×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Која е мисијата на ВМРО-ДПМНЕ во Куманово?

    Дејан Ристов

              Куманово веќе одамна капитулира пред налетот на  лукративноста на локалните политичари и нивните сојузници .Него веќе со децении го управуваат неодговорни и корумпирани луѓе,некои инволвирани со децении ,некои привремено влезени во политиката со единствена цел, да ги остварат своите лични интереси и на своите најблиски,при тоа нанесувајќи голема штета на другите.Резултатите од таквото поведение ни се познати. Куманово на колена,економски девастирано,инфраструктурно сиромашно,урбанистички обезличено и културно деградирано.Единствена политичка организација која има капацитет да направи пресврт во градот, и да отвори нова страница ама овој пат кумановска на  просперитет е ВМРО-ДПМНЕ.За да отпочне процесот  потребен е  мандат кој се добива од граѓаните на избори.Најблиску што следат се  локалните избори 2017-та година ,кои се голема шанса за кумановци преку својот глас да го обезбедат стартот на  долго очекуваните  промени.Она што ВМРО-ДПМНЕ  како предводник на поголема коалиција на политички партии,треба да го направи, е во својата реформска платформа да им даде смисла на повеќе аспекти кои ќе бидат клучни за остварување на заедничката цел.И покрај обемноста на истите,би сакал да  наведам  неколку области на кои треба да се посвети посебно внимание.

    1.Враќање на духот на градот-Ревитализација на културниот идентитет  на градот кој беше систематски уништуван последниве неколку децении.Враќање на Куманово  кон македонскиот културен простор и негово повторно  отворање кон светот.Конечно да се откажеме од  провинцискиот статус за да се ослободи огромната креативна енергија што ги краси кумановци.Она што не одликува а  со години свесно ни го одземаа да го вратиме назад ,повторно да оживее духовноста и непресушниот талент на нашиот народ,да се преслика  во културата но и во сите други сфери од нашето живеење.

    2.Мерки за создавање на економска перспектива-Јакнење на претприемачкиот дух ,поддршка за отворање на нови бизниси,изградба на индустриски зони и привлекување на странски инвеститори независно но  и во соработка со централната власт преку изработка на заедничка и неретко  сопствена,автентична стратегија за привлекување на странски  и  домашни компании да инвестираат во Куманово.

    3.Расчистување со корупцијата и криминалот во општината.Она што најмногу го кочеше развојот на Куманово беше широко распространетата корупција  и криминалниот профил на повеќето одговорни за локалната политика.ВМРО-ДПМНЕ уште од сега се подготвува за одвраќање на сите политички профитери,ловци во матно,професионални боеми и пакосни мешетари,сите  локални криминалци и хохштаплери ,кои на  секаков начин ќе се обидуваат да имаат влијание во креирањето на локалната политика.Тоа СДСМ и Зоран Дамјановски не го направија и затоа и градот е на вакво дереџе.Потребно е да се расчисти со нив еднаш засекогаш и да се вратат онаму кај што им е местото,на маргините на општеството.

    4.Обновување на културата на заедништво.Градење на единство,обединување на сите култури во изградбата на Куманово. За Куманово е  потребна обединувачка политика ,која ќе работи на инклузивност на  различните културни и конфесинални групи  во создавањето на довербата и заедничката иднина.До сега немаше искрени обиди за такво нешто.Актуелниот градоначалник се обидуваше да гради имиџ на  поборник на граѓанскиот концепт, но сето тоа се претвори во фарса бидејќи се сведе на претпиремачко-криминален сојуз со неколку  локални моќници и понекоја лична симпатија, што требаше да се продаваат како некаков соживот.Идејата за светла иднина на Куманово како наш заеднички дом,треба да ги обедини сите македонци, албанци,срби,роми,турци,власи,бошњаци и други.За такво нешто потребна е чесна ,одговорна и креативна локална власт која ќе ги вклучи сите во повторната изградба на Куманово.На овој предизвик денеска,но сигурно и во иднина  единствено, ВМРО-ДПМНЕ може  да одговори,како политичка платформа но и како огромен извор на кадри кои покрај личниот интегритет,имаат и заедничка визија за својот град.

