Патем, сакам да кажам уште тоа дека, гледајќи кој и како деновиве се прозива дека бил кодош, просто жалам што сум далеку од таа братија, што не сум политича ѕвезда на која и‘ се може дури и да си нарача обвинение за нонстоп да е на телевизиите и анатемата дека бил соработник на тајните служби да ја преврти во контраобвинение против ,,ситните души‘‘ кои немаат друга работа туку си играат лустратори. Па уште не лустратори на било кого, туку на луѓе од власта! Ајде, ти се молам! Но, прашањето ми беше дали јас бев кодош и дали треба да се лустрирам. Знаете, лустрација значи нешто да се рассветли, или просветли. Да, бев кодош. Ситен, но и крупен. Од ситните кодошења и денденес едно ме боли. На шест или седум годинки украдов сушеница месо виснато над огниште да се суши и тоа во време на најстрогите пости, два-три дена пред Божиќ. Сушеницата ја изедовме заедно со братучетката (С.) со жими мајка никому да не кажуваме. Потоа баба ми фати сам по сам да не шета со прачка по одајата. Газот ми не ми издржа и - признав! Но, целиот кабает го префрлив на братучатката. Ја накодошив дека сушеницата таа ја изнесе од куќата. Минаа години, подзаборавивме на таа ситна епизодичка од детството. Пораснавме и јас станав новинар, односно јавен кодош како што новинарите, меѓу друго, ги нарекуваат. И цел работен век кодошев шефови, директори, политичари, па и обични смртници. За вториве ми е жал и еве - се кајам и им се извинувам. А за првите - ич не жалам иако не е исклучено дека меѓу нив некој е оцрнет во моите писанија неопреавдано. Но процедурите,тогаш, како впрочем и сега беа тие: ќе заседаваа другарчињата од Комитетот, ќе му скроеја капа некому од нивните довчерашни верни сопатници и јас, како професионален јавен кодош ќе го ,,нацртав‘‘ во мојот весник. Другарчињата од Комитетот потоа си ги забораваа и си ги простуваа гревовите за кои на маратонски седници се судеа, ама мене никој никогаш не ми прости за тоа што јавно сум кодошел.Зашто едно е да те анатемисуваат на одредени затворени форуми, а друго да те ставаат на јавен столб на срамот што се вика јавно информирање. Нејсе. Во некоја друга прилика, ако сакате, ќе ви раскажам за тоа дека напати и јас бев жртва на кодошењето од што доживеав неколку тешки трауми и еден банален чир на желудникот.
Столе Божиновски Столе Божиновски
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*