап без нивно споменување.

Но тука се отвора едно логично прашање: ако СДСМ навистина е минато, зошто постојано се држи во фокусот? Одговорот е прилично јасен: таков противник ѝ одговара на власта. Доволно слаб за да не претставува сериозна закана, но доволно присутен за да служи како погодна цел. Проблемот е што самата опозиција не прави речиси ништо за да излезе од таа позиција.

По најлошиот резултат на локалните избори, логично беше да се очекува поинаков пристап. Преземање одговорност, конкретни чекори, вистински промени. Наместо тоа, следуваше молк. Наместо јасни потези, добивме општи изјави за „работа на терен“, „зајакнување на капацитетите“ и „консолидација“. Зборови што звучат повеќе како одложување отколку како вистинска намера за промена.

Внатрешните состојби дополнително ја влошуваат сликата. Наместо обединување, се продлабочуваат поделбите. Наместо нов почеток, се гледа продолжување на старите практики, само со овде-онде нови лица. Куманово е еден од најочигледните примери. Слаб резултат без никаква реална одговорност. Повторно истите оправдувања, повторно без конкретен исход.

Во меѓувреме, и власта и опозицијата функционираат во рамка што им одговара на двете страни. Едните имаат лесен противник, другите имаат изговор за сопствената неактивност. А граѓаните остануваат заглавени меѓу празни пораки и повторени ветувања, без вистински избор пред себе.

Сепак, празниот простор не останува долго празен. Таму каде што традиционалните партии губат доверба, се појавуваат нови актери. Левица постепено го зацврстува своето присуство, а независните кандидати сè почесто добиваат поддршка на локално ниво. Тоа не е случајност. Тоа е реакција на луѓето кои веќе ја препознаваат оваа игра.

Затоа, прашањето повеќе не е дали СДСМ ќе се промени. Прашањето е дали граѓаните веќе нашле начин да ја заобиколат процедурата на „воспоставеност“. Кога политиката ќе стане предвидлива и контролирана, промените не доаѓаат постепено - тие доаѓаат одеднаш.

Во таков амбиент не е изненадување што сè погласно се поставува прашањето дали политичката сцена се подготвува за ново прегрупирање. Независните граѓански иницијативи, кои што во изминатите години оставија видлива трага во повеќе градови, покажаа дека постои простор за политика надвор од партиските матрици. Но нивниот следен предизвик не е локалниот успех, туку способноста тој успех да се претвори во пошироко политичко движење.

Дали е можно обединување на независните? Засега нема никакви јасни сигнали. Различни приоритети, различни локални контексти и различни визии ја прават таа задача сложена.

Пореално е сценариото во кое дел од овие иницијативи ќе бараат заеднички настап околу конкретни теми, а дел ќе се приближуваат до постојните политички субјекти.

Токму тука се отвора и прашањето за можната соработка со Левица. За некои независни движења тоа би можело да биде природен чекор поради заедничките критики кон закоравениот политички модел. За други, пак, таквата соработка би значела губење на независниот идентитет што им ја донесе довербата кај граѓаните.

Но едно е сигурно, кога традиционалните партии ќе престанат да нудат уверлива алтернатива, просторот за нови играчи неизбежно се шири. Прашањето веќе не е дали ќе се појави нов политички центар на гравитација, туку кој прв ќе успее да ја претвори растечката недоверба во организирана политичка сила.

И тогаш не се менува само власта. Се менуваат правилата.

 

Емил Ташевски, Дипломиран инженер по информатика на ФИНКИ

*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*