×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Куманово го нема тоа што го имало во стар Египет

    Драган Петковски – Диги

    И на последната седница на општинскиот Совет советниците од опозицијата вообичаено ја искористија да постават прашања до градоначалникот и локалната администрација. Прашањата се секако, од интерес на граѓаните. Меѓу другите и  уште еднаш беше поставено  прашањето за јавен тоалет. Ова од таму што е застапено во предизборните ветувања и останува само на тоа. А Куманово е еден од малкуте градови без јавен тоалет.

    Одговорот на градоначалникот како и во претходните случаи асоцираше на изгребана музичка плоча. Општината нема средства за таква инвестиција. Во градскиот урбанистички план нема предвидено посебна локација за таква намена и кога ќе се создадат услови тогаш и ќе се изгради јавен тоалет.

    Во меѓувреме граѓаните на Куманово, со тоа и посетителите, ќе мораат да се снаоѓаат како знаат и умеат. Кога ќе и стегне зорт решението е  недкое од најблиските кафулиња, влез на станбена зграда, подрум или подзаскриен агол.

    Затоа и одговорот на градоначалникот  ме предизвика да направам едно мало истражување на ова тема. Сакав да знам каква е ситуацијата со јавните тоалети  во други  земји и како луѓето се справуваат со овој проблем низ светот. Сакав со споредба во светот да го видам местото на мојот град.  Пребарував на интернет и најдов мошне  интересни податоци.

    Со прашањето на хигиената и тоалетите се занимава дури и организацијата на Обединетите Нации. Генералната скупштина на оваа организација, на предлог на Сингапур, во 2001-та година, го прогласила 19 ноември за Светски ден на тоалетите. По повод тој ден тогашниот генерален секретар на УН, Бан Ки Мун најавил кампања која ќе има за цел најдоцна до 2025-та година да се надмине проблемот со недостаток на тоалети и хигиена.

    Хм! Се надевам дека нашиот градоначалник нема да го чека крајниот рок.

    Историски гледано остатоци од јавни тоалети се среќаваат и во стариот Египет, Кина и многу други древни цивилизации. На својата хигиена големо внимание посветувале и во Отоманското царство, па и во нашите краишта се среќаваат остатоци од јавни купатила (амами) и јавни тоалети. Дали старите Египќани би поверувале дека по толку години, во 21-от век, некој уште ќе се занимава со ова!

    Еден градски советник во Полскиот град Познањ, дал предлог на јавните тоалети во нивниот град, да се дадат имиња на луѓе кои на негативен начин придонеле за развој на градот. Според предлогот на овој советник, свои тоалети би добиле само починати историски личности. „Да им дадеме шанса на живите, ако знаат дека ги чека нивно WC, можеби ќе се поправат„ – изјавил советникот.

    Доколку ваква пракса се воведе кај нас би требало да имаме јавни тоалети на секој агол.

    Човек во текот на една година во просек го посетува тоалетот околу две ипол илјада пати, од шест  до осум пати на дневно. Во тоалет во просек поминуваме околу една година од својот живот. Интересно е дека жените за секоја посета на тоалетот трошат трипати повеќе време од мажите.

    Кога сме кај половите разлики, Берлинскиот регионален градоначалник воведува Унисекс јавни WC-а. „Ако постојат тоалети само за машки и женски, тоа ги дискриминира луѓето кои не можат или не сакаат да се определат во ниеден од овие родови, или пак во род кој очигледно не одговара на нивниот биолошки род„ – изјавува тој, во прилог на предлогот.

    Дека човекот се грижи за својот најдобар пријател, има многу примери, а еден од нив е дека општинските татковци во Опатија,   на градското шеталиште изградиле тоалет за кучиња. Причината  била таа што сопствениците со своите миленичиња многу често го користеле шеталиштето, а зад себе оставале непријатни трагови. Ова нешто не и прилега на Опатија која наскоро треба да стане град – музеј.  Далечна иднина е кога кумановските „џукели“ ќе ги добијат истите привилегии како и нивните опатиски роднини.

    Според Гинисовата книга на рекорди најголем јавен тоалет е изграден во 2007-та година, не е тешко да се погоди. Секако тоа е во Кина. На огромен простор, неговиот капацитет изнесува околу илјада луѓе во исто време.

    Технолошкиот напредок ни овозможи омилените дневни весници да ги читаме на екранот на својот мобилен телефон. Во некои случаи би било позгодно при рака да го имаме хартиеното издание. Во такви случаи понекаде во светот може да ви помогне и web страницата SitorSquat.com, која ви помага да го пронајдете најблиското јавно WC. Не би ви советувал оваа апликација да ја користите во Куманово, бидејќи сигурно нема да издржите додека да стасате до местото што ќе ви биде покажано. Апликацијава нуди и можност сами да внесете WC на светската мапа  (доколку не е внесено). Не сум пробал да го внесам и тунелчето помеѓу „Мома“ и „Петокатница“, иако по својот промет го надминува прометот на многу други јавни тоалети.

        Нашиот народ многу често знае да каже:

         „Ако сакаш да видиш каква е домаќинката, погледни во тоалетот!“, или

         „Ако сакаш да видиш каква е кафеаната, погледни во тоалетот!“.

        Јас би додал:

        „Ако сакаш да видиш каков е градот, погледни во тоалетот!“

        Каде да погледнеме, за да видиме какво е Куманово?

    Драган Петковски – Диги Советник на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Куманово, Драган Петковски – Диги

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*