    5.Дефинитивно ставање на крај на политичкиот реваншизам и омразата,посебно помеѓу членовите на  ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.Прекин на меѓупартиското препукување и сеење на омраза за да отпочне нормализирање на односите на едно повисоко ниво кое за приоритет ќе го има општиот интерес.Од секогаш постоело меѓу-партиски  антагонизам во Куманово.Желбата за реваншизам создава ригидна политичка средина која се одликува со деструкција и завист,нарушени меѓучовечки односи,раскарани семејства и уништени пријателства.Овој,навидум многу одамна апсолвиран проблем, не смее да се потцени,затоа што на долг рок може да направи голема штета како што впрочем правел и во минатото.Оттука една од главните цели  на ВМРО-ДПМНЕ,мора да биде и  борбата против  сите оние,кои ќе ги подгреваат страстите,ќе повикуваат на линч на партиска основа ,и уште повеќе ќе ги закрвуваат односите помеѓу луѓето од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

    6.Поставување на високи стандарди за Куманово.Локалната политика треба да цели кон друштвото  на најуспешните општини во државата и регионот.За да излеземе од ова сивило кое не гуши ,мораме да си поставиме високи цели за нашиот град.За нас Куманово треба да биде она што лично сакаме да го оствариме во животот,да бидеме подобри луѓе, секогаш  стремејќи се кон повозвишени цели.Така треба да гледаме и на Куманово како наша заедница ,наша куќа,наше семејство. Егоизмот ,разузданата суета која не знае за доста,малодушноста,среброљубието,зависта и бескруполозниот кариеризам  не држат на дното и за тоа за нив ќе нема место во иднината.За да успееме да го искачиме  Куманово на највисокото скалило на најубави и најбогати општини во регионот,потребно е да се обединиме за таа цел ,повисока цел која е комплементарна со нашите лични желби.Постојат многу предуслови за реализација на оваа цел кои пред се  подразбираат Куманово да стане град, во кој ќе биде изградена базичната комунална инфраструктура,сите населби со афалтирани улици  и приклучок кон водоводна и канализациона мрежа, изградба на градинки,паркови и други проекти кои многу недостигаат.Едно од приоритетите треба да биде активирањето на месните заедници, да се  стимулира локалната иницијатива,преку која граѓаните ќе бидат вклучени во креирањето на локалната политика.

    7.Младите и нивната перспектива во градот.ВМРО-ДПМНЕ од секогаш водело посебна грижа за младите.Факт е дека денеска многу млади луѓе се невработени и не ја гледаат својата иднина во градот,многумина отидоа  во странство по работа,без јасни планови дека еден ден пак ќе се вратат дома .Една од главните цели треба да биде создавање на сеопфатна стратегија за задржување на младите во градот,  и обезбедување на услови, многумина веќе заминати, да се вратат и да почнат тука да го планираат својот живот.Тоа ќе биде многу тешко поради многуте негативни лични искуства од постојаниот социјален притисок, и општата безперспективност што ги следи уште од детството.

    8.Негување на семејните вредности во Куманово.Во целиот период на транзиција најмногу на удар беше семејството, и затоа потребна е политика која ќе го потикнува опстанокот и развојот на семејствата во градот.Без семејство поставено на здрави основи нема перспектива, и затоа покрај локалната власт, во ова треба да бидат вклучени и сите членови на заедницата во која ќе се негува меѓусебната поддршка и рабирање на оние на кои им е потребна.Љубовта кон децата и меѓу сопружниците ,почитта спрема родителите и негувањето на високите морални принципи како чесност,посветеност и искреност, треба да ги победат сите негативни предизвици на современиот живот.

    9.Енергија за Куманово како македонски град со силен патриотски и слободарски дух.Град во кој ќе се сака и слави нашата татковина Република Македонија, и при тоа никој поради тоа нема да се чуствува загрозен или пак засрамен ,како што денес често се случува, туку ќе биде горд што е дел од оваа држава.Во Куманово треба да зрачи духот на слободата, кој нема да се плаши од лажните  авторитети  и секогаш ќе ја има вистината пред себе.

    Претстои многу работа во периодот што следи.Многу залагање,многу успеси но и разочарувања се пред нас, бидејќи сите наши напори и заложби за подобро Куманово ќе бидат опструирани од оние кои не сакаат успех за градот,дел од нив и директно се одговорни за лошиот филм,од кој треба да излеземе за да продолжи  приказната за Куманово.Во време кога многумина се откажаа од Куманово,не давајќи му никакви шанси,кога апатијата и цинизмот се толку добро одомаќиниле во градот,ВМРО-ДПМНЕ треба да го препознае историскиот момент и сите свои капацитети,кои се огромни,сесрдно да ги вложи за спас  на Куманово.

    Дејан Ристов Дејан Ристов, политиколог

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*