×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Патрис Лумумба, за почесен граѓанин на Куманово

    Драган Петковски – Диги

    Шест улици во Куманово носат имиња на: Карл Маркс, Фридрих Енгелс, Ленин, Клара Цеткин и Роза Луксембург. Тоа донекаде и можам да го разберам ама како покрај толку многу значајни луѓе, “Патрис Лумумба”, премиер на Конго од шеесетите години, заслужил да добие своја улица.

    Поминаа повеќе од шест месеци од последните локални избори и мојот избор за советник во Советот на Општината Куманово. Првите постизборни емоции веќе се минато, главите се оладија и полека го осознавам распоредот на силите во овој Совет, како и тоа што може да се направи од позиција на коалиција која не е на власт. Задачата да го напишам овој текст ме стави во дилема. Која тема да ја изберам?! Што е тоа што во моментов би ги засегнало моите сограѓани и би ги натерало да ги прочитаат моите размислувања.

    Постојат многу работи кои заслужуваат да се пишува, многу проблеми што поодамна чекаат на решавање. Секако во прв план би биле егзистенцијалните, оние што најмногу ги засегаат граѓаните, потоа надминување на проблемот со невработеноста – проблем кој најчесто како прв го истакнуваат повеќето наши сограѓани, водоснабдувањето, што исто така е основно право на секој човек, проблемот со сообраќајниот и со урбаниот хаос, недостаток на простор во градинките и може да набројуваме уште многу.

    Меѓутоа за сето ова веќе многупати е зборувано и пишувано, а јас не би сакал да повторувам за нешто што на сите им е познато. Не дека нема што да се додаде, ама повеќето од овие проблеми се честа тема на Советот, за нив се зборува и пишува во медиумите, а неретко се и тема на чаршиските муабети по кумановските кафулиња и чајџилници.

    Во случајов би пишувал за една тема за која што поодамна размислувам. Своите размислувања сум ги споделувал со повеќето свои пријатели, припадници на разни провиниенции, како партиски, така и професионални и социјални, со луѓе   задолжени за оваа проблематика, но и со обични граѓани. Од сите нив речиси, добив слично мислење. Се согласуваат дека треба нешто да се направи на оваа поле ама “не сега”. Тоа е прашање кое може да разбранува многу духови и да засегне многу интереси. Тоа е прашање што во моментов погодува многу кумановци, кои не можат да го остварат своето основното право, да добијат лични документи кои им следуваат како државјани на ова земја. А, тоа е прашањето со имињата на улиците во нашиот град.

    Мое прво барање како советник од општинската администрација, беше да добијам список на улици во Куманово, на што веднаш ми излегоа во пресрет и тој список го добив за многу кратко време. Тоа беше една табела, која била правена за друга намена и од неа можев да ги искористам само имињата на улиците, односно на оние улици кои имаат имиња. Останатите се означени со броеви или воопшто не се означени. Жителите на овие неозначени улици се принудени да се снаоѓаат, да вадат лични документи на туѓи адреси, а за останатите потреби како, примање на поштенски пратки, повикување на брза помош или пожарна, се снаоѓаат како знаат и умеат.

    Меѓутоа мојата намера не е да пишувам за овој проблем. За неозначените улици. Ќе се задржам на улиците кои што веќе имаат имиња и за нивното значење, нивната поврзаност со нашиот град, како и тоа со што ја заслужиле таа чест да станат имиња на улици во Куманово. За таа цел направив мала анализа на тие имиња и ги групирав по неколку критериуми.

    Би започнал со најстрогиот центар на градот, плоштадот “Нова Југославија”. Можеби во времето кога на овој плоштад му е дадено името тоа било актуелно и се знаело која е “стара”, а која “нова” држава, но во меѓувреме се случија многу несакани настани на овие простори, се создадоа и престанаа да постојат неколку “нови југославии”, па така ова име го загуби некогашното значењето што го имало и кај повеќето граѓани буди непријатни сеќавања.

