Не го тангира вреваџијата од другата страна на стаклото. Отрпнал на коментари од вакви невоспитани ,, муштерии‘‘. Со мнозинството од молчаливата редица граѓани во ходникот е задоволство да се работи. Стоички поднесуваат да чекаат со белешки за јавната давачка што треба да ја платат. Човекот што на инкасаторот му го сосипува гневот за драњето на народот од страна на државата, им се врти на зачмајаните, кротки и лојални граѓани: - Што молчите бре вие, како ќутуци. До кога ќе сме овчички за стрижење!? Луѓето му одвраќаат со по некој тивок коментар на одобрување и стрпливо продолжуваат да го чекаат моментот кога ќе се доберат до отворот на шалтерот та да си ја платат давачката. Од очите им се чита граѓанската послушност и дисциплина, воспитани се од нивните прабаби и дедовци - само и само на државата да не и‘ си должен. Кога - тогаш долгот на државата ќе те стигне. Можеби ќе позабави, ама нема да заборави! Си чекаат граѓаните да си платат и се преслушуваат во мислите уште на колку места, на колку шалтери денес треба се редат. И уште колку денови има до денот кога треба да се земе (ако се земе) плата, пензија, социјално,технолошки вишок, и пак да застанат во редица пред шалтерите за да си ги платат давачките за минатиот месец. А за дома? За леб и со леб, за книги на децата, за обувки и облека? Ај летоска, уште некако, нема греење, за јадење - лепче и сиренце, пиперка, патлиџан, се крпи некако. Но, во напливот од невесели мисли на граѓанинот во редицата пред шалтерот, се провлекува проклетото ,,молчи и трпи оти има и бетер‘‘! Молчи, зашто сеуште не сме го допреле дното! Ама, го допираме веќе дваесет години, се буни отпорот во инаку молчаливата, кротка душа на граѓанинот. Во државава владее социјална беда, сиромаштијата е искачена до катастрофални четириесет проценти, народот е доведен до питачки стап! - грмат медиумите. Лаже опозицијата преку своите медиумски мегафони - отпоздравува власта преку своите телевизиски послушници. Светска криза е, економијата ни заздравува, реформите напредуваат, Брисел задоволно ни намигнува, ние ветуваме и остваруваме, живот даваме - име не даваме, уа предавници, напред патриоти ! - се редат хистерични поздрави од разбрмчани бумбари на телевизиите. Кошмар. Бунило од романите на Албер Ками? Време е речиси за пауза на уморните и рамнодушни шалтерџии, а редицата апатични кротки граѓани како да не мрднува од место. Се‘ нови и нови доаѓаат.Некои си заминуваат откако го загубиле трпението. Џабе ни компјутеризација на администрацијата, џабе милионски донации од ЕУ за едукација. ,,Абре луѓе, зошто молчите, што уште треба да ни прават та да се свестиме. Ова само кај нас го има. Да се туркаме пред шалтери за да даваме, како да ќе земаме - се лути граѓанинот што мавта со парчето весник на кое со крупни букви пишува дека државата го краде народот. Надвор октомври ги добројува деновите, од ниското тмурно небо роси студен дожд, собите дома се ладни, дали да се вклучува греењето?
Столе Божиновски Столе Божиновски
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*