Чест ми е да објавам колумна во интернет весникот Кumanovonews едно од вистинските и ретки интелектуално добро осмислени проекти во нашиот град. Иако веќе десетина години се занимавам со политика, барем досега беа прилично јалови објаснувањата за состојбата во која се наоѓа Република Македонија од прогласувањето на својата независност па досега. Дијагнозата која ја има нашава држава е прилично јасна, меѓутоа можните решенија се поприлично матни и затоа ретко кој се обидува за нив да дискутира јавно и отворено. Најчесто тие решенија ги опишуваат со една веќе до крај потрошена флоскула „иднината ни е во евроатланските интеграции“, без притоа да се објасни што тоа конкретно значи за обичниот човек.
Идентична е состојбата и во најголемата општина во Македонија, нашата Општина. Кај нас во Куманово имаме многу прецизна дијагноза: демолирана индустрија, поголем број на невработени од вработени и тие што работат најчесто се во јавните служби и трговија, легло на „вредностите“ кои прво ги увезовме од западните земји: наркоманија, проституција и останати девијантни појави. Бекство на најкреативните и најобразовани млади луѓе, ако не во развиените земји, тогаш преку КБР по светските боишта или најмалку во Скопје. Значи живееме во град со кристално јасна дијагноза, но со заматени решенија за излез од постоечката состојба.
Би сакaл со вас да ги поделам размислувањата за таа заматена страна од нашата реалност, односно за решенијата за излез од оваа состојба.
На граѓаните на Куманово мора да им се објасни дека ние и географски и цивилизациски сме дел од Европа, и при тоа да им се доближат вистинските европски вредности: демомкратијата, лојалноста кон државата, почитување на институциите на системот и сите други правила и норми кои ги налага цивилизацискиот начин на живеење. Со една таква појдовна основа треба да се почне со решавање, по мене на клучниот проблем, а тоа е стопанското опоравување на Куманово. Мораме да го искористиме предностите што ги нема ниту еден друг град во Македонија,а тое е одличната местоположба. Во Куманово се вкрстуваат двата главни коридори во регионот Коридор 8 и Коридор 10,и одличната поставеност до границите со Србија и Бугарија.
Втората предност што ја имаме во однос на другите е, за наши услови одличен кадровски потенцијал и покрај многубројните иселувања досега, и трето исто така важно, искуството кое го имаме во оделни стопански гранки. Стопанството во Куманово треба да се планира со обнова и развој на три стратешки гранки:црна металургија со метало-преработувачка индустрија, производство на храна и прехрамбена индустрија, и кожарската индустрија. Конкретно треба да се работи на заживување на работата на ФЗЦ „11 Октомври“, како носител на металопреработувачката индустрија и да се даде подршка на малите погони за производство на метални конструкции кои произлегоа со пропаѓањето на некогашните „ИСКРА“ и „КЕН“. На ревитализација на преработувачки капацитети на поранешен ЗИК Куманово, пред се Кланицата, Фармата во Речица, како и перманентна помош на сите погони од чевларската индустрија кои се отворија со пропаѓањето на „ЧИК“.
Многумина од вас ќе се запрашаат кои се тука ингеренциите на локалната самоуправа за еден ваков ангажман. Ги има многу и треба да работи на: подобрувањето на инфраструктурата до сите постоечки капацитети и изградба на комплетна инфраструктура на парцелите кои се предвидени за индустриски објекти според Генералниот урбанистички план, приоритет при изградба на дистрибутивната гасоводна мрежа кон постоечките индустриски објекти кои не се гасифицирани и кон новите индустриски парцели, минимизирање на бирократските бариери за секој кој има намера да инвестира во производните капацитети и секако активна политика на градоначалникот и неговата администрација во пропагирање на вредностите кои ги нуди Куманово на сите заинтересирани инвеститори домашни или странски, сеедно.
Ќе ви посочам еден позитивен пример на општина во нашето соседство, каде досега се инвестирани 300 милиони евра, за организациската поставеност на локалната самоуправа во однос на инвеститорите, без намера да му се мешам во ингеренциите на градоначалникот. Во Инѓија, Србија секој заинтерсиран инвеститор добива лице од администрација кој го следи од почетокот на инвестицијата до пуштање во погон на објектот и му помага да нема застој по ниеден основ. Со оглед на големината и бројот на вработените во Општината Куманово мислам дека таква пракса може да се применува и кај нас, секако доколку се има воља за такво нешто.
Со стопанското опоравување на Куманово се создаваат услови за развој на спортот, културата, социјалната заштита и сите останати сегменти кои го подобруваат квалитетот на живот во една урбана средина. Во градскиот буџет ќе се слеваат многу поголеми средства и ќе се создаваат услови за изградба на нови инфраструктурни објекти, јавните претпријатија ќе добијат големи потрошувачи и така во круг. Секако и нашите сограѓани кои крваво печалија работејќи по светските боишта, преку нудење на кооперантски услуги на големите претпријатија ќе добијат можност за развивање на мали или семејни бизниси. Тогаш Куманово ќе може да се вброи во регионалните центри на Југоистична европа, кој статус по се го заслужува и тогаш наместо заматени решенија ќе имаме јасни и светла иднина.
Советник на ДПСМ во Советот на Општина Куманово
Горан Стојковиќ
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*