    За многу улици во Куманово се искористени имиња на градови од поранешната држава и пошироко. Вакви улици успеав да пронајдам петнаесет. Меѓутоа интересен е изборот на тие градови. Некој ќе каже дека тоа се градови кои на некој начин се блиски до Куманово, и дека на тој начин заслужиле да имат улици со нивните имиња. Меѓутоа една друга анализа ми покажа дека во само два од тие градови постојат улици кои го носат името “Куманово”. Толку за реципроцитетот. Според географската припадност само два од овие градови се надвор од бивша Југославија (Солун и Трст). За првиот од нив имам објаснување, меѓутоа за вториот навистина незнам каква врска има со Куманово. Можеби затоа што еден период многу кумановци носевме гардероба набавена во Трст, ама по тој критериум во Куманово многу повеќе заслужуваат да има “Авганистанска” или “Ирачка” улица. Кај нас дури постои и улица која носи име на град кој веќе не се вика така “Титова Митровица”. На кој начин, со кои врски и кои се заслугите да имаме улици по име: Вуковарска, Вараждинска, Лесковачка (не би сакал да верувам дека е поради скарата), Панчевачка, Ужичка, Никшиќка, Ристовац, Дрвар, Горно Милановачка, не успеав да пронајдам. Исто така чудно е што само два града во Македонија ја имаат таа чест да имаат кумановски улици, а тоа се Скопје и Пробиштип.

    Во Куманово постои улица “Париска комуна”. Веројатно никој од нас не очекува  дека за возврат во Париз ќе има улица што се вика Куманово. Зачудува тоа што дури ни во Париз не успеав да пронајдам улица која се вика “Париска комуна”. Дали тоа значи дека кумановци се поголеми Французи од парижаните?!

    Една од главните сообраќајници во градот носи име “Октомвриска револуција” и не би имал ништо против ако во Куманово се најдеше простор за една од најсветлите точки од нашата историја “Карпошово востание” или за “Карпош - кумановскиот крал”.

    Шест улици, носат имиња на странски личности, од кои пет од историјата на меѓународното комунистичко движење: Карл Маркс, Фридрих Енгелс, Ленин, Клара Цеткин и Роза Луксембург. Тоа донекаде и можам да го разберам ама како покрај толку многу значајни луѓе единствено заслужил да добие своја улица  “Патрис Лумумба”, инаку премиер на Конго од шеесетите години, не верувам дека знае никој жив во Куманово.

    Што е тоа “Прва петолетка”? Во право сте ако мислите дека тоа е фабрика од Трстеник во соседна Србија, ама за вистинското значење тешко да знае некој помлад од педесетина години, а и ни оние што се сеќаваат на тие времиња тешко дека ова име им буди пријатни спомени.  

    Анализирајќи ги историските личностите чии имиња носат нашите улици неизбежно се доаѓа до заклучок дека речиси деведесет проценти од нив се поврзани со НОВ и Комунистичката партија на Југославија. Како кај нас се да започнало од 1941 година. Претходната историја како да и не постои. Меѓу нив за некои личности и покрај најдобрата намера и можностите кои ни ги овозможува Интернетот, не успеав да најдам никаков податок. Ни кои се, ниту од каде се, а уште помалку која е нивната заслуга за да кумановските улици ги слават нивните имиња.

    Би бил неизмерно благодарен на сите кои можат да ми дадат некои податоци за: Драган Стопаревиќ, Милорад Петровиќ, Анѓа Ранковиќ, Љубица Михајловиќ, Ратко Митровиќ, Стево Филиповиќ, Јован Поповиќ, Миле Спасиќ, Милорад Поповиќ и многу други чии што имиња ги среќаваме листајќи го кумановскиот адресар.

    Да не излезе дека само критикувам, би било во ред да дадам мое видуваwе и мои предлози. Како критериум би требало да се воведе услов да не се ставаат имиња на луѓе и настани кои не го поминале судот на времето. По можност да се стават имиња кои и онака локално граѓаните ги користат: Проевски сокак, Нагорички сокак, Врањско џаде, Пчињски пут, Бедињска улица и сл. Исто така интересни се и географски поими од Македонија: Пелистерска, Преспанска, Мариовска, Малешевска. Како имиња на улици можат де се користат и познати објекти кои се наоѓаат на тие улици: Турска пекара, Орта бунар, Соколанска, Долен парк. Имиња на познати личности кои го задолжиле светот: Ајнштајн, Њутн, Едисон, Галилеј, Архимед. Исто така верувам дека никој не би имал против докажани светски уметници: Леонардо, Пикасо, Моцарт, Бетовен, Толстој или Шекспир.

    Ќе бидам задоволен ако овие мои размислувања придонесат да се трегне правот од ова табу тема, за која сите знаеме ама не ја изговараме на глас.

    Драган Петковски – Диги Советник на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Куманово, Драган Петковски – Диги

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*