Три дена ја следев седницата на Парламентот на која се расправаше за состојбите во здравството, и не сум знаела дека толку многу болници се направиле во државата, толку многу апарати се купиле, толку многу специјалисти се вработиле, толку многу се средени болниците што пациентите не сакаат да излезат од нив. Се прашувам себеси каде живеам јас, во Куманово или во Монтреал. Не можам да се изначудам како тие благодети ги гледа само власта, а ние од опозицијата и граѓаните сме слепи при очи. Затоа јавно прашувам, има ли некој во овој наш град кој отишол во болница и се снимал на магнетната резонанца или на било каков современ апарат за срце, око, глава, коски...? Во нашата болница едвај преживуваат и оние малкуте професионалци кои останаа на државно јасле, не заради платата и условите, туку, единствено заради пациентите или неможноста да отворат приватна пракса од сосема круцијални причини.
За да не мислат „преродбениците„ дека сите сме со кратко паметење ќе изнесам дел од фамозната „Преродба во 100 чекори„, надградена и преградена за да видите што ветиле, а што оствариле:
-На страната 170 пишува: „Реконструкција на 41 јавна здравствена установа„ (меѓу кои и болницата во Куманово) во период септември 2009-2011.
Лага е!
Јас не гледам дека нашата болница е реконструирана. Можеби дел фасадирана ама внатре сеуште си стојат старите хируршки сали, болнички соби, валкани тоалети, искинатите чаршафи и пижами, дотраени кревети и душеци, стари маси и столчиња. Доволно е мака да ве натера да отидете до хируршката амбуланта во подрумските простории и уште во ходникот здравствената состојба да му се влоши од „среденоста„ и опременоста на болничките простории. Таму имате чувство дека посетувате амбуланта од хорор филм.
-На страница 168 е наведено: „Ќе отвориме нов Ургентен центар за хирушки и интернистички здравствени услуги и ќе го поврземе со системот за ургентна медицина во целата држава„ до јуни 2010.
Лага е!
Во Куманово имаме се, само Ургентен центар не. Три пати свечено го отваравте и сечевте лента, а сега сакате скришно да го затворите затоа што не сте способни да го менџирате. Наместо да биде репрезент на здравството во градот, каде граѓаните во најтешките моменти во животот ќе добијат соодветна здравствена заштита од искусни лекари специјалисти, вие дозволивте во него да работат лекари почетници. Повеќето од нив, како и медицинскиот персонал не го знае ни официјалниот јазик на државата во која живее, но зато има книшка од вашиот коалиционен партнер, кој му е гарант за сигурно работно место.
-На страна 171 стои „Ќе ги отвориме повторно амбулантите во околу 100 населени места... (Старо Нагоричино, Табановце, Пчиња...)„
Лага е!
За жал во овие три села, амбулантите никако да стигнете да ги отворите. Претпоставувам дека мислите дека таму луѓето не се разболуваат оти имаат чист воздух и лековити треви или добиваат владини субвенции па од силна работа по нивите, сигурно немаат време да се разболат. Ги нема ни во графата за инвестирање во 23 нови амбуланти во рурални средине.
-На страницата 167 пишува: „Автономија на успешните општи и специјални болници„, до 2010 година.
Лага е!
Да не е жално би било смешно. Нашите болници со по два менаџери се дават во долгови од недомаќинско работење ама и од превработеност со котлари, стражари, градинари, грнчари, ваганари, секретари ама лекари нема ни за лек. Тие се дефицитарна струка - немаат вмровска книшка.
На страна 170 пишува:„Современа медицинска опрема„ 40 милиони евра рок септември 2008 година.
Лага е!
Ај што рокот е утнат, ај што опремата ја набавивте по повисоки цени од онаа што е на пазарот, ај што на нив нема обучени кадри да работат, ај што стои по магацините и фаќа прашина, ај што се амортизира од стоење, ај што ќе заврши и овој проект како оној со компјутер за секое дете, ај што народот плаќа за онаа што не го користи, ај за се ова..., ама ќе понесе ли некој од вас одговорност што отидоа во ветер толкави милиони?
Приказна за себе се дежурствата на матичните лекари, немањето на лекари специјалисти, недостатокот на лекови и многу други проблеми кои секојдневно го тресат кумановско здравство. Ниедна реформа не ја направивте со цел да функционира и им биде од корист на граѓаните, туку со една цел-да се добијат изборите, ама со парите на граѓаните. Има уште многу ветувања, многу милиони евра, многу рокови ама ништо нема исполнето. Преродбата и не е пишувана за народот туку за оние кои ја пишувале. Природата на луѓето е непостојана, лесно е да се убедат но тешко е да се одржат во тоа убедување. Вие не издржавте!
Советник на СДСМ
Марина Манојловска
